Криза

Може и Владата да падне. Има најави. Ништо чудно. И ништо страшно. Падна и таа пред неа, кога беше навистина страшно, што има сега да си ставаме толку на душа? Кога падна претходната, онаа на диктаторот Груевски, беше време на режим, диктатура, институциите беа партизирани, а државата заробена, па богами, беше страшно. А сега, си е сѐ во ред. Имаме демократија, слобода, функционални институции, отворена држава и плус, како најголема придобивка едно општество за сите. И не е тоа самофалба на оние интелектуални грамади на комуњарите што глупите вмровци од љубомора ги нарекуваат апологети. Не, не, ова е констатација на ЕУ, НАТО и целиот слободен свет. Па ако е така, зошто треба да се плаши некој од нас поради тоа што ќе се случила политичка криза? Ова е логично прашање за секој мал буржуј конформист што не сака неговата животна рутина и бит да му ги нарушуваат политичари со нивните проблеми.
Секако, еден од најголемите проблеми на политичарите е кој е влада во ова земја? И некако, најзагрижени се повторно тие, црвената буржоазија, нивните деца, нивните внуци и трабанти, особено оние последните што се делат на комуњари политичари и комуњари апологети. Оние првите – трабантите комуњари паднаа, од првиот Заев Зоран до последниот Царовска Мила. Но останаа трабантите апологети за да им ја чуваат отстапницата. Да бидат последните во рововите што ќе го доиспукаат кон омразениот им непријател, глупи, прости, небањати, смрдени, а од скоро и националисти и нацисти вмровци!

Ова веќе не е јазикот на чаршијата, туку тешката артилерија што во хаубиците им ја намести лидерот им, мегатрабантот во оставка, а тие имаат задача да ја употребат кон непријателската страна. Многупати сум кажал и напишал. Тие, сите оние што не ги поддржуваат, ги сметаат не за противници, не за спротивставена страна, туку за непријатели. И тоа не какви било непријатели, туку животни. За нив, сите ние сме нивни душмани што најдобро би било да се самоубиеме за тие да не си ги гнасат рацете со нечистите ни тела и бедните ни души. Не залажувајте се дека тие вас ве поимаат за луѓе, за нешто што е налик на нив, не, не. Вие за нив сте стока што секогаш треба да ги избира нив да управуваат со вас. И ете ги, не знам по кој пат, со истата, ама пак со истата приказна што води кон ист наратив, кон иста структура, кон ист егзодус од драмската ситуација наречена Македонија – кон криза. Сите патишта водат кон политичка криза, која, замислете, сме ја предизвикале ние, што на локални, внимавајте, на комунални избори сме гласале за некој друг, а не за црвената буржоазија и нивните синови, и со тој од нас неочекуван и гнасен чин, сме предизвикале душевна состојба на разочараност кај мегатрабантот Заев, кој резигниран поради нашето поведение на денот на изборите, од позиција на претседател на влада, затоа што неговата партија не победила, уште еднаш повторувам – на локални избори, дал оставка на премиерската функција во државата и претседателската им во партијата.

Да читаш, да слушаш и да не веруваш. За оставката на лидерот им, виновни сме ние! И тоа не е сѐ, со таа наша срамна одлука да избереме градоначалници и совети што не се од нивните партии, внимавајте пак повторувам, градоначалници и совети на локална самоуправа – сме се определиле за национализам и нацизам! О ровја! Но како почна создавањето на тоа сценарио, кое во нивниот филм е епска драма од оној холивудски жанр на блокбастери во кои планетата земја ја напаѓаат вонземјани или во неа удара метеор? Ете, таа е нивната приказна. Во експозицијата, меѓу двата круга од локалните избори на телевизија, додека уште „умрениот“ беше топол што се вели, во понеделникот или во вторникот, мегаапологетот на црвената буржоазија, уберкелнерот на Зоран Заев, другарот Зоран Иванов, во прибрана резигнација изјави дека, парафразирам, ако резултатите се такви какви што за негова жал се – победуваат „глупите и небањатите“, тоа и не е толку голема мотивација за карактерите да почнат да дејствуваат панично, затоа што тие прости и заостанати антагонисти, и во минатото, за разлика од неговите прогресивни протагонисти се покажале дека имаат проекти, ревносно ги извршуваат, активни се на теренот, вредни се во остварувањето на задачите и се држат до ветеното, но само дотаму. До комуналните работи во општеството. Тие не можат да водат држава и влада затоа што ќе предизвикаат криза, национализам, шовинизам и катастрофи од вонвременски размери.

Ете ја таа приказна. И еве го тоа сценарио сега во јавниот простор. Него го дополнија и генералите трабанти апологети од весниците и телевизиите, нивните каплари од порталите и војниците по фејсбуците и твитерите, но, во таа битка ги вклучија и полковниците во пензија, кои за верното служење на комуњарите и комуњаризмот на заминување ќе добијат и највисоки градски и државни награди и почести. Никој комуњар нема да биде заборавен. Чисто да имаат на ум и тие што сега ќе се вклучат во таа одлучувачка битка, во таа последна линија на одбраната на нивниот Сталинград – Скопје, кој бесно и гнасно е нападнат од националисти и нацисти. И веќе сме во првиот чин на сценариото кога сѐ уште се измислуваат конфликтите и се карактеризираат карактерите и нивната мотивација да ги преодолеваат и преминуваат сите пречки на патот, кој, секако, и другпат сме виделе води повторно кон целта што ќе се оствари во тешка битка во кулминацијата – до влада и власт на комуњарите. Тоа е приказната. И еве сега да ја видиме таа структура на наративот.
Тези.
1. Изгубени се локални избори.
2. Зоран Заев дава оставка.
3. Владата може да падне.
Каков е излезот од таа драмска ситуација?
Антитези.
1. Предизвикај криза.
2. Создади состојба на опасност и загрозеност од невидлив непријател со демонска сила и посеј стравови и чувство на загрозеност насекаде околу тебе.
3. Обвини ги сите други за сите твои грешки.
Синтеза.

Во меѓувреме, притај се, вовлечи се, промени го надворешниот изглед, користи нов јавен говор, биди хипокрит, кажи дека тие што дошле се твој избор, стани дел од нив, заколни се во најмилото, тоа се глупи и голем дел од нив малоумни верници што веруваат на заклетви, покај се лажно за сѐ што си правел против нив, одречи се од сѐ што е твое, биди дел од нив, освој ги, раскарај ги, подели ги и предизвикај КРИЗА!
Постулати.
Ти си комуњар.
Ти на власт може да дојдеш само во КРИЗА!
Ти можеш да постоиш и да владееш само во КРИЗА!
Ти можеш да живееш, да земаш за себеси и за потребите на твојата егоистичка природа само ако има КРИЗА!
Ти можеш да опстоиш и да преживееш само ако има КРИЗА!
Ти не си жив и не си ја завршил твојата задача ако не си создал КРИЗА!
Ти не постоиш ако нема КРИЗА!
Ти си КРИЗА!

Авторот е режисер и универзитетски професор