Дали постои екстензивна дискриминација врз жените кај нас?! Дали се прекршуваат принципите на еднаквост на правата и почитување на човековото достоинство?! Дали постои разлика, исклучување и ограничување врз основа на полот?! Дали државата или поединците ги презеле соодветните мерки, вклучувајќи го и законодавството, за да им се обезбедат целосен развој и напредок на жените, со цел да им се гарантираат остварување и уживање на човековите права и основните слободи врз основа на еднаквост?! Дали Комитетот за елиминирање на дискриминацијата врз жените на Обединетите нации ќе затропа на македонската врата?!
„Лакмус за демократијата“, иако е сентенца и претставува реален процес или индикатор за реалните проблеми во кои се наоѓаме како држава и поединци, започна на 6 август 2021 година, кога претседателот на парламентот ги распиша локалните избори за 17 октомври 2021 година. Избори што треба да ја компонираат идната локална власт, а уште поважно е да го измерат нашето цивилизациско однесување во текот на изборната кампања.
За таа цел, овие избори се набљудувани од две релевантни и акредитирани меѓународни организации – Мисијата на ЕУ и Мисијата на ОБСЕ/ОДИХР, како и од 17 дипломатски и странски делегации. Секако, тука се и набљудувачите од македонските невладини организации и акредитираните претставници на кандидатите. Навистина голема бројка на набљудувачи, која слободно може да го добие синонимот на Аргус Стоокиот, митолошкото суштество олицетворено во џин со сто очи што гледа сѐ.
Во насока да се репродуцира перцепцијата од овој процес, мисијата на Организацијата за безбедност и соработка во Европа го објави својот прв извештај за периодот пред и за време на првиот круг на изборите. Извештај што препорачува длабоки реформи и има доста сериозни забелешки, како поткуп, омраза кон жените, негативна кампања, лошо законодавство итн. Четиво што ќе се најде пред секој дипломат или инвеститор што сака подобро да ја запознае нашата Македонија.
Во извештајот недостига само улогата на Министерството за внатрешни работи во овој изборен процес, претпоставувам дека овој раритет го имаат оставено за конечниот извештај, кој треба да го објават по вториот круг.
Извештајот на Организацијата за безбедност и соработка во Европа (Канцеларија за демократски институции и човекови права) посочува дека – од двесте деведесет и девет кандидати за градоначалници, само осум проценти биле жени; од седум члена на Државната изборна комисија, имаме само две жени; постои сајбер-малтретирање, кое е особено нагласено и изразено врз новинарки; во текот на кампањата жените често биле подложени на навредливи зборови и говор на омраза; проблемите со тајноста на гласачите и широкораспространетото групно гласање негативно влијаат на учеството на жените во избирачкиот процес итн.
Ваквите констатации го наметнуваат прашањата: Дали постои екстензивна дискриминација врз жените кај нас?! Дали се прекршуваат принципите на еднаквост на правата и почитување на човековото достоинство?! Дали постои разлика, исклучување и ограничување врз основа на полот?! Дали државата или поединците ги презеле соодветните мерки, вклучувајќи го и законодавството, за да им се обезбедат целосен развој и напредок на жените, со цел да им се гарантираат остварување и уживање на човековите права и основните слободи врз основа на еднаквост?! Дали Комитетот за елиминирање на дискриминацијата врз жените на Обединетите нации ќе затропа на македонската врата?!
Во какво општество ќе живееме, сепак, зависи и од нас, потребно е овие забелешки детално да бидат преиспитани од македонските институции и да не чекаме секогаш некој да нѐ опоменува за нашите обврски што сме ги презеле со ратификување меѓународни акти и приспособување на нашето законодавство кон нив. Потребни се конкретна акција и афирмирање и решавање на прашањето колку и како е жената застапена во општествениот и политичкиот живот во Македонија
Ова се прашања на кои треба да одговориме за да го тргнеме епитетот на „омраза“, особено кога се работи за жените, имајќи го предвид големиот придонес на жената за благосостојбата на семејството и за развојот на општеството!
Родовата еднаквост е суштинска за постигнување на човековите права за сите. Ако не сте знаеле, во согласност со светските статистики, жените произведуваат половина од храната во светот и покажуваат дека не само во делот на правата туку и во делот на обврските се еднакви со мажите.
Во какво општество ќе живееме, сепак, зависи и од нас, потребно е овие забелешки детално да бидат преиспитани од македонските институции и да не чекаме секогаш некој да нѐ опоменува за нашите обврски што сме ги презеле со ратификување меѓународни акти и приспособување на нашето законодавство кон нив. Потребни се конкретна акција и афирмирање и решавање на прашањето колку и како е жената застапена во општествениот и политичкиот живот во Македонија.