Можеби власта мисли дека со евтините приказни ќе ја избегне одговорноста, но се лаже. Тоа нема да се случи во форма на оставки или разрешувања, но ќе се случи во форма на делегитимирање пред граѓаните и пред меѓународната заедница
Нова недела, нови скандали, уште претходните не стигнуваат до врвот, етничките лични карти не доживеаја ниту неколку дена, нови ги преклопуваат, динамиката на скандалите не е во месеци, ниту недели, ниту денови, туку во часови… И не е скандал бегството на Сашо Мијалков, туку обратната поставеност на предизвиците. Наместо короната да е мртва, а некој да преземе одговорност за случајот Сашо Мијалков, се случува обратното, короната е жива, одговорноста е умрена!
Да почнам од второто, од одговорноста. И не е толку одговорноста за бегството, бидејќи Сашо Мијалков сѐ уште не е осуден, и е поранешен разузнавач, и тамам работа да не може да организира бегство, како што претходно тоа го направија други разузнавачи. Јавното обвинителство (ЈО) ќе треба да се соочи со отсуството на вертикална комуникација, зошто Вилма Рускоска, јавна обвинителка за организиран криминал, не ги информирала својот претпоставен и своите подредени одговорни за случајот обвинители. Зошто ЈО и МВР не постапувале по стигнати информации.
Та Љупчо Палевски, утрото на 20 февруари (петок), јавно најави можно бегство. Повеќе е одговорноста за управување со случајот и на крајот решавање на случајот, односно забошотување, со соучесништво на медиуми, вклучувајќи ја ТВ 24. Неколку детали. Кога сѐ уште се сметаше дека Сашо Мијалков е побегнат, покажано со проверка на автомобили кон Косово, одговорноста за „политичкиот дил“ се насочуваше кон Оливер Спасовски, министер за внатрешни работи, иако секому му е јасно дека такви политички дилови може да направи само Зоран Заев. Па брифинзи во медиуми колку е бесен премиерот, па викал, па се заканувал, па полека најавување дека дури може и од некого јавно да се побара одговорност. Ова го презеде приматот на твитер одговорноста на Венко Филипче, за злоупотреба на вакцинацијата, каде што има директна непосредна моќ за санкционирање. Појавувањето во живо на бегалецот пред новинар и камера на ТВ 24 е кулминација на лош циркус, лошо реалити шоу, за што не мора многу да образложувам. Тоа што за толку лошо шоу, новинар и телевизија решија да ја жртвуваат својата професионалност е вознемирувачко.
Нема принципи, вредности, професионалност, основен интегритет и чесност, има наши и ваши, и толку! Тие што обвинуваа други за апологетство кон ВМРО-ДПМНЕ, сега се министри и портпароли на СДСМ! Тие што го раскринкуваа скандалот на Диме Спасов, сега го забошотуваат случајот на Сашо Мијалков. Еве, да ги потсетам како бараа одговорност во случајот на Сеад Кочан. Сеад Кочан, по обвинувањата кон него, се даде во бегство, и беше неколку недели во бегство. Запленувањето на неговиот имот тука не е релевантно, но многу е релевантно дека имаше кривични пријави за судиите што не му одредија притвор на Сеад Кочан.
Е сега, за ова ќе има одговорност во правосудството? Можеби власта мисли дека со евтините приказни ќе ја избегне одговорноста, но се лаже. Тоа нема да се случи во форма на оставки или разрешувања, но ќе се случи во форма на делегитимирање пред граѓаните и пред меѓународната заедница. СДСМ деновиве губи поддршка на циклус на симпатизери и гласачи и за очекување е натамошно тонење на рејтингот. Истовремено десетици амбасадори пишуваат депеши до нивните држави, кои понатаму ги трошат кредибилитетот и меѓународниот легитимитет на оваа влада.
И додека одговорноста е умрена, короната и тоа како е жива. Минатите денови имаме по околу 400 заразени и десетина починати дневно, со тренд на зголемување! И секако има жртвено јагне – угостителите. Ете тие, според ДПИ, во голем број ги кршеле протоколите и дури имале онлајн жива свирка.
Е, сега, колку е тоа голем број? Има над 6.000 угостителски објекти во земјата, па голем број би биле 2.000 или пак 4.000 објекти што ги кршат протоколите. Но на крајот сѐ сведува на истите десетина објекти што ги кршат протоколите и за сите нив е јавно познато кој политичар им обезбедува заштита. Криви се угостителите, не дај боже да се криви Владата и Венко Филипче, министерот за здравство, за комплетното фијаско на вакцинацијата, за што ќе платиме висока здравствена и економска цена! Уште еднаш, земјите што ќе обезбедат навремена вакцинација ќе излезат од рестрикции во јануари 2022 година, тие што нема – во јануари 2024 година. Фијаското на вакцинацијата ќе значи плус две години изгубено здравје и животи и огромни економски загуби. Короната е жива, одговорноста е умрена!
Авторот е аналитичар
Блог www.megjutoa.mк @sklek