Во амандманот V на Уставот на Република Македонија, донесен на 16 ноември 2001 година, во став 1 стои: „На целата територија во Република Македонија и во НЕЈЗИНИТЕ МЕЃУНАРОДНИ ОДНОСИ службен јазик е македонскиот јазик и неговото кирилско писмо“. Има и други објаснувања за користење на јазиците во земјава ама никаде не се одобрува алтернатива зa меѓународната комуникација.
Во „Вечер“ од 24 октомври 2019 година („Пендаровски се заблагодари на Сенатот на македонски, англиски и албански јазик“) прочитавме дека претседателот на државава им пишал на САД, за ратификацијата на протоколот на наше членство во НАТО, и на албански јазик. Со тоа тој директно го крши и игнорира Уставот. Всушност, по веќе утврдената практика, им се додворува на Албанците. Во дипломатијата, писмата во вакви пригоди се испраќаат на македонски јазик, а се приложува и неофицијален превод на англиски јазик. Ништо повеќе.
Така треба, ама што е кај нас како што треба? Непишано правило во земјава е македонските политичари строго да водат сметка да не им се замерат на Албанците во реализацијата на нивните нагласено национални интереси. Тие често замижуваат не само на неуставни туку и на крајно нелегитимни барања, кои, по правило, ги загрозуваат фундаменталните интереси на македонскиот народ и државата ја водат во сосема погрешна насока. За нив нема цена потребата да се дојде или остане на власт. Сите се свесни дека Албанците прецизно водат сметка кој како се однесува кон нивните политики и дека нема да прифатат македонски политичар на висока позиција ако тој не покажал слух за истите тие. А тие, најчесто, се – големоалбански.
Познато е дека кога ДУИ ја поддржа кандидатурата на Пендаровски, тој задоволно дури и гордо реагираше дека – тоа е доказ дека не им се има замерено во неговото дотогашно политичко дејствување. Така, самиот ни навести дека одамна водел сметка за тоа. Му било јасно албанското влијание во изборот на врвните македонски политичари и – секогаш бил на нивна линија. Многу е чудно што тој се гордее со таквото свое однесување, кое, во основата, значи дека долго се однесувал непринципиелно и против интересите на сопствениот народ.
Познато е, на пример, дека според сегашната легислатива, претседателот на државата не може да биде избран без поддршка на Албанците. Тоа се повтори и со Пендаровски, кога тие пресудија. Тие ја злоупотребуваат оваа ситуација користејќи и политички уцени. Инсистираат и на консензуален претседател, што, со други зборови, значи дека ќе може да биде само некој што тие ќе го прифатат. Тие што им се замериле – немаат шанса. Ние ќе предлагаме, за тие да одберат. Сѐ’ заедно, тоа директно води во федерализација на Македонија. Со овој потег, пак, како и со потпишувањето на указот за законот за албанскиот јазик, кој е целосно неуставен, Пендаровски практично им се оддолжува за изборот.
Слободно може да се заклучи дека ситуацијата во која сме доведени како македонски народ е резултат токму на таквото безрбетно однесување на „нашите“ политичари. Само напред, Македончиња. Не е лесно да се уништи сопствениот народ, ама сега е полесно од некогаш кога меѓусебните убивања беа редовна практика. И тогаш во заднина беа странските интереси, кои ги диктираа погубните разлики и го делеа македонскиот народ. Историјата се повторува, ама вие можете да бидете спокојни и со чиста совест, бидејќи народот ве толерира. До кога, ќе видиме.
Има голем број примери дека играњето на албанска карта е честа практика на нашите мудри политичари или, поточно – себични калкуланти, кои за своите интереси се подготвени да ги згазат државата и сопствениот народ. Ќе спомнеме уште еден, многу карактеристичен, за кој на времето објавив и колумна во „Дневник“. Кога беше актуелен извонредниот закон со кој се стимулираше наталитетот во општините каде што е тој низок, Шеќеринска јавно реагираше: А што ќе кажат Албанците? Во законот воопшто не беа спомнати етносите и тој беше мајсторски смислен, бидејќи демографската политика мора да биде една од главните должности на секоја држава, а тенденциите кај нас беа апсолутно негативни и погубни за долгорочните интереси на македонскиот народ. Низок наталитет има само во општините каде што живеат Македонците, ама тоа не се спомнуваше во законот.
И Шеќеринска беше свесна дека нејзините амбиции не можат да се реализираат без поддршка на Албанците и затоа се изјасни против законот. Сѐ друго не ѝ беше важно. Законот беше преформулиран за да важи за сите општини. Негативните демографски процеси добија државна поддршка.
Да потсетиме дека високиот наталитет на Албанците во земјава не е резултат само на некаква традиција, на сиромаштија или слични причини. Тој беше секогаш и политички и верски стимулиран. Некаде во 1970-тите години, во еден првомајски број, весникот „Нова Македонија“ донесе аргументирана анализа објаснувајќи дека оџите во џамиите, по стапувањето во брак на младите Албанци не им дозволувале да се молат сѐ додека не добијат и петто дете. Тие, пак, тоа го исполнувале за околу четири години.
Дека тоа беше и е прецизна албанска политика потврди и Платформата за решавање на албанското национално прашање, подготвена во Тирана, во 1998 година, од Албанската академија на науките, по барање од претседателот на државата, Мејдани. Тоа беше класична стратегија за реализација на големоалбанскиот проект. Во изработката учествуваа и лица од Македонија, Косово, Црна Гора… Во неа јасно е предвидено, а може да се каже и планирано, дека Македонија ќе биде „освоена“ преку високиот наталитет со кој албанското население ќе стане најмногубројно.
Македонските политичари, пак, преокупирани со целта да го уништат својот ривал, немаат време да се занимаваат со Албанците. Сите се сеќаваме дека, по агресијата од Косово, тие изјавуваа дека командантите на ОНА, кои пукаа во државата, а челникот на НАТО, Робертсон, ги нарекуваше терористи – нема да можат да бидат во врвот на политиката. А тие станаа министри и сѐ друго, дури и тој што ја исклучи водата во Куманово. Таа практика продолжува и до денес. Муса Џафери, како потпретседател на Владата, изјавуваше дека – иднината на Македонија е во федерација. Тој иницираше и национален конгрес на градоначалниците Албанци од Македонија, Косово, Црна Гора и Албанија, во наша организација… И, без проблем беше реизбиран. Како министер за одбрана, Фатмир Бесими, со други Албанци во униформи на АРМ, без никаква координација, им оддаваше официјална почит на загинати од ОНА и УЧК во селото Слупчане. Истиот тој, крајно нелегално, во НАТО испрати „бела книга“ и на албански, исто како и Пендаровски сега. На питомците во Воената академија им се обрати на албански… Зијадин Села, како кандидат за градоначалник на Струга, повикуваше – гласајте масовно за да го бетонираме фактот дека Струга е албанска… Тие прават што сакаат, а Македонците спијат и работат едни против други.
Сосема е видливо дека сите македонски политичари што ја водат земјата по нејзиното осамостојување, освен премногу ретки исклучоци, немаат поим што е тоа држава и како таа се води и чува. Последниве неколку години, пак, тој нивни „квалитет“ максимално доаѓа до израз и финализира во капитулантски договори со соседите и со донесување закони со кои се анулира повеќевековната борба на македонскиот народ за своја држава. Просто е неверојатно како Македонците, кои опстанале во еден долг период на турски јарем и други окупации, во услови на негирања, геноциди и асимилации… а сега, кога веќе создадоа своја современа држава, се изгубени во вселената и не сфаќаат што им се случува. Поддржуваат и гласаат политичари за кои ништо не е свето, ниту националното, ниту државното, ако така им диктираат нивните лични или партиски интереси, кои повторно се сведуваат на примитивна себичност.
За разлика, албанските политичари филигрански прецизно и на долгорочна основа, работат на своето национално обединување. Тоа е нивно право, кое начелно никој не може да им го оспори, ама пред една таква очигледна практика во никој случај не смеат да се затвораат очите, ниту да се молчи. Наместо да го разбираат тоа и да се борат за интересите на државата и на сопствениот народ, Македонците се нивни понизни слуги. Заради власта, тие евтино им се продаваат, без воопшто да ја чувствуваат одговорноста за македонскиот народ. За да се опаметат, треба само да следат што прават Албанците за својата кауза и да учат од нив.
Моментално, минуваме низ интермецо. Се чека само да се навикнеме на прекрстувањето за да почнат новите удари и од надвор и од дома. Овде ќе следуваат менување на химната и на знамето, поделен буџет, уште еден дом во Собранието, неизбежни ќе бидат и два претседатели во претстојната федерација… Со три, само Босна ќе биде пред нас! Во план е трета албанска држава.
На крајот од денот, сите ние сме виновни за тоа што ни се случува. Самите дозволуваме некој да си игра со нас и да ни го брише народот. Впрочем, секој си жнее тоа што си го посеал. Ако не сме подготвени да се мешаме во сопствените внатрешни работи, се знае што нѐ чека. Следните избори неизбежно ќе ја покажат нашата вистинска (не)доветност.
Авторот е поранешен амбасадор