Во моментов кога ќе излезе колумнава, огромни се шансите Република Македонија да биде горчливо минато.
Корумпираното велепредавничко мнозинство во парламентот ќе нè укине како постоење. И Македонија и нас Македонците. Пред Собранието ќе останат очајот, солзите и клетвите на оние двесте-триста искрени Македонци, кои до последно се бореа да ја спасат татковината. Не успеаја, наспроти нив стоеја огромната изопачена светска моќ, безумната јавност, медиумите и полтроните интелектуалци, како и огромното мнозинство незаинтересиран малодушен народ загрижен само за сопствената удобност. Во мојата свест, за ликвидацијата на Македонија има пирамидална одговорност. Ајде да започнам!
Живеејќи во две држави, Југославија и Македонија, низ годините имав слушано илјадници навреди речиси за сите други народи, да си помисли човек дека се родил во не знам каква супериорна раса. Не, не стануваше збор за омраза кон тие други народи или, пак, за класичен нацизам, туку едноставно социјализмот ги учеше луѓето дека тие живеат во најдобрата држава и општество, па оттука се раѓаше еден сеирџиски злорадосен потсмев и надменост спрема другите. Навистина, што сè немам изнаслушано. Дека Американците се глупави, Британците инцестуозни, Германците да ти биле роботи, а Французите педери, Русите беа пијандури, Чесите и Полјаците се продавале за пет долари, а Бугарите за три чрвени, Хрватите и Словенците беа австриски коњушари, а Грците мрзливи апаши и така натаму. И кој, од денешна перспектива, вака навредливо и надмено беседеше за другите? Оние што останаа без идентитет и ја изгубија државата за да не плаќаат радиодифузна такса, а нивните деца да не полагаат екстерно. Кои останаа без корен, ама се согласија и мајка да си онадат ако треба, за да добијат партиско вработување. Оние што останаа без историја, ама како расипани папагали на батерии продолжија да повторуваат дека партиите се виновни за она што ни се случува за да ја оправдаат сопствената малодушност. Кои се откажаа од сопствената нација, па си ја дадоа честа за 500 евра плата, но иако им ја обработија честа, не добија пари.
Оние што останаа без традиција и продолжија да озборуваат по кафеани додека околу нив се распродава државата. Кои останаа без образ и си ја дадоа душата за странски грантови. Кои останаа без култура, ама трчаа да ги оседлаат коњите на амбасадорите. Оние што останаа без јазик, ама продолжија да им намигнуваат на синовите и ќерките да си фатат НАТО-војник за дечко, оти овој може некое доларче да фрли. Кои останаа без малцинство и продолжија да замислуваат како на соседот му умира среќата.
Горенаведениот пример ја прикажува основата на пирамидата. Тоа е народот. Во мојата пирамидалната претстава за организираното убиство на Македонија, основата навистина е најнискиот дел, но за мене тоа е најважниот. Без основа, пирамидата ќе се сруши. Е, токму народот, основата на државата, најмногу потфрли. Излезе, според однесувањето и недејствувањето, дека народов не заслужува држава.
Од најраните години на детството ги слушам надменоста и вообразеноста на мојот народ спрема другите народи, претставени преку гореспоменатите примери. Па така беше, бе глупак, ќе крикне навредениот граѓанин, во времето на Тито бевме државиште. Имам што да му одговорам. Од приложените факти и реалноста околу нас, излегува дека Тито бил државиште, оти штом тој умре, ние ѝ се посравме на државата. Ете, сега и Македонија ја уништивме. Не е точно, ќе вресне навредениот, Америте ја уништија Југославија. Америте ли, ќе прашам за крај, оние најглупите од почетокот на колумнава? Не, драги мои, никогаш не сфативме дека државата е наша сопственост, па затоа и имаме најголема одговорност.
Над основата е првото скалило. Тоа сме ние, јавните личности. Интелектуалци, академици, професори, новинари, експерти, аналитичари и уметници. Нè има два типа. Малцинството од нас што вака-така се бореше за нашето право да се именуваме како сакаме. Но ние сме само ветре наспроти бурата што доаѓаше да нè збрише. Секој од нас носи голема суета во срцето, па не најдовме сила како нашите предци да се жртвуваме. Да имаше барем за кого да се жртвувам, ова се зборовите со кои јас си се правдам пред самиот себе. Обичен изговор за кукавичлак. Наспроти нас стои огромното мнозинство јавни личности што одработија и поддржаа укинување на Македонија. Ако може да се каже дека има нешто добро во оваа ужасна трагедија, тоа е фактот дека ѓубрето исплива на површина. Огромен број лажни величини се покажаа како обични малодушни полтрони на моќта, кои за грст долари беа подготвени да жртвуваат и чест, и образ, и биографии. Ќе завршат на буништето на историјата како истрошени и фрлени пачаври.
Скалило над нив, со помала, но силна одговорност се удбашките структури испреплетени како свински црева во сите нивоа на државата. Некогашните удбашки агенти и кодоши ги напикаа своите синови и ќерки во сите пори на општеството. Од нив смрдеа се крева до небото. Со децении и генерации ја роварат државата, работејќи против неа за туѓи интереси и служби. Ниво погоре, а со помала одговорност, се двете политички партии што три децении владеат со Македонија. Од нас се излезени тие луѓе. Ние им дозволивме да прават што сакаат. Им ја предадовме државата во нивна сопственост, лажејќи се дека тие се силните, а всушност само најдовме начин како да избегнеме одговорност. Веќе имам напишано, ако се земат предвид фактите, излегува дека ВМРО-ДПМНЕ не е способно да ја зачува државата, а СДСМ се мајстори за нејзино уништување. На последните две скалила до врвот на пирамидалната одговорност се најпрво нашите сограѓани Албанци, а над нив соседите Грци, Бугари и Срби.
Албанците веројатно никогаш нема да разберат дека беа само злоупотребени марионети во битката за укинување на Македонија. И тие и соседите само продолжија со националшовинизмот онаму каде што застанаа нивните предци од 19 век. На врвот на пирамидата на злосторничкото здружување против Македонија е изопачената моќ на „длабоката држава“, ЕУ и НАТО, инаку идеолози и творци на сценариото за идентитетски геноцид врз цел еден народ, македонскиот. Нивниот варваризам, изопаченост и фрустрации спрема македонизмот, стари цел еден век, конечно родија плод и дадоа резултат. Ќе ја избришат Македонија сосе Македонците од картата на постоењето, ама сепак се најмалку виновни. Ништо од сето ова немаше да им успее ако оние под нив во пирамидава не се покажеа како недостојни да постојат.