Во енигматичното, крајно провокативно интервју за бугарската агенција, една од пораките на претседателот на Владата на РСМ, Зоран Заев, е дека на Бугарија како пријателска земја треба да иѝ простиме, но да не заборавиме. Меѓу многуте коментари остана неразјаснета таа контрадикторна сентенца, што и за што треба Македонија (македонскиот народ) да прости, а да не заборави. Проштавањето значи простување на нечија вина, грешка, постапка, изречен навредлив збор, направено штетно злодело. Ако логично се толкува изјавата, Заев најверојатно не(сакајќи) кажува дека Бугарија направила крупни грешки кон Македонија. Затоа сега како суверена држава треба да даде прошка, иако содржината на целото интервју во суштина го говори спротивното, односно дека Македонците им грешеле на Бугарите и затоа се бара прошка од нив.
Како може да се исправат грешките со епилог што би требало да значи ем волкот да биде сит ем овците да бидат на број, услов што го поставува Европската Унија кон Македонија. Тука може да се наведат неколку конкретни предлози. Еве, на пример, премиерот Заев, за да ја потврди својата теза за заедничката историја, да покани највисока бугарска делегација да ги посети Ресен и Преспа. Местото има идеални технички услови, иако нема хотел ниту има каде да се руча. Патиштата се сигурни, градот е мал, со мирен и неконфликтен народ, лесен за полициско обезбедување. Географски интересен локалитет, со граници на три држави, ововременски неимпресивен но историски податлив за подавање рака. Гостите, ако се чесни, а не шовинисти и македономрзци, ќе се чувствуваат пријатно што престојуваат во град каде што Бугарите во 1941-та од дел од населението биле пречекани со цвеќиња, без да им се соопштува вториот, финален дел, дека биле избркани среќни што не настрадале, што зачувале глава за одмазда на злоделата што ги направиле. И сега би биле пречекани со исто внимание, оние што се против би биле запрени од органите за безбедност, далеку од очите на високите гости.
За почеток би ја посетиле родната куќа на Христо Татарчев, еден од основачите и првиот претседател на ВМРО, не и на ДПМНЕ. Таа куќа комунистите ја имаа ставено под заштита на државата, но познато е дека во Македонија по осамостојувањето, како и во Бугарија по падот на комунизмот, е уништено речиси сѐ што беше под државна заштита. Заедничко за двете земји е што под заштита на државата, и во едната и во другата, останаа само кодошите, полициските соработници и тајните агенти, кои сега и овде и таму зазеле и сѐ уште заземаат високи позиции или се влијателни преку други канали, најчесто мафијашки. Не може да се одрече дека тоа својство не ги обединува двете држави. Откако на Татарчев, како Бугарин, ќе му оддадат почит во куќата, сега музеј изграден и отворен од ВМРО-ДПМНЕ, ќе може да ја побараат локацијата на куќата во која бил роден Андреј Љапчев, министер и ценет високорангиран бугарски премиер (1926 – 1931), за кого во книгите се тврди дека за време на неговото владеење царска Бугарија од селско турска, преку реформи, ја направил пристојна европска држава. Бидејќи во Ресен нема спомен од Љапчев, освен семејните гробишта на поновите генерации, никој не би имал против со бугарски пари да му се подигне спомен-обележје – биста, што и да е, на која би било напишано дека тој ресенец бил бугарски великодостојник, министер и премиер заслужен за Бугарија. Тој историски факт е неспорен и не би предизвикувал конфронтации, како што се случи, на пример, со споменикот на Ќосето во Скопје. Слично би се постапило и со поставување некакви обележја и на другите славни ресенци во Бугарија, Симеон Радев и Трајко Китанчев, кои таму не ги „обичат“ многу.
Потоа може да направат една „расотка“, екскурзија, низ Преспанско Езеро. Ако езерото ги збратими Заев и грчкиот премиер Ципрас, во овој случај може да го достигне нераскинливото братство и единство на Заев и Борисов. Во сосема мала близина каде што е потпишана Спогодбата од Преспа, таму, според некои историски извори, на островот Аил, умрел цар Самуил, цар на Бугарите и на Македонците, според новоненапишаната заедничка историја. Гробот не му се знае, но и кога би се знаел, никој не би видел како Самуил и по илјада години се превртува во него од кавгите што се плетат околу неговата припадност. Неговиот пример покажува како човек може немирно да живее дури по илјада години од физичката смрт.
По враќањето во Ресен може да одат во селото Болно, каде што со селаните ќе фатат по едно здраво. Не знам дали се поставени патокази што го одредуваат правецот на патот, но кого било да прашаат и надвор од протоколот, ќе го најдат тоа зафрлено место. Таму, на тој терен, бугарските фашисти за време на окупацијата на Македонија ги погубија македонските херои Мите Богоевски и Стив Наумов. Бојко Борисов или кој било премиер што би дошол по него, може да одржи еден говор пред селаните, да им се извини за злосторството што го извршиле фашистите, не денешните Бугари, да каже дека такво нешто никогаш не ќе се повтори. Не мора да клекне, не мора да се извини, само да каже, да побара прошка. Жителите, тие што останеле, сигурно ќе го поздрават тој чин, ќе му аплаудираат, ќе го испратат со цвеќе, можеби и со шише ракија, како знак на големо пријателство од оние големи пријатели со капката.
По говорот, во придружба на свитата, бугарскиот премиер или претседател, може да ја посети болнската корија, да го види местото каде што двајцата „шумкари“ биле првин закопани, потоа откопани и однесени во непознат правец, без патокази, гробот никако да не им се знае. Откако некој локален водич подетално ќе му ја раскаже сторијата, тој и свитата да запалат по една свеќа, како верни христијани да се покаат и да се помолат на бога за проштавање.
Шефот на делегацијата веднаш да даде наредба да се отворат архивите во Софија, да се побараат записниците и фотографиите што биле направени на 12 септември 1942, кога е извршено злосторството, да се достават во музејот во Ресен. И како знак на добра волја, за да се памети, никогаш да не се заборави, како бугарска инвестиција во болнската корија да направат еден скромен но убав спомен-парк со споменици на хероите, на кои ќе пишува од кого настрадале. Да биде напишано онака како што било, според фактите дека тоа го сториле бугарски полицајци и војници за време на фашизмот, да не се фалсификува вистината, зашто новото време не трпи фалсификати. А и вистината не зависи од времето. Проштавањето, заедно со покајанието, се едни од основните елементи на христијанската религија. „Прости им Боже, не знаат што прават.“ Речиси нема христијански верник што не ги знае или не ги чул овие зборови, последните зборови на Исус Христос, пред да издивне распнат на крстот. Простувањето е божја обврска наложена во основната молитва Оче Наш, оформена преку стихот „и прости ни ги долговите наши како што им ги проштаваме и ние на нашите должници.“ Вистинското простување не е некој говорен трик, евтин јазичен термин што лесно се изговара пред другите за тие да се чувствуваат подобро, попријатно. Светото писмо, според толкувањето на теолозите, учи дека вистинското проштавање се состои од четири дела. Првиот дел е да се сетиме колку нешта нам ни се простени, вториот дека простувањето е откажување од правото да се врати со иста мера, третиот дека проштавањето е одговарање со добро на злото, а четвртиот дел е да ги запаметиш првите три дела и така да постапуваш.
Животот многу често не е фер, тешко ги поправа виновниците, ретко ги надоместува неправдите. Човечка должност е да им се прости на другите, но не и да се прифати како свое нивното злодело, тоа се две сосема различни работи. Потребно е време да се разлачи доброто од лошото. Не случајно Црквата ја има Прочка, празникот на проштавањето, кој секогаш паѓа на ден пред големиот велигденски пост, а по неа е првиот ден, наречен Чист понеделник. Нема некој што не е грешен, прашање е само дали ќе ја признае својата грешка и ќе бара прошка за неа.