Неопатримонијализмот е еден од главните проблеми и затоа Македонија не е држава во вистинската смисла на зборот. Затоа со години се соочуваме со апсурдни проблеми и притоа мораме да се однесуваме поданички кон наметнатите проблеми од нашите соседи, кои го доведуваа и доведуваат во прашање именувањето на нашата држава, нашата нација, нашата историја, нашиот јазик итн. Меѓутоа проблемот не е во нив, туку во нас. Најдоа село без кучиња (незаштитено место)
Реалноста е сурова и таа вели дека за нас важи Шекспировата синтагма дека нешто е гнило во државата Данска. Сите ние сме сведоци на оваа абнормалност, но како да навлеземе во суштината на оваа растроеност без притоа да бидеме обвинети за пристрасност. Одговорот е очигледен – статистика. Зошто? Затоа што таа е смрт за популизмот, кој се обидува да ни продава ветар и магла. Но што е статистиката? Наједноставно може да се разбере како собирање, организирање, анализа, толкување и презентирање податоци. При одредена анализа може да се користи описна статистика, која ги сумира податоците и користи индекси.
Постојат многу индекси, а таков е и Индексот за кревки држави (во минатото познат и како Индекс за неуспешни држави). Овој индекс има цел да ја процени ранливоста на државите кон конфликт или колапс. Притоа се рангираат сите независни држави што се членки на Обединетите нации, а рангирањето се базира на 12 индикатори. Овој индекс ги користи следните фактори: распространета корупција, висока економска нееднаквост, нееднаков економски развој, економски пад и стагнација, делегитимирање на државата, влошување на јавните услуги, произволна примена на законот, подем на фракционерни елити, интервенција на надворешни политички агенти и странски држави итн.
Што вели овој индекс за Македонија? Нашата држава (како што некој претпочита да ја нарекува Македонија) во периодот помеѓу 2005 и 2013 година е обоена во портокалово, кое означува – предупредување. Во согласност со Индексот за кревки држави што се однесува за 2020 година, Македонија се наоѓа на 113-то место од вкупно 178 држави, ние сме во друштво на Самоа и Белизе, а пред нас се Албанија, Црна Гора и Хрватска. За волја на вистината, има подобрување во однос на 2019 година, но ние сме небаре во „златната средина“, на врвот се Финска, Норвешка, Швајцарија и Данска, а на дното Јемен, Сомалија и Јужен Судан.
Од тука можеме да одиме само нагоре или надолу, а можеме и да си останеме просечни. Но просечноста не носи општествено-економски развој, бидејќи се карактеризира со послаб квалитет. Никогаш не сум ја сакал просечноста, затоа што секогаш постои можност за напредок и подобрување. Но како се доведовме со години да бидеме „портокалови“ и просечни.
Ние би се задржале на големиот „еретик“ Френсис Фукујама, кој вели дека стабилниот политички поредок (кој е носител на напредокот) се состои од државата, владеењето на правото и отчетноста. Фукујама, кој целиот живот го помина во промоција на демократијата и нејзините вредности, вели дека во една модерна и развиена држава, како што се Данска или Норвешка, се прави разлика помеѓу приватниот интерес на владетелот и јавниот интерес на нацијата. Со други зборови, модерната држава се однесува безлично кон граѓаните, преку примена на законите, меритократска регрутација на службениците, спроведување политики во корист на сите, а не на малкумина.
Според овој американски мислител, владеењето на правото треба да се разбере како збир на правила за однесување што се одраз на широк консензус во општеството, што е обврзувачки за сите моќни политички актери, без разлика дали се претседатели или премиери. Доколку владетелот го менува законот во сопствена полза, тогаш владеење на правото не постои. За да биде ефективно правото, тоа мора да биде отелотворено во посебна судска институција, која може да дејствува самостојно од централната извршна власт.
Фукујама вели дека под отчетност треба да подразбираме дека власта работи во полза на општеството – она што Аристотел го нарекува општо добро, а не во полза на одредени лични интереси. Оваа отчетност може да се разбере и како одговорност, односно на слободни и фер повеќепартиски избори граѓаните ги избираат и дисциплинираат владетелите. Не треба да се заборави дека отчетноста е во тесна врска со модерната демократија. Институциите на државата ја концентрираат моќта и овозможуваат спроведување на таа моќ, моќ што се спроведува закони, одржува мир, се брани од надворешните непријатели и обезбедува неопходни јавни добра. Владеењето на правото и отчетноста се во спротивност соа државата, тие ја ограничуваат моќта на државата и гарантираат дека моќта се користи на контролиран и консензуален начин.
Но каде сме ние во оваа приказна? Доколку сакаме да го дефинираме современиот општествено-политички поредок во Македонија, можеме слободно да го именуваме како неопатримонијализам. Зошто? Во неопатримонијализмот политичките водачи ги прифаќаат надворешните форми на современата држава, во смислана бирократија, легални системи, избори итн., но во реалноста овие политички водачи владеат само за својот личен интерес. Неопатримонијализмот исто така се одликува со промоција на општото добро во текот на предизборните кампањи, меѓутоа во реалноста егзистира партиско вработување во замена за гласовите и присуството на митинзите. На овој начин Македонија се вбројува меѓу државите како Мексико и Нигерија, но не и меѓу државите во Европската Унија како Германија или Франција. Во едно општество во кое неопатримонијализмот е принцип на владеењето, одредена елита ја користи својата политичка моќ за да спречи конкуренција во економијата и политиката. Затоа неопатримонијализмот е рак-рана за секоја модерна држава и ги загрозува владеењето на правото, економскиот просперитет, демократијата итн.
Со други зборови, неопатримонијализмот е еден од главните проблеми и затоа Македонија не е држава во вистинската смисла на зборот. Со години се соочуваме со апсурдни проблеми и притоа мораме да се однесуваме поданички кон наметнатите проблеми од нашите соседи, кои го доведуваа и доведуваат во прашање именувањето на нашата држава, нашата нација, нашата историја, нашиот јазик итн. Меѓутоа проблемот не е во нив, туку во нас. Најдоа село без кучиња (незаштитено место).
Зошто? Законите и реформите не се носат и спроведуваат со консензус на сите општествено-политички чинители, затоа секогаш законите и реформите се „килави“. Следствено, институциите не се менуваат и постојно сме сведоци на невладеење на правото, корупција, елитизам, клиентелизам, нефункционалност, слабото образование итн., а сето тоа го задушува општеството и нема напредок. Нема демократска контрола ниту консензус во донесувањето на одлуките.
Решението на нашите проблеми не лежи во прагматизмот, кој вели дека треба да ги прифатиме апсурдните барања на нашите соседи, туку во трансформацијата на Македонија во држава во вистинската смисла на зборот. Затоа е потребно обединување на македонските општествено-политичките сили, притоа треба да се има предвид дека партиската определеност повеќе нема важност, потребна е една натпартиска платформа што ќе ги обедини левицата и десницата. Доколку не се случи тоа, тогаш македонската држава, македонската нација, македонската историја, македонскиот јазик итн. ќе се обезличат во нашата држава, нашата нација, нашата историја, нашиот јазик и сѐ така до бесконечност!