Со тројца силни кандидати се чини се исполнуваат претпоставките за успешни претседателски избори, барем во првиот круг, иако останува да се види како ќе се води кампањата и како ќе влијае таа
По одлуката на ВМРО-ДПМНЕ да ја избере Гордана Силјановска Давкова за свој кандидат за претседател, одлуката ја донесоа и СДСМ и владината коалиција, како и Алијансата и Беса, кои ги избраа Стево Пендаровски и Блерим Река за свои кандидати. И сите тројца се натпартиски кандидати. Директните претседателски избори ги принудуваат партиите да излезат од своите партиски табори и да настапат со кандидати, кои покрај сопствениот табор имаат шанса да привлечат независни гласачи или други гласачи. Затоа имаме натпартиски кандидати за генерално земено партиски натпревар.
За одлуката на ВМРО-ДПМНЕ за Гордана Силјановска Давкова пишував претходно во „Претседателски кандидати за поширока поддршка“. За навидум едноставната ситуација на СДСМ, под претпоставка дека кој и да биде предложен, со поддршка на ДУИ и други партии на етничките Албанци, би бил избран за претседател, сепак изборот не бил толку лесен. Тоа се покажа и со хаосот кандидатот да се избира преку конкурс и конгрес, за на крајот да биде одлука на партиските раководства на СДСМ и на ДУИ. Доколку изборот, како што рече Зоран Заев, бил меѓу Никола Димитров, Стево Пендаровски, Радмила Шеќеринска и Оливер Спасовски, се чини Стево Пендаровски најверојатно е најдобриот избор. Кандидатурата на Оливер Спасовски би била оптоварена со дебата за јавната безбедност и полицијата, за Радмила Шекеринска за одбраната, а изборот на еден од двајцата би ја разжестила внатрешната конкуренција меѓу крилата во СДСМ. Меѓу Никола Димитров и Стево Пендаровски, иако првиот има подобар рејтинг, се чини дека изборот на Стево Пендаровски е базиран на тоа што тој е поприфатлив за етничките Албанци и дека евентуалниот негов неизбор ќе има помали последици по Владата. Евентуалниот неизбор на Никола Димитров, поради победа на друг кандидат или поради немање изборен цензус, како перјаник на Преспанскиот договор и министер за надворешни работи, ќе имаше потенцијал за делегитимизација и на Преспанскиот договор и на Владата.
Стево Пендаровски е меѓу двајцата кандидати на СДСМ со најдобар рејтинг. Тој е доволно вклучен во институциите, како дел од претседателските кабинети, што го прави искусен кандидат, кој многу брзо би се вклопил во функцијата. Иако претходно беше претседателски кандидат на СДСМ и водеше листа на СДСМ на последните парламентарни избори, тој беше доволно дистанциран од Владата и од СДСМ за да може да биде перципиран како натпартиски кандидат. Од друга страна, од истите тие ситуации се влечат и одредени опашки, гафови и лажни ветувања. Како еден од поборниците на „Нема правда и нема мир“ и тие што ветуваа дека ќе има конкретни резултати од СЈО, ќе треба да го објаснува својот став за сегашната амнестија. Иако не беше перјаник на Преспанскиот договор, дури на моменти критичен, исто така ќе треба да ја објаснува контрадикторноста на неговите изјави за името. И не најмалку важно неговиот критички став од минатото кон ДУИ, како и критичкиот став на повеќе партии приврзоци, кои на минатите избори агитираа против него, а сега го поддржуваат, ќе испливуваат во текот на кампањата.
Се чини најмалку контроверзии има околу изборот на Блерим Река, универзитетски професор и поранешен дипломат, за кандидат на Алијансата и на Беса. Блерим Река, кој скоро немал политичка функција, можеби и поради тоа нема багаж што ќе го оптоварува низ кампањата, и со тоа е солидно поставен во изборниот натпревар за максимален резултат.
И покрај тоа што течат активности за кандидирање и на други кандидати, малку е веројатно дека на овие три ќе им се приклучи четврт кандидат. На таа страна штета е што ЛДП не се охрабри да се одлепи од партија приврзок и да настапи со свој кандидат. Штета е и што Амди Бајрам се откажа од кандидатурата, ќе дадеше можност за многу протест-гласачи да имаат свој избор. Вака на протест-гласачите ќе им преостане можноста за бојкот.
Се чини дека со овие кандидати се приближуваме кон успешни претседателски избори. Зашто успешни претседателски избори, како што пишував во „Самостојни претседателски избори“, ќе имаме само со претседателски кандидати што можат да ја надминат поддршката од политичката партија што ги предлага, кои можат да обезбедат поддршка и од други партии и од независните гласачи. Покрај поддршка од други партии, ќе биде потребен не еден силен кандидат, туку двајца силни кандидати, за да ги мобилизираат гласачите и на левицата и на десницата. Се чини дека тој услов е исполнет, а дополнително има и силен кандидат на опозициските партии на етничките Албанци. Со тројца силни кандидати се чини се исполнуваат претпоставките за успешни претседателски избори, барем во првиот круг, иако останува да се види како ќе се води кампањата и како ќе влијае таа.
Авторот е аналитичар
Блог www.megjutoa.mк @sklek #Избори2019