Врската помеѓу ширењето на заразните болести и миграцијата беше воспоставена уште многу одамна. Болестите се шират по трговските патишта, со напредување на армиите, воените затвореници, бегалците. Денес не е различно од минатото.
Кризата со ковид-19 ја засени неизвесната состојба на многу мигранти во Европската Унија и нејзиното соседство, како и на оние што се обидуваат да стигнат до Европа. Влијанието на коронавирусот врз мигрантите го надминува постојниот ризик од инфекцијата. Докажано е дека бегалците и мигрантите носат епидемиолошки ризик за земјата одредиште, како и за земјите што се на мигрантската маршрута до крајната дестинација. Последиците по здравјето на граѓаните може да бидат сериозни, особено ако државите немаат искуство, капацитет и средства за справување со епидемија од вакви размери, како што е коронавирусот.
Кризата со коронавирусот ги натера државите да ги затворат своите граници и да го ограничат пристапот до барателите на азил. Митот за границите што не можат да бидат затворени се покажа погрешен. Коронавирусот се покажа поефикасен во стопирањето на миграцијата отколку кој било ѕид што може да се изгради. Секоја држава се обидува да го заштити своето население во услови на ваква пандемија. Сегашната криза, која бараше итна акција, беше тест на владите за приспособливост кон вонредни ситуации. Особено кон ситуацијата со мигрантите во услови на пандемија. Нашата не само што потфрли туку остана нема на сѐ поголемиот наплив на мигранти во земјава, занемарувајќи го ризикот за неконтролирање ширење на заразата.
Сите мерки за карантин што ги презедовме досега може да се покажат како тотално бескорисни, доколку границата е порозна. А гледам нашата станува.
И тоа баш сега, кога очекуваш дека нужно е херметичко затворање на границата, да се спречат ширењето на пандемијата и можноста мигрантите да се јават како дополнителен епидемиолошки ризик. Сликите со мигранти како слободно се движат низ земјава го вооружува стравот кај населението од неконтролирано ширење на заразата. Кога изостанува реакција од владата, сфаќате дека овој страв е вкоренет во плодно тло.
Кога нема да најдете начин да одговорите на легитимната загриженост на јавноста за сѐ поголемиот наплив на мигранти во земјава и да го разоружите стравот кај населението, со обелоденувањето некакви си планови за нивна локална интеграција во кои се предвидуваат активности во повеќе сектори, како што се: домување и сместување; образование и обука; вработување и стручно оспособување; здравствена заштита; социјална заштита и општествена интеграција, истиот тој дополнително го разгорувате.
Очигледно додворувањето на меѓународната заедница и парите се поважни од здравјето на граѓаните. Кога европските влади се обидуваат да го заштитат своето население со драконски ограничувања на движење и суспендирање на мерките на дислокација на ранливата група мигранти од пренатрупаните бегалски кампови во Грција, ние размислуваме за нивно вдомување и интеграција. Чудна некоја политичка логика во услови на ваква пандемија.
Избувнувањето на коронавирусот се заканува дека ќе нанесе „масакр“ на бегалците и мигрантите низ светот, кои честопати живеат во тешки услови, немаат пристап до чиста вода и се наоѓаат во земји со пропаднати или нефункционални медицински системи. Но истовремено мигрантите се „шведска маса“ за ширење на пандемијата, која мора да се стави под контрола.
Затоа мигрантите мора да бидат вклучени во националните планови за справување со кризата на коронавирусот. Кои очигледно ги немаме. А треба. Ако продолжиме да ја игнорираме мигрантската криза, која не е веќе само хуманитарен проблем и безбедносна и демографска закана за општеството: таа станува сериозна здравствена закана, која, доколку се остави да тече неконтролирано, ќе му нанесе сериозна штета на македонското општество.
Во време кога „здравјето е ново богатство“, кога некои земји воведоа таканаречени пасоши на имунитет и користат апликации за мобилни телефони дизајнирани за да спречат ширење на коронавирусот, ние дозволивме мигрантите да останат во сенката на кризата. Кога очајот станува средство за лукративни цели, пандемијата си го трасира патот на мигрантската маршрута низ Македонија. Која, гледаме, повторно е отворена.
Пандемијата е тука, мигрантите во сѐ поголем број се тука, а не гледам никакви рестриктивни или какви било политики за мигрантите, како заштита од можно ширење на заразата со коронавирусот. Сѐ е оставено на стихија. Како сѐ во државава. За да не мораме да живееме со перцепција дека сме заглавени во ситуација на криза во рамките на криза од која немаме излез, мора сериозно да се позанимаваме со мигрантите како епидемиолошки ризик. Колку побрзо толку подобро. Зашто за здравјето се работи.