Тој: Злото доаѓа…
Јас: Немам попаметна работа.
Многу, бре, нервоза за една блескава приказна. Од каде толку вознемиреност кај новата нормалност? Јас воопшто не го разбирам овој страв од злото. Не ѝ прилега на една моќна НАТО-членка. Зарем НАТО ќе дозволи нордистанските партнери да настрадаат од злото што надоаѓа? Без паника! Ако злото само помисли да му се приближи на Нордистан, или не дај Зоќе, тргне на Скопје, тука е НАТО да превенира, интервенира, бомбардира.
Ако не реагира, тогаш зошто сме НАТО-членка? Ако не помогнат во борба против злото, која е поентата на партнерството? Тогаш подобро да се фатиме за филмска индустрија. Го вадиме Нордистан од НАТО, ама го зачленуваме во Холивуд. Нашето столче ќе биде до она на Ворнер Брос. Ќе направиме голем дил за снимање хорор-филмови. Нордистан има сериозна традиција на борба против злото. Може успешно да се произведат неколку хорор-блокбастери.
ЕГОрцист. Филм за борбата против демонското зло што сака да ја украде власта од оние што се црпнати од Бога. Осмиот советник. Приказна за чудовиште што сака да освои мнозинство во совет на вселенска општина. Избори во улицата на брестовите. Фреди Кругер ги напаѓа соништата на прогресивните и ги тера да гласаат за злото. Недела 31. Римејк на Петок 13. Злото намерно ги меша датумите. Сака да ја убие логиката.
Каква само црна иронија. В недела стварно е 31 октомври. Факинг Халовин. Ден на изборите. Ноќ на вештерките. И ете ти ја Данела. Типична вештерка. Сака Скопје да го прави Блеар Вич Проџект. Море, Блеф Кич Проџект. Злото го напаѓа со блефови и кич мирниот живот на прогресивните луѓенца од урбаното Скопјенце во нашето Нордистанче… Среќа што имаме искусни штапски инквизитори, па…
Не ја очекував штапската инквизиција!
Никој не ја очекува штапската инквизиција!!!
Значи, среќа што имаме штапски инквизитори што се палат на вештерки, има да ја качат на клада Данелава и ќе ја согорат со евтина софтпорн-алегорија, мизогинија и слични стилски фигури. На крајот на краиштата, нам не ни требаат вештерки и шмизли, туку жени со мадиња, кои можат да преместуваат план… фабрики.
Што? Ма, ниту ме интересираа, ниту следев избори. Не размислував ни за гласање. Додуша помислив на изборите во Северна Македонија да гласам за членовите на Движење Бојкотирам, ама се исплашив дека преку учество во изборен процес како гласач ќе ѝ дадам легитимитет на таа нивна Северна Македонија, оти така ме предупредуваа токму членовите на Движење Бојкотирам за време на претседателските избори. И јас тогаш сериозно ги сфатив. А стварно немаше да гласам, оти за разлика од некои други, минати избори, немав поим каква е понудата на предизборниот трамвај наречен желба за власт, ама, жими Хелсиншкиот комитет, токму прогресивното граЏанство луѓенца од нордистанската интелектуална бижутерија ме навлекоа со своите еротски стилски фигури како метонимија и мизогинија, а јас созревав со Емануела, Мило Манара, Маркиз де Сад, Буковски и Тинто Брас, па видов за која жена се сите тие прогресивни сексуални алузии и гласав за неа.
Што, за Данела ли? За лицето на режимот?
Да бе, за убавото лице на режимот. Јас цел живот сакам и уживам кога убави способни жени ми воведуваат режим по дома.
Добро сега, колку да бидам информиран, ѕирнав по социјалните мрежи да видам како се одвивале изборни кампањи и, штета, не се возбудив многу. Видов чудни, ама досадни нешта. За некои вмровци сите избори се локални. Сакаат да го сменат Мицковски. Се окрупнила коалицијата СДСМ – МВР. Гуру Зоќи ни ја покажа мандалата што некои мислат дека е мандалото. Интегра откако експлодира Крипон, со својот Ентерпрајс ги помина Соларис, Дина и планетата на Вогоните, па слета во Нордистан за да ни донесе монолит. Додуша тука се сретна со група авенџерски од лигата на правдата што носат суперменски плаштови, ама и едните и другите при блиската средба од трет вид, се однесуваа мирољубиво меѓу себе. Бени и Торте среде студио на телевизија што доби датум за преговори со апсурдот, распнаа меѓу себе зиплајн и на него го возеа Шилегов. ВМРО-ДПМНЕ се однесува како да се парламентарни избори, а Левица како да е Октомвриска револуција. СДСМ ги прогласи 300.000 луѓе за националисти, а јас би бил среќен да има барем 100.000 националисти меѓу нив. Кај Албанците вообичаено, само што не пукнало. Во Куманово, СДСМ ќе се тепа со СДСМ, а во Тетово добива симптоми на подвоена личност.
Среде првиот круг имав и чуден сон. Груевски се врати во Нордистан. Му истекол азилот. Ме замоли да му најдам работа. Веднаш го ставив да биде заеднички градоначалник на Центар и Карпош. Разочараниот Стевчо Јакимовски го префрлив од Карпош во Струмица.
Се разбудив, а опозицијата ја направила парче власта во првиот круг. Си реков, океј, тоа е тоа, нема веќе да се гњавам со избориве. Ама тоа само јас така си мислев. Како што граѓанството луѓенца ме навлекоа со нивната софтпорн-мизогинија, така Гуру Зоќе ме разбуди од илјадагодишен сон на зло затворено под морското дно.
Злото се буди, крикна гуруто. Отворив едно око.
Јас сум писател, мене секогаш ме возбудувала вечната битка меѓу добро и зло. Иако во древните џедајски списи пишува дека злото секогаш го доживува доброто како зло. Злото се буди, чука на врата, а штом влезе ќе почне режим и реваншизам, вика Гуру Зоќе, мора да се обединиме сите прогресивни. Отворам второ око. Вмровците веќе почнале со реваншизам. Им плукаат во кафето на своите поразени противници. Малески, Ризаов, Тричко, Фрчко, Иванов, Исмаил и преостанатата прогресивна младина веќе се обединуваат. Мириса на шарена револуција. Злото се буди, злото надоаѓа, продолжува прогресив гуру мастерот, 300.000 демони, вампири, вештерки и караконџоли, предводени од Самара, Лестат, Дарт Вејдер, Мајкл Мајерс, Џејсон, Фреди Кругер, Франкенштајн, Лекс Лутор и Џокер го окупираа Нордистан, ако падне Скопје, паѓаат и Кале, Камелот и Елдорадо. Отворам и трето око. Околу мене собрана цела интелектуална бижутерија, прогресивна медиумска армада, независна хонорарна дружина, цела АНБ-агентура со белешки в раце за моја ликвидација, судската трас-трас ескадрила со чадори в раце и небесна поддршка на повисоки од горе, но и цела штапска инквизиција…
Е, баш не ја очекував штапската инквизиција!