Лазаре стани (2)

Грмат трубите на обновата и уво орфејско е сега човекот, ама и секој мртовец во гробот отклучен со Клучот на Животот запашан на појасот на Исус. И, тој сега ќе го земе гробот како винска чаша во своите дланки и откако ќе сети дека му растат херувимски крилја врз плешките, спомнувајќи си дека и тој е од ангелски род, ќе се упати кон Небесниот Ерусалим на свадбата на Јагнето. И тука ќе биде свадбарска здравица, таа што чекала можеби и неколку сончеви ери, здиплени само во една секунда откако минале, во еден збит временски квант во кој е собрано простор-времето, онаа прачестичка на Божјата Мисла што ја насети во својата лабораторија Бор, а и Хајзенберг на свој начин кога рече дека поезијата и физиката веќе не се разликуваат една од друга.

Да. И Лазар, братот на Марта и на Марија, сега е не само веќе свадбарска чаша, туку и првосвештеник на таа свадба небесна назначен лично од Јагнето, вторпат но сега засекогаш излезен од утробата на смртта и на гробот како тогаш Јона од утробата на китот. А првиот пат тоа беше само божествен експеримент за да им ја ублажи Исус болката на неговите сестри што го помолија за ова чудо, иако Лазар не го сакаше него бидејќи толку цврсто се беше сродил со прегратката на смртта како нејзин љубовник да е, целиот растворен во неа, една супстанција, руда во руда, есенција, златна згура што свети во мракот подземен на вечноста. Да. И сега од едниот до другиот брег на бескрајот грми трансцеденталната музика на Постоењето што преобразува сè во светлина и живот. И тоа сега е онаа материа прима, оживеаната твар од која како што рече и Синот, откако ќе го изабат омниуниверзумот молците на ентропијата Таткото негов ќе создаде Ново Небо и Нова Земја, и сè ново на нив ќе биде ама врз темелот на она Пра на работ од претпочетокот на Опус мунди пред да потече неомеѓена со брегови реката на времето во која, како што рече и Хераклит, не може двапати да се згази, а притоа да е истата, оти премногу бргу, секавично свлекува сè во заборавот.

Да. Ама сепак и таква, и тоа е нејзиниот парадокс, таа ја задржува врз струите на минливоста струјата на вечноста, така како што го задржува на сличен начин, неранет, Бескрајот стрелата исфрлена од тетивата на Зенон, која ни по милијарди години во божествената празнина нема, како Парменид и Буда, да се помести ни милиметар од местото оти во тој милиметар во кој стигна е собран целиот Бескрај, а во следниот уште еден и никаде не му се гледа крајот на морето на Божјата Свест, таа што како ластовичино крило над испустените македонски села ни го допира битието, без да сме свесни дека екстазата во која сме длабоко паднати безнадежно и слатко, како тогаш во Првиот Грев, е помоќна од силата на гравитацијата, која по изгонот од рајот го отвори за Авел првиот гроб на земјата. Дури отпосле, по слаткиот грев во Градината Господова, сфативме дека поројот на судбината како жив песок ни ја подлокува почвата под нозе, додека во нашата љубовна прегратка распупува Првата Пупка на Првата Пролет полна со светлина и море, ама и со студ и слана. Отпосле огрева она полноќно сонце со онаа де профундис тага во која сè ни вели збогум и Сè се збогува со Сè, ама за утеха будејќи ја притоа и праносталгијата кон Бог, а и неговата кон нас, жеден за повторно да нè допре со дланка како во „Создавањето на Адам“ на Микеланџело во Сикстина каде што како силен космички ветер јури кон своето создание од штотуку оживеаната глина.

Така. И за да избие божјата есенција во Сè, низ рудите минува првородена Златната Жица на Исус, тој што, откако по три дена повторно како што вети го изгради урнатиот храм, се крена од подземје во надземје како моќно дрво, она космичко Јас што грмна: Лазаре стани! за да се објави чудото, новиот закон на небесната природа, на новата гравитација, која во своите алхемиски хипотези ја има и Њутн и која не гробот како земната, туку кон небото влече сè, кон свадбата на Јагнето што нема почеток ни крај. Така сè е жива алхемија во која и калта и ’рѓата се претвораат во злато како на сликите на Рембрант, во квинтесенција што ја открија посветените во раната на Спасителот, со која се венчаа како со невеста и легнаа со неа на својата брачна постела тие.

И грми гласот на тоа космичко Јас, царски печат на Новиот завет: Лазаре стани! Грми за да се озакони чудото по кое, скорнат од смртта за да го видат сестрите, Лазар повторно ќе мора да слезе во гробот да руча и вечера од погачата на смртта до воскресението, пронајдок над пронајдоците на Бог што го објави среде безбожниците Синот, Јагнето што како награда за тоа тие го одведоа на кланица и се уште на небото, како што го виде во визија тоа апостол Јован, има на вратот негов белег од тоа клање. Да. Ама таа жртвена крв со име Спасение ги чува во бела ангелска руба праведниците во гробовите пред да се кренат на небо тие, како што го објави тоа пак Јован во Откровението, книгата на свршетокот на времето и светот во Светото писмо. Ги чува во облека од светлина Јагнето Божјо и Македонците, племето столчено од таа сатанска цивилизација до самото дно на постоењето. Заштитени од неа се само созданијата на Творецот во Едемската Градина: животните, птиците, рибите, инсектите и пчелите-свештенички во неа сафир, јаспис и од топаз. Така горе. А долу на земјата како дембели се истегнале столетијата, додека длабоко под нив жицата на јагленот што се спровира низ тешките геолошки пластови, спокојна и речиси религиски посветена во инстинктот за сјај, ги есенцијализира пламнати веќе електроните во атомите на материјата како остаток од падот и го врзува нашиот оган во цврста светлина, во Дијамант што ита кон прстенот на младоженците колку што ги има во црквите полни со пајажина и тага во испустените македонски села. Дијамантот што како божествена објава глеј го зема, седнат крснозе среде космичката празнина, за симбол, духовен архетип и тело преобразен Буда во вечно траење. Онака како и Исус што им вети на посветените во Таткото, Синот и Светиот Дух по воскресението дека ќе ги облече на небо во нераспадливо тело. Дијамант.

Лазаре стани! А тоа е повик и до Општиот Човек. Големата Афирмација. Тоа се аргументите Лазаре да станеш, да се кренеш од смртта, оти не се работи тука само за жалта на Марта и Марија, туку за фактот дека ти си живо семе фрлено во браздата на Јахве. Стани Човеку и заплови низ реката на Животот што се отвора и во смртта дури секоја секунда во тебе, фати се за крилото ангелско што шуми над твоето теме, исфрли го како дискофрлачот на Мирон надвор од тебе крикот на стравот преобразен во Слобода, да дојдат скротени ѕверовите на поило на Праизворот на твоето битие вглобено во сепостоењето како во свој дом. Ти обожествен од петиците до врвот, штафета уште од пред почетокот на создавањето, која треба да го поздрави Постоењето. Големата Афирмација. Лазаре стани! Се стопил пурпурот на залезот, го заклучило под златните клепки едно Длабоко Дете над кое се отвора уште едно небо со нови милијарди соѕвездија што кружат во вртоглавица и во неговата крв. Лазаре стани! погледај го ова чудо. Може ти си тоа Дете што се буди новородено сега, како ќерката на Јаир збунето застаната среде Кумовата Слама. За нејзината дланка глеј една за една, алка за алка, ѕвезда за ѕвезда се држат збито во космичкиот синџир светлините небесни како македонско свадбарско оро. Да. И еве девојчето Јаирово изведува и како шамивче врти во десната рака еден пурпурен облак од метеори, сукајќи го орото како малешевски зелник над посивените македонски села и гробишта.

На цреша претешка од цутје и од птичји гнезда личи тоа оро. Во секој цвет со латици од молњи по едно соѕвездие кружи, Големото Незнаење, правта трансцедентална на првиот грев во ноќвите на Господ од која е замесено тестото за лебот на Тајната Вечера. Но онаа по Голгота. Правта од која уште пред создавањето Творецот во свеста своја го замисли Човекот. Ама едно не предвиде Тој, дека творбата негова откако ќе ја оживее од таа нежива твар ќе крикне страшно: Боли! И тоа беше првиот збор со кого таа влезе во Постоење и пред да се случи оној грев на нашите прародители со кого се сроди, делејќи ги со него Виното и Лебот на трпезата на животот со име Судбина. Отпосле тие се преобразија во крвта и телото на Исус, засведочени во неговата трансцедентална рана од која извира Постоењето, Големата Афирмација, она Пра на кое како на темел е поставено Сè, и низ кое минува Сè низ Сè, прастаро и ново, родено од мигот како жител на вечноста. Рана преобразена во ведрина, длабока ноќ на битието од која како кај Рацин и Новалис извира светлината со роеви од сонца и соѕвездија. Да. И сега сè е толку едноставно, тајната ни е на дланка и Господ вечера со нас на иста синија, и веќе не ги газат патиштата свети тешките теолошки коњи, како што вели Де Ружмон, ниту Создателот е веќе затворен во влажни и непроветрени цркви, туку е слободно Космичко Дете што скита босоного низ пурпурните ливади на соѕвездијата држејќи го Сонцето под мишка. Еве го него, одамна симнато од крстот на Голгота и побегнато од ножот на цивилизацијата што го закла еднаш, го влече по себе сосе Арарат водениот чаршаф на Новиот Потоп, чистејќи го од калта фрлена од теолозите врз него Првиот Грев на Адам и на Ева. И тој сега светка како кристал во кој легна преобразена првата ноќ во која влегоа тие откако го минаа работ на рајот. Еве го потопот во кој ние, измиени и повторно родени, ќе ја откриеме златната згура во нас, битието обожествено од кое толку многу сме биле оддалечени.

Лазаре стани! Небесна алелуја ги ниша планините и ридовите и на свадбата на Јагнето ита. И мравката глеј го влече таму зрното поголемо од неа во кое крснозе седнал Бог и пее. Од најситното, пчелата и бумбарот дојден уште од Стариот Египет, до најкрупните созданија, нилскиот коњ и крокодилот, кои му ги истопори Јахве на преплашениот Јов за да му ја покаже на видело својата создателска моќ, сè иде на таа космичка свадба. Идат облечени во облека на светлината праведниците скорнати од гробовите, а заедно со нив и народите. Тие што се посебно заслужни за Бог и Божественото и за ширење на словото на Љубовта. Сиромашните и понижените први пристапуваат, им се отвораат царските небесни врати, а богатите и моќните што угнетувале и безбожни што се покажале Создателот ги става настрана пред терезијата на Страшниот Суд на која секоја нивна прашинка на мракот и злото ќе биде измерена и судена.

Лазаре стани! Сега на вечни времиња. Јас сум Патот, Животот и Вистината! Стани, оти треба сега и Македонците да ги кренам од гробот во кој ги закопаа сосе Името оние од оваа и од другата страна на Океанот, подли и безбожни, заедно со предавниците од родот македонски, изроди и слуги на Сатаната, лошото шупливо семе што го одвеа сега ветерот од здравото жито на светото господово гумно Македонија. Лазаре стани! Ова сега се Ново Небо и Нова Земја, оти старите ги изедоа молците на ентропијата во недостиг од Љубов во светот, Словото Новозаветно, кое Павле и Македонците како штафета, за да го преобрази својот пагански нарав, ѝ го подадоа на Европа. Но таа ниту го прифати ниту нешто научи од него.

Лазаре стани! и земи го како сите праведници во рака гробот преобразен во винска чаша за Свадбата на Јагнето на која, заедно со столченото племе во кое дојде Павле, на неа ќе бидеш од десната страна на Отецот. Покрај Синот. Ги слушаш ли, веќе е полно твоето глинено уво со свадбените свирки. Лазаре стани!

(крај)