Кога прочитав за заедничка вежбовна активност на армиски и полициски структури на „Криволак“, помислив дека е т.н. кромид-вест (сатирична – onion news, квазивест што е пародија на некој случај во кој се исмева глупоста на јавните актери, ама и на јавноста). Вториот инстинкт беше дека можеби станува збор за т.н. фејк-њуз, т.е. злонамерно конструирана полувистина за да послужи како пропаганда во политичката битка. Но кога ја видов и на провладини медиуми, сфатив дека ѓаволот ја однел шегата, па и пропагандата. Тоа што нашата сакана полиција тренира строгост, што не е никаква вест, ќе речете. Присутните на минатонеделниот протест со свои очи видоа огромни полициски сили (јас, за жал, видов мои студенти на двете страни на оградата; едните се радуваа што сум таму и бараа селфи, а другите ги тргаа погледите настрана од срам). Од протест до протест расте бројот на полицајци, оклопни возила, водени топови. Да се разбереме, и во „мое“ време легендарните „Бијело дугме“ пееја „Милиција тренира строгоќу да не буде све како ја хоќу“.
Но денес не смееш ни да ги спомнеш, а не пак да им испееш песна. Полицијата ја покажа строгоста и превентивно, повикувајќи стотици луѓе на информативни разговори ден претходно, а на денот на протестот ги блокира сите патишта и наплатни рампи, па дури и возовите. Што има таму да се протестира, и тоа на снег и дожд, па да се разболат луѓето за џабе – кога власта решила да ги усреќува, милом или силом?! Новина во етаблирањето на полициската држава (за што пишувам одамна) е учеството и на армиските сили (не заборавајте дека дел од нив веќе беше (зло)употребен како декор за пропагандната порака на Заев пред референдумот, но никој ни да писне, а експерти за демократија и безбедност, со лопата да ги риеш). Веста гласи вака: „Припадниците на АРМ и МВР, кои учествуваа на здружената вежба ’Есенска бура-18’, на армискиот полигон Криволак, демонстрираа координиран настап при справување со ситуации и постапки поврзани со кризниот менаџмент. Демонстрантите, притоа, носеа плакати на кои пишуваше ’Сакаме леб’. На денот за високи гости, специјалните единици на АРМ и МВР, со поддршка од хеликоптерските единици, воената полиција, пешадиските единици, како и Дирекцијата за заштита и спасување и Центарот за управување со кризи, го покажаа својот потенцијал за ефективно справување во разни ситуации.“ Таа би можела да се резимира вака: власта очекува „бура“, и тоа од најсиромашните и најранливите, кои ќе бараат леб, а ќе се справува со сиот арсенал – и тоа пред очите на „високите гости“, што е еуфемизам за меѓународниот фактор. Со оваа стапка на пораст на буџетот и пад на економскиот пораст, ова е сѐ поизвесно сценарио.
Да биде парадоксот уште поголем, на оваа толку моќна полиција пред десетина дена ѝ побегна најбараниот осуденик, оној против кој (божем) се дигна народ да бара правда и мир. Тоа е човекот за кој велеа дека е наша верзија на Николае или дури и Милошевиќ, ќе го снајде Тунис или Сирија, дека нѐ ограбил до гола кожа итн. Сега владее молк, или понекој испад на гнев – ама ништо посериозно. А очекував реакција барем како онаа по аболицијата на Иванов, барем да го офарбаа МВР. Активистите предат како мачиња, а пребегнатите вмровци се горди Европејци и ребрендирани демократи што директно од судница или притвор гласаат за уставни промени и го осудуваат Груевски. Димната завеса со приведувањето на Дон Мијале е само дефокус, но најсмешно е што го привеле од неговиот хотел, каде што имал работна вечера со вмровските пратеници околу драфтирање на законот. Подготвување закон од лица директно засегнати со него, а притоа и уценети и морално деградирани, е класична дефиниција на конфликт на интереси и дрско ругање со правдата. Nemo iudex in causa sua – е класичен и свет принцип во секоја правна и демократска држава!
Но Македонија е негација на сето тоа. Премиерот не разбира што е објективна, а што субјективна одговорност, ниту прави разлика меѓу вина и политичка и морална одговорност. Не ја гледа ни кај себе, ни кај министерот за полиција, ами зборува за тоа дека Груевски излегол кукавица! Најстрашно од сѐ е што дури и пратениците ги повторуваат рефрените на првиот полицаец „истрагата е во тек“, како на пример бившата пленумка Туфегџиќ, која заборава дека како (наводно) независна може да иницира интерпелација. Да не е трагично, би било да умреш од смеа. Од Груевски куртуливме, ама овие ќе нѐ докрајчат со недоветност, неукост, корумпираност и со ароганцијата, со која мислат дека пиеме нафта и не знаеме дека учествувале во игранката спонзорирана од надвор! Инаку, тој самиот ниту е толку способен, ниту интелигентен, да реализира онакво балканско/натовско патешествие! Ниту, пак, земјите низ кои минал се нешто повеќе од полупротекторати на далечински управувач…
Циркусот е непресушен, но воено-полициската акција наскоро ќе стане реална. Македонија не само што е сведена на гола територија (за пописот ќе пишувам наредниот пат) туку е ограбена, експлоатирана, дадена на концесии, распродадени се сите природни ресурси. И конечно стана (економско и политичко) слепо црево. Единствената употребна „вредност“ е во контекст на членството во НАТО, за кое уште треба и да плаќаме. Не треба да си експерт по енергетика да сфатиш дека земјава умира, меѓу другото, од загадување, сиромаштија и економски колапс. Енергентите ќе траат уште десетина години, гасот што ќе го увезуваме ќе биде релативно поскап, а се одрекуваме од околу 300 милиони евра годишно за транзит на гасоводот, кој сега нѐ одминува. За да станеме американска колонија, вождови-слепци го занемаруваат националниот интерес. Нема нација, нема национален интерес, има интерес на колонизаторите на кои им служиш – едноставно, зар не? Тие се поголеми католици од папата, па затоа додека цела ЕУ – почнувајќи од Грција, Бугарија, Унгарија, Италија, па до Германија и Шведска – се снабдува со евтин руски гас и гради гасоводи (од што добиваат плус финансиски бенефиции), ние гордо се промовираме од јаболко на раздор до слепо црево на Европа. „Турскиот тек“ ќе минува низ сите соседни држави, ама Заев ќе се бори да не отстапи ни педа земја за омразениот руски гас (како што вели мој пријател, го отфрлаат како да е нервен гас, а не енергент!).
Подобро ќе умираме од загаден воздух и полиција ќе нѐ дисциплинира, ама Руси и Кинези не сакаме, бидејќи не биле демократии. Заблудата (или пропагандата) дека членството во НАТО носи економски развој и демократија не заслужува сериозна елаборација. ЕУ се наоѓа во длабока економска и политичка криза, чија разврска ќе се очекува наредната година. Но што се однесува до благосостојбата што ќе дошла со зачленувањето е еднакво истрошена бајка. Разјадена од погубната политика на штедење, внатрешните делби, ксенофобија и популизам, таа не е во состојба да биде беневолентен спонзор (ако некогаш воопшто и била). Таа е облик на мек империјализам, но лидерите на најважните членки се барем до толку мудри да си ги знаат силите и слабостите и да знаат дека не смеат да зависат од САД, а дека е нужно да искористат што повеќе од соработката со Кина, другиот носител на мека моќ, особено во делот на инфраструктурата, енергетиката, трговијата. Своите економски рецепти Брисел тврдоглаво им ги препишува на земјите-кандидатки (кои може ефективно да ги контролира) дури и кога се штетни за нив, и тоа само од геополитички причини. Западот е преголем за да настрада од пукање на некое слепо црево, лесно ќе го отстранат, а штетата ќе биде незабележителна од призма на големата шаховска табла.
Македонија е во фаза на самоубиство и се подготвува да го следи својот погреб, затоа што некој не гледа подалеку од сопствениот нос, односно затоа што приватните џебови на клептократскиот клуб се поважни од луѓето што (ќе) бараат леб или лек. Ова со името и Уставот е само симболичкиот и формалноправниот дел на операцијата, и како такво можеби и не е прашање на опстанок (во буквална смисла на зборот). Ова веќе не е нација што е на врвот по нивото на слепа вљубеност во НАТО и ЕУ (кои веќе во таква форма не постојат дури ни во Брисел), туку земја што докажува дека не знае како да биде држава или нација во свет што се менува радикално. Ние живееме во застарени бајки за ЕУ и НАТО, кои не се во мода ни таму. Заложници сме на налудничав Винтерленд, за кој ќе фрлат стотици илјади евра во најзагадениот град во Европа, па уште ќе го кандидирале за „најзелен европски град“. Не е смешно, воопшто не е смешно! Полицијата и армијата вежбаат, а Големата зима доаѓа. Како во последната сезона на „Игра на троновите“… Останува да видиме дали ќе се најде некој што не е ни жена ни риба, односно ни маж ни евнух и кој на нацијата ќе ѝ соопшти дека леб може да има само во Самерленд, а не во лажен Винтерленд.