Нашиот сегашен, вистински, идентитет останува ист, непроменет во текот историјата и секогаш достоинствено испливува од под малтерот и од под густите идентитетски наслаги, премачкувања, прекрстувања, илузии, притисоци, промени на личниот опис во кафезот на геополитичките и историските неправди
Палингенеза, според западното толкување, е преселба на душата… Но, за нас современите Македонци, таа е интересна и актуелна како техника на промена на идентитетот за време на земскиот живот, не на она мистичното, оностраното… Не постојат Македонци во Македонија, тоа место секогаш историски било населено со некои други. Словенскиот карактер на современата македонска нација и јазик од некои внатрешни и надворешни кругови упорно се нуди како претпоставена рамка и главната основа за појдовна рамка за решение на многубројни историски, лингвистички спорови и недоразбирања меѓу Република Македонија, „фантомската, коминтерновска, Титова творба“ и соседите. Истата бајата епска реторика и стари приказни и оваа есен.
А што се однесува на приказните, за нив некогаш се веруваше дека стигнуваат по реалното искуство, и како постапка ретроактивно ја уредуваат нашата сетилност и ѝ даваат смисла на животната и историска бркотница. Но тие еве ни денес ништо не внесуваат и не осмислуваат, туку скоковито стигнуваат од секаде, и се главно погодни за нормализирање на нашето трауматско доживување од „грабнатата“ и вековно празнета македонска историска стварност.
Во педесеттите години од минатиот век, на музичката сцена во тогашната ФНРЈ, покрај инструменталните, се појавуваат и вокални џез-интерпретатори. Една од водечките фигура на таквите трендови е извесната Ирма Флис, Словенка по потекло од Фурланија, место блиску до Венеција. Говорела на тешко разбирлив словенечки јазик, за кој, според Бојан Адамич, композиторот, аранжер и диригент, се претпоставуваше дека е конзервиран прасловенски стар јазик. Имено, во Фурланија луѓето зборувале на прасловенски јазик стар неколку илјади години, што е уште една потврда дека освен Антички Македонци, ете, постојат и Антички Словенци, или дека Словените се народи што живееле на овие простори неколку илјади години, а не како што нѐ учеше официјалната „заткарпатска“ историја.
Инаку, првпат, службено името Словен го спомнал во своето писмо византискиот цар и „историчар“ Профирогенит. А тоа е време кога Германите и Норманите, кои се најблизок род со Словените, можеле да ја приспособуваат историјата и да ги кријат трагите на вистината дека првото цивилизирано население на европскиот континент биле словенските предци во науката познати како Венети. Винчанското писмо е најстарото писмо во светот досега откриено и дешифрирано од врвни авторитети – археолози.
Па, така, голем број наоди, размисли, приказни сѐ повеќе нѐ упатуваат и водат кон вистината дека Античките Македонци биле Словени пред да се ородат, со сила или со согласност, со Античките Хелени и дека Словените не се доселиле на Балканот во шестиот век, туку се прв цивилизиран народ во Европа. Забуна сториле и дискретно продолжуваат во таа насока одредени академски и интелектуални кругови во Македонија и на Балканот пошироко, кои пишуваат и зборуваат за Античките Македонци како да не биле Словени. Не ја знаат научната вистина, или се во прашање некои „повисоки цели и интереси“ поради кои упорно опстојуваат во своите „научни вистини и убедувања“.
Ова го знаат сите релевантни научни институции во христијанските земји, освен академиците и „извесни“ интелектуалци во Македонија и во Србија, а веројатно и во Грција и во Бугарија.
А античкото наследство, тоа си беше безбедно, длабоко закопано во земјените архиви, под карпите и под македонскиот плоден и животороден алувиум. Таму не смееше ниту да се чепка, а камоли пак проучува, истражува. Тоа беше мајдан резервиран за многубројни историски фалсификатори, диви копачи и трагачи по богатства и возбуди, кои немилосрдно откопуваа, распарчуваа артефакти, им ги продаваа на белосветските колекционери во пакет со фалшиви нарачани приказни за багателни цени, при што систематски го дробеа македонското ткиво.
Можеби тоа е една од причините што нашата држава и народ често во минатото, па и денес од некои места и кругови, се нарекувани вештачка коминтерновска творба, измислена нација со ограничен и оспоруван идентитет.
Во последниве триесетина години се подотворија вратите на долгата и неверојатна историја на Македонија и нејзината многу често бездушна употреба за најразлични цели интереси. Од историското депо изминативе неколку плурални лета, некако срамежливо и скромно започнува да извира една малку поинаква и тивка историја. Од подземните пребогати архиви и историски депоа почна да се откопува и наѕира една скриена и со векови премолчувана цивилизација, која до пред извесно време беше настрана словена изговарана со шепот. А историјата колку трезвено и да се пишува и со волја за објективност, секогаш останува книжевна измислица и ја претставува третата димензија на фикцијата.
Животот без приказни е невозможен и бесмислен и се претвора во состојба на тегобна неизвесност и несовршеност. Тие се исцелителна капка за телото и духот, јазол и вруток од кои внатрешниот порив и говор станува пламен и усвитено јадро.
Нашиот сегашен, вистински, идентитет останува ист, непроменет во текот историјата и секогаш достоинствено испливува од под малтерот и од под густите идентитетски наслаги, премачкувања, прекрстувања, илузии, притисоци, промени на личниот опис во кафезот на геополитичките и историските неправди. Mакедонскиот народ е горд на своето славно минато, чувствува огромна љубов за својата родна земја, која го инспирира и поттикнува во континуитетот на борбата за заслуженото место под сонцето на светските народи.
Авторот е долгогодишен новинар и уредник во МТВ