Пировата победа е опис на ситуација кога едната страна ги остварила сите тактички и оперативни цели на некоја акција, но притоа е толку материјално, морално и кадровски исцрпена што не е во состојба да ги заокружи и реализира стратегиските цели што биле планирани на почетокот. Пирова победа е успех што не ги оправдува претрпените жртви и наместо корист, на победникот, на долг рок, му донесува поголема штета
Сега кога се потсмирија страстите по одржаните вонредни собраниски избори, на ред се потрезвените анализи која партија што добила, која што изгубила. Кај редица објективни политичари, аналитичари и новински коментари може да се сретне реченицата дека безмалку сите водечки партии победиле, но сите постигнале Пирова победа. Ако се погледнат бројките на добиените пратенички места во Собранието, може да се заклучи дека таа формулација е блиска до вистинската состојба.
Човековата историја е преполна со примери за големи победи и големи порази на армии, на војсководци, на нации, на народи, на големи личности, има горчливи и срамни победи, како што има и незаслужени порази или, пак, целосни крахови. Во тоа мноштво, сепак, една победа, отскокнува по својата универзална симболика: таа е Пировата победа. Кралот на Епир, познат по името Пир, остана трајно запишан во историјата не поради воената или друга слава, туку токму поради изразот што е поврзан со неговото име.
Како дошло до тоа? Легендата ни кажува дека неговата храбра армија во обидите да го освои Рим добила неколку битки, но претрпела големи загуби. Од битка во битка губел голем број од најдобрите војници, генерали и офицери. Имал ненадоместливи загуби во оружје и други борбени средства, изгубил многу коњи и слонови, а му снемувало и пари за да ја финансира армијата, да регрутира нови војници. Во таква ситуација, по победа во една битка рекол: „По уште една ваква победа, јас во Епир ќе се вратам сам!“ Други извори му ја припишуваат реченицата: „Ако победиме уште во една битка против Римјаните, ние ќе бидеме целосно уништени!“ Епилогот е што Пир навистина победил во неколку почетни битки, но на крајот Римјаните ја добиле војната. Пировите победи на крајот се покажале како голем пораз.
Така настанал изразот што и денес се употребува кога се сака да се означи некој (нечиј) успех постигнат по висока цена, со големи жртви и кога победата е речиси еднаква (рамна) со пораз. Основната смисла на фраземата е означување победа со која се добива една битка, но на крајот се губи војната.
Војнички кажано, Пировата победа е опис на ситуација кога едната завојувана страна ги остварила сите тактички и оперативни цели на некоја акција, но притоа е толку материјално, морално и кадровски исцрпена што не е во состојба да ги заокружи и реализира стратегиските цели што биле планирани на почетокот. Пирова победа е успех што не ги оправдува претрпените жртви и наместо корист, на победникот, на долг рок, му донесува поголема штета.
Како своевидна спротивност на поимот „Пирова победа“ се означува поимот „херојски пораз“. Поразот е пораз, иако и поразите може да се слават, има низа такви примери низ историјата. Како што има заслужени, така има и нечесни победи, како што има чесни порази, така има и валкани. Ниеден пораз не е срамен, секој обид за отпор и за борба е јуначки чин, особено ако притоа се брани својот образ, историското национално достоинство, ако се води борба за победа на правдата над неправдата, за победа на вистината над лагата, или за добрата иднина на новите генерации. Има митска изрека дека е подобро јуначки да загинеш, отколку кукавички да живееш.
Но има и друга спротивна, пореална, која вели дека е поарно да бидеш жива кукавица, отколку мртов херој. Некои велат дека јуначкиот пораз е подостоен за паметење отколку сомнителната победа, но прашање е колку се во право. Исто така, многумина филозофи сметаат дека поразот во започната битка не е најлош од сите неуспеси. Поголем пораз е ако не се обидеш да сториш што било за да ја измениш ситуацијата.
Но да се вратиме уште малку на кралот Пир. Кој бил Пир? Пир бил кралот на Епир, од почетокот на третиот век пред новата ера, еден од најголемите антички војсководци. Според некои извори, бил наследно колено од родот на Олимпија, исто така Епирка, мајката на Александар Македонски. Станал крал на 12 години и цел живот војувал и освојувал територии обидувајќи се да создаде големо кралство во западното Средоземје. Легендата кажува дека освен крал на Епир, во две раздобја, накратко, меѓу 288 и 273 година пред нашата ера, бил и крал на Македонија, која ја освоил во војна. Му се припишуваат особини на лукав и тежок преговарач, на владетел ненавикнат на мир, војувањето му било во крвта, потребата за победа му го опседнувала духот. Занимлив е податокот дека освен што војувал и кралствувал, пишувал и поезија, за да си олесни на душата од маките што ги имал, да заборави на крвта што ја гледал кај своите загинати војници.
Географски, Епир е балканска висорамнина, денес поделена меѓу Грција и Албанија, населена со мнозинско влашко, денес асимилирано, население. Во книгите на влашките историчари лингвисти се тврди дека првите влашки зборови се забележани во разговор меѓу двајца војници од Пировата војска.
Но колку може судбината да си поигра со великаните, колку нивниот крај може да биде жалосен или трагикомичен покажува и примерот со неговата смрт. Како загинал големиот војсководец? Загинал невојнички, како што никој, а најмалку самиот тој очекувал. Имено, кога бил повторно силен, тргнал да ги освојува Спарта и Пелопонез. Во Спарта се водела битка во градот. Ноќе, во мрак, малата војска залутала низ улиците, не можела да се снајде. Кога утрото Пир сфатил дека противникот е многу посилен и решил да се повлече, дошло до голема турканица кај градската излезна порта. Легендата ни кажува дека во тој метеж, настојувајќи да побегне, Пир не загинал ниту од маж, ниту од копје, ниту од меч, туку од жена. Во метежот некоја непозната жена го удрила по главата со тула, по што се онесвестил, бил во несвест.
Притоа некој противнички војник, без да знае кој е, му ја отсекол главата.
Историските извори наведуваат и еден мошне занимлив разговор што кралот го водел со некој Кинеј, вешт говорник и дипломат, негов советник и човек од голема доверба. Имено, кога кралот се фалел со плановите што ќе постигнат и освојат, Кинеј го прашал што ќе прават кога ќе ги остварат сите поставени цели. Пир одговорил дека тогаш веќе нема ништо да работат, дека ќе уживаат во стекнатата слава и богатство, ќе има многу за јадење и пиење, ќе го минуваат времето во забава и веселби. На тој одговор, Кинеј препрашал: А што ни стои нам на патот тоа да го направиме уште сега, без да војуваме, без да пролеваме крв, без да се изложуваме на големи опасности и напори, да поднесуваме жртви, да им нанесуваме зло на другите, а и на самите себе. Но тие зборови, наместо да го омекнат и задоволат кралот, уште повеќе го налутиле, зашто бил таков по карактер – никако не можел да се одрече од своите амбиции и надежи за победа, за успех, од неизгасливата желба за освојување и за власт.