Клучните судири на балканската политичка сцена остануваат исти, но се менуваат само актерите што ги застапуваат интересите на „победниците“ и „губитниците“ од преобразбата, односно интересите на глобалистите и на патриотите. Македонскиот дел од оваа балканска приказна останува допрва да го проследиме
Што се случува со стожерните партии на Балканот? Бугарските, како и локалните избори во Хрватска, БиХ и во Црна Гора, навидум покажуваат дека бледнее моќта на стожерните политички партии, дека партиските сцени тектонски се преобразуваат и дека од корен се преобразува балканскиот политички пејзаж. Можеби дел од причините лежи во глобалните трендови на индивидуализација на општествата во оваа ера на дигитализација, па насекаде во светот растат нови политички движења и невладини организации, а некогашните мали и маргинални политички играчи прекуноќ се преобразуваат во моќни политички сили. Само пред десетина години беше незамисливо да се замисли француски претседател надвор од бинарниот деголистичко-социјалистички судир, а само пред четири години зелените во Германија не се ни осмелија да излезат со свој кандидат за канцелар. Денес, Емануел Макрон едри кон вториот мандат, а Аналене Бербок е најсериозен кандидат за наследник на Ангела Меркел во Германија. Дејствува по малку надреално да се замисли дека германското општество, познато по своето тежнение за стабилност и аверзија кон секој ризик, ќе направи таков исчекор да избере прв зелен лидер, прва во која било земја од Г7 или од Г20.
Сепак, тоа не е случај и на Балканот. Тукашните општества, особено постјугословенските, се структурно различни од развиените земји на „старата Европа“. Клучните судири во сите постјугословенски општества, вклучувајќи и во Македонија, се прекршуваат исклучиво во две сфери – економската и културната сфера. Во економската сфера судирот се одвива помеѓу „победниците“ и „губитниците“ од големите преобразби – глобализацијата, приватизацијата и европската интеграција. Додека, пак, во културната сфера судирот е вредносен помеѓу глобалистите и патриотите. Идеалното место за една политичка партија на Балканот е кога таа ќе се позиционира како застапник на „губитниците“ и бранител на патриотски вредности, без притоа да забега во луд реваншизам кон „победниците“ или, пак, во црнилата на грозниот балкански шовинизам (што се покажа како исклучително тешко).
Најуспешните балкански лидери ги позиционираат своите политички партии токму на ова место, како Александар Вучиќ во Србија, Еди Рама во Албанија, Јанез Јанша во Словенија и Андреј Пленковиќ во Хрватска.
Од каде, тогаш, доаѓа оваа фрагментација на балканскиот политички простор?
Проблемот на балканските политички партии секогаш лежи во промената. Во нашето поднебје партијата лесно се претвора во супкултура и се затвора во својот замислен свет, наместо постојано да комуницира со општеството и да кооптира нови идеи и нови личности. Па, затоа, наместо занимавањето со политика, клучна активност стануваат личните нетрпеливости и судирите помеѓу кликите. Тоа завршува со склеротични и неменливи партиски организации, каде што „цутат“ корупцијата и кронизмот. Ете, оттука извира фрагментацијата на балканските политички сцени.
Кога е затворен патот за внатрешна обнова на партиите, кога веќе никому не му е јасно што партиите претставуваат и кого застапуваат и кога се нема никаков слух за новото време и за потребите на новите генерации, изникнуваат нови политички движења. Но ниту едно од новите политички движења на Балканот не нуди ништо суштински значајно, без разлика на реториката. Тие само претставуваат механизам за вклучување нови луѓе во политиката и за обнова на политичките идеи.
Последните неколку изборни циклуси на Балканот укажуваат дека се рушат стожерите на партиските сцени и дека ферментираат нови политички движења на балканската левица и на балканската десница. Таков пример може да следиме во Хрватска, каде што најголемо изненадување е зеленото движење „Можемо“, кое убедливо победи на локалните избори во Загреб. Тие создаваат една нова балканска приказна, како жестоко проевропска, постнационална и целосно глобализирана партија, која ги застапува постматеријалните вредности на едни нови генерации коишто се најзаинтересирани околу прашањата за квалитетот на животот.
Иако во делот на економијата тврдат за себе дека се прогресивни и социјалисти, сепак, јасно е дека ја претставуваат новата генерација на „победниците“ од преобразбата, а бизнисот нема никаков проблем да се приспособи кон нивните вредности, коишто суштински ништо не менуваат во економскиот поредок. Останува да се види дали ќе ја преживеат трансформацијата од протестно движење во владејачка партија, каде што настрадаа многу некогаш перспективни балкански политички движења. Доколку им успее тоа, тогаш тие целосно ќе ги турнат некогаш моќните хрватски социјалдемократи на буништето на историјата и ќе се устоличат себеси за лев стожер на хрватската политика, застапник на „победниците“ и на глобализмот.
И во делот на десницата во Хрватска се покажа фрагментација, па изникнуваат локални конзервативни, регионалистички и демохристијански движења надвор од матрицата на стожерната ХДЗ, а и партии на радикалната десница. Сето тоа, во најголем дел, е одговор на непроменливите ХДЗ-овски партиски структури на локално и на регионално ниво, и тоа во деловите на Хрватска коишто важеле за упоришта на оваа партија, но и нагласената центристичка политика на ХДЗ.
И Македонија не е имуна на овие балкански ветришта. Последниот конгрес на СДСМ го устоличи Заев како неприкосновен лидер на партијата, а тој се труди да создаде една нова приказна на СДСМ како прогресивна, проевропска, социјално-либерална, мултикултурна и отворена политичка сила, застапник на „победниците“ и на глобализмот. Односно, тој се обидува да оневозможи да влета нова политичка сила во Македонија на овој дел од спектарот, како што тоа им се случува на хрватските социјалдемократи. Во делот на десницата, ВМРО-ДПМНЕ има тешка задача да се врати на најпосакуваното место како партија на „губитниците“ од преобразбата и бранител на националните вредности. Доколку не се случи наскоро ново и јасно програмско профилирање, промоција на нови ликови на политиката и излез од веќе истрошените политички парадигми, и на ВМРО-ДПМНЕ му се заканува пробив на нови политички движења во неговиот дел од просторот. Тоа веќе игра Левица, а и Бранко Црвенковски умее да се позиционира во овој дел од просторот, а којзнае кои сѐ други актери си ја бараат тука својата шанса. Во овој дел од политичкиот спектар нештата се дополнително усложнети поради националниот шок со наметнатата и злосторничка промена на името под туѓински диктат, чин којшто ја скрши Македонија и го наруши легитимитетот на македонската држава.
„Plus ça change, plus c’est la même chose“, велат Французите, односно колку нештата повеќе се менуваат, толку остануваат исти. Клучните судири на балканската политичка сцена остануваат исти, но се менуваат само актерите што ги застапуваат интересите на „победниците“ и „губитниците“ од преобразбата, односно интересите на глобалистите и на патриотите. Македонскиот дел од оваа балканска приказна останува допрва да го проследиме.