Нордистан да прими 450.000 Егејци од Авганистан и да го протера Достоевски од библиотеките

Е, како Авганистанците се Егејци, ќе крикне закржлавениот небањат ум? Едноставно. Забележавте дека оние што се обидуваат да влезат во авиони на аеродромот во Кабул се само мажи, така? На снимките не се гледаат жени и деца. Е па, сите тие мажи се потомци на еден дел од егејските бегалци. Оние егејски бегалци што не биле ѕверски одвоени од своите деца, зашто немале деца…

Моќната НАТО-членка Нордистан протера руски дипломат. Небањати се потсмеваат тврдејќи дека сме протерале веќе заминат дипломат со истечен мандат. Демек, неспособни полтрони, кои не знаат што веќе да направат за да им се упикаат на САД и ЕУ. Ама небањатите се глупаци под руско влијание. Нордистан не протера руски дипломат од државата, туку од сајбер-просторот. И не беше дипломат, туку мајстор од седми степен на Великата руска хакерска ложа. Нордистанските служби тоа го открија. САД и ЕУ беа восхитени.
Еве што е приказната. Големиот мајстор на Великата руска хакерска ложа, скриен зад дипломатски имунитет, работеше андеркавер од Руската амбасада во Нордистан. Неговиот тим хакери-масони вршеа сајбер-напади врз свеста на американските војници во Авганистан според прирачникот „Неоромансер“ од Вилијам Гибсон. Иако, како кознола за „јавање“ низ свеста го користеа „Пикник покрај патот“ од Аркадиј и Борис Стругацки. Но да не ве малтретирам со детали што ќе ви ја поматат силуваната геополитичка свест. Значи, рускиве „сталкери“ ја нападнаа свеста на американските војници во Авганистан. По неколку координирани „гама“ удари на свеста, Американците почнуваа будни да сонуваат советски овци. Штом заспијат, тие овци, инаку електромагнетни бранови во сајбер-науката познати како „пијана прошетка со Фредерик Пол“, ја напаѓаат потсвеста на војникот. „Гама-овците“ создаваат свои таканаречени „Сорокинови трла“, каде што се сместуваат и започнуваат да ја работат потсвеста. Користат комбинација од методи за промена на умствената и духовната состојба на жртвата, кои во парасајбер-просторот се означени како „Диков скенер даркли“, „Пељевинов матрикс“ и „линијата Москва-Ленгли-Петушки“. По ваква комплексна ментална сајбер-операција, американскиот војник се буди како… како… па како советски војник од времето на окупацијата врз Авганистан. Онаа окупација што ја реши Рамбо 3.

Јасно ви е? Не ви е јасно. Ај поедноставно. Руски хакери ги нападнале мозоците на американските војници и тие се разбудиле со свест на советски окупатори во Авганистан. При таква советска губитничка свест се соочиле со моќните талибани обучувани од ЦИА. Толку се исплашиле од моќната американска тактика на талибаните што веднаш фатиле џенем од Авганистан. Проблем е што киднаа американски војници и нивните НАТО-сојузници затоа што руски хакери ги претворија во кукавичка советска армија.
Заклучок. САД и НАТО не киднаа од Авганистан. Ситуацијата што ви личи на пораз по дваесет години апсурдна војна е дело на руски хакери што ја трансформираа свеста на западните ослободителни војски во советска, ем окупаторска. Во реалноста на терен, талибанците обучени од ЦИА ги победија Американците со советска свест. Значи, во Авганистан, САД ја победија Русија. Нордистанските служби го открија рускиот хакерски мастермајнд преправен во дипломат и го протераа од сајбер-просторот. На негово место е поставена Грета Тумберг, која ќе се бори со климатските промени на сајберпанк-зоната на самракот, нападната од руска хакерска пропаганда поддржана со балалајки и досетки од Данил Хармс. Нордистан како награда ќе добие на посвојување 90… не, 150… всушност 300… поточно 450… не, 1.500 Авганистанци.
Стигнавме до Авганистанците. Според теориите на интелектуалната бижутерија и анализите на институтот „Граѓанство луѓенца“, станува збор за врвни авганистански интелектуалци што всушност се Егејци.

Е, како Авганистанците се Егејци, ќе крикне закржлавениот небањат ум? Едноставно. Забележавте дека оние што се обидуваат да влезат во авиони на аеродромот во Кабул се само мажи, така? На снимките не се гледаат жени и деца. Е па, сите тие мажи се потомци на еден дел од егејските бегалци. Оние егејски бегалци што не биле ѕверски одвоени од своите деца, зашто немале деца. Немале деца затоа што тогаш не им било дозволено да ги посвојуваат. А не им дозволувале да посвојат деца за потоа ѕверски да им бидат одземени и протерани од монархофашистите, затоа што во средината на 20 век уште владееле средновековни правила кои велат дека двајца мажи не можат да посвојат дете. И така тие навредени што не можат да посвојат деца што ќе им бидат брутално одземени, фатиле своја прогресивна рута и стигнале во Авганистан. Тука како андеркавер егејски бегалци морале да се женат и прават деца. Со доаѓањето на Американците, кои донесоа демократија и слобода, потомците на овие бегалци си ги вратија сеќавањата на своите заборавени предци. И сега ни доаѓаат, ем само мажи, ем интелектуалци, ем по корен Егејци.
Океј, доста црн хумор, јас навистина сметам дека Нордистан мора да земе бегалци од Авганистан. Макар тоа биле и Егејци. Ама не 450, туку 450.000. И нема што САД да ги прашува нордистанските „власти“ дали сакаат или не, едноставно треба да ни ги истовари. Не смеат ни да помислат Американците да плаќаат за бегалците, финансискиот товар треба да биде на нордистанските граѓани, затоа што се богати, блескави, моќни и вакцинирани. Може ви звучи сурово, ама ќе ви објаснам дека не е. Прво, Нордистан е протекторат без идентитет. Дури и Криволак има поголем суверенитет. Второ, Нордистан дваесет години беше дел од окупацијата на Авганистан. Трето, како окупатор, Нордистан е одговорен за геноцид врз цивилното население, учествуваше во пљачкосувањето на авганистанската земја и помагаше економски развој на црниот пазар со хероин. Четврто, како дел од поразените САД и НАТО, а всушност лево сметало во целата приказна, Нордистан не треба никој да го праша дали може или не може да прима бегалци.

Петто и последно, бидејќи сите мавтавте со опаш дека сте НАТО-членка, а тоа било вековна стратегија на Нордистан, сега има да си молчите. Мене ми е само жал што нема да ни донесат Авганистанци што имаат во себе чест и љубов за татковината, па да може да си подобриме поданички ген, туку ќе ни истоварат исти како нас, измеќари на западната моќ.

***
„Почитувани читатели, од идната сабота Александар Русјаков веќе нема да пишува колумни. Тој, како и преостанатиот невакциниран валкан човечки отпад, има забрана да мисли, сонува, зборува и споделува ставови, затоа што го загрозува менталното и физичкото здравје на чистата нордистанска раса. Здравите, чистите, бањаните, дотераните, граѓанството луѓенца и преостанатите преставници на убер расата имаат право да не бидат заразени од неговите валкани светогледи. Од следната недела колумните на Русјаков ќе ги пишува владин хонорарец“. Комисија за здравство и расен апартхејд