Последниве недели повторно се интензивира употребата на зборот компромис. За неговото значење воопшто и за постигнување компромис во спорот со Бугарија пишуваа неколку колеги новинари, неколку текста на таа тема објави и колегата Александар Србиновски во „Нова Македонија“, медиум што предничи во застапувањето на македонските национални интереси по тоа прашање. Со залагања за постигнување компромис, Република Македонија подолго време беше бомбардирана од меѓународната заедница пред да биде решен спорот за името со Грција. Свежи се сеќавањата кога беше секојдневно гранатирана од американската и западноевропската тешка артилерија, што резултира со прекрстувањето на државата со ново име Република Северна Македонија и со губење голем дел од националниот идентитет.
Последните денови гледаме настап на лесната дипломатска европска коњица, предводена од Португалија и од министри од помалите нови членки на Европската Унија, главно поранешни комунистички држави, кои треба да ја разгазат набуената трева израсната на патот на Македонија кон ЕУ. Треба да им се оддаде признание зашто искрено се трудат да најдат начин да ги убедат Македонија и Бугарија нивниот проблем да го помрднат од мртва точка, поточно да постигнат некаков компромис. Најверојатно каков било, затоа што во комплексот на внатрешноевропска затегнатост и неслога кој било позитивен ефект, макар и сантиметарски напредок преку една неважна земја, ќе им биде од значење на сите вклучени во овој бесмислен спор наметнат од поранешните бугарски власти. Нивните напори за обновување на дијалогот и довербата и зајакнување на односите меѓу двете држави се секако претпазливи и добронамерни, иако дипломатијата познава примери кога добрите намери носеле еден куп лоши дела.
Иако волкот влакното го менува, Бугарија ставот не го менува, забележливо е дека по заминувањето на владата на триото Борисов – Захариева – Каракачанов нивото на напнатост е намалено. Таа тројка јавајќи да ја освојува Македонија ги изгуби изборите во Бугарија, ја изгуби власта, заслужено и најверојатно неповратно. Сега, барем навидум, малку под европско-американски притисок, малку од што на нивниот недосонуван сон му се трга чергичето од под нозе, тензијата од бугарска страна е спуштена, нивото на културно обраќање е подигнато, за разлика од досегашното простачко, тапкањето по рамо намалено. Во такви за грам променети околности, на македонската страна ѝ е понуден уште еден компромис во комплет со сѐ уште непозната содржина, непозната на јавноста, позната на кабинетите. Компромис што, според најавите, ветува, што не значи дека мора да донесе нешто корисно за Македонија и македонскиот народ. Меморандумот што Собранието на Бугарија го има усвоено во октомври 2019, а кај нас, за жал, не е објавен од МНР, е суров документ во однос на самостојноста на Македонија, крајно негаторски кон македонската историја, јазик и писмо, товар што не може лесно да го симне која било нова влада.
Во македонскиот литературен јазик под зборот компромис се подразбира постигнување спогодба меѓу две или неколку страни, постигната со заемни отстапки. Но толкувањето има поголем опфат. Компромис е вид решение со кое две страни во спорот правејќи одредени отстапки се целосно, половично или делумно задоволни, при што посилната страна, сепак, има некаква природна предност. Таков е, на пример, случајот со Спогодбата со Грција, оценета како неправедна, барем според мислењето на добар дел од Македонците дома и во иселеништво. Според некои социолози, безмалку сите луѓе на светот мора да прават некаков компромис, најмалку еднаш дневно. Зборот компромис, кој има латинско потекло, на македонското политичко небо во сателитска димензија го вивна поранешниот претседател Ѓорге Иванов, изјавувајќи дека со Грција е можно да се постигне „разумен компромис“, без да објасни што значи тоа. „Разумен компромис си е разумен компромис!“, гласеше таа незаборавна реченица од неговата веќе заборавена претседателска кариера.
Компромисите се познати низ историјата, има неколку што вредат да се споменат како поради својата специфичност така и нивниот придонес во профилирањето на голем дел на човештвото какво што го познаваме денес. Секако дека на прво место е компромисот што го постигнале рамноапостолите при ширењето на Христовата вера. Како што е познато, и Исус и апостолите биле Евреи, обрежани според својата јудејска вера. Библиските дела кажуваат дека кога тргнале од Ерусалим кон Европа да го проповедаат новото учење и да бараат нововерци, како главна пречка се појавило обрежувањето, еврејски закон што бил обврска да се спроведе за секое машко дете осмиот ден по раѓањето.
Оние мажи што имале намера да го примат христијанството а не биле Евреи не се согласувале да бидат обрежани, односно да им биде отсечено парче од пенисот. Најмногу поради тие причини пропаднало и првото патување на апостолот Павле. Дебатите дали да се поставува тој услов набрзо станале жестоки, по што заседавале апостолите и старешините на собор на Ерусалимската Христова црква. По тешки расправии, бил постигнат компромис, објавен во Антиохија, кој се смета за компромис што го определи развојот на идната цивилизација и на голем дел од човештвото. Решено било: обрежување за нововерците да нема. Наместо обрежувањето, како знак за припадност на новата вера, на новата црква и на христијанската заедница, се вовело крштевањето со света вода, симбол на Исусовото крштевање во водите на реката Јордан. Настаните што се случуваа понатаму со ширење на христијанството и покрстувањето на народите се повеќе од познати.
Во американската историја е познат Големиот компромис или Компромисот од Конектикат (Шерманов) од 1787 година, кога е постигнат договор меѓу големите и малите американски држави со кој се дефинирале учествата на секоја држава во законодавниот дом и во уставот на Соединетите Американски Држави. Тој компромис е оценет како клучен момент за натамошниот демократски развој и за политичката застапеност на државите во Конгресот. Со него била преобликувана структурата на американската влада, воспоставувајќи рамнотежа меѓу многу населените држави и нивните барања, земајќи ги во обѕир и интересите на помалите држави. Во Европската Унија, нашата идна мајка патронка, познат е Луксембуршкиот компромис од 1966 година, преку кој државите-членки се спогодија да се воздржуваат од предвидените одлуки на мнозинството, кога станува збор за виталните интереси на една земја. Затоа, понатаму де факто важеше принципот на едногласие, кој беше карактеристичен за традиционалните форми на меѓудржавна соработка. Тоа водеше кон консензусот, што сега се исправа како пречка Македонија да ги почне преговорите со Унијата.
Како што може да се насети, на повидок е некој лабав провизорен, привремен, необврзувачки компромис. Но јасно е дека поголем број историски и политички прашања остануваат и натаму отворени. Во тој компромис не може да се поништи историјата на Македонија, не може да не бидат зачувани виталните македонски национални и државни интереси во име на потпишаниот договор со Бугарија и закажување на првата меѓувладина конференција. Таа цена не е вистинската. Тоа е таа линија на разграничувањето, реалното согледување на односите и можностите. Дури и ако се мисли неволно но трезвено, ако се прифати фактот дека политиката е вештина на барање на возможното и реалното, останува прашањето до која граница може да се оди во политичката трговија со народот, со неговиот идентитет, јазик и писмо. Се поставува прашањето каде се границите на компромисот со Бугарија, кога се знае дека тие бараат Македонците да се откажат од еден дел од своето тело, да се обрежат и национално да се преобратат – од Македонци да станат Бугари, метафорично кажано.
Дали тој компромис подразбира губење на елементарниот политички морал на едно цело општество, отуѓување од сопственото тело, душа и срце, понижување на минатото и навреда на генерациите што дале крв за слободата и самостојноста? Ако се поминат тие граници, што не е исклучено да се случи, тогаш веќе не ќе може да се зборува за политиката како вештина за остварување на реалните државни и национални интереси туку како за обичен кванташки пазар, за политички бит-пазар на кој се купуваат и продаваат политичките убедувања, историјата, сегашноста и судбината на идните генерации. Големите историски компромиси во политиката имаат своја реална вредност ако се засновани на постигнати договори за суштински историски, политички, социјални, економски, културни и други прашања. Тие секогаш пропаѓале кога биле темелени на голи фрази и интереси, ако не се почитувале, ако биле погрешно толкувани и спроведувани, на штета на едната или другата договорна страна.