Ценејќи ги аргументите за, легитимноста на Преспанскиот договор и амнестијата, како и успешноста на претседателските избори, и против, можен застој во реформите, се чини дека претежнуваат аргументите за вонредни парламентарни избори
Деновиве кулминира јавната расправа за предвремени, вонредни парламентарни избори заедно со претседателските избори во април 2019 година. Има реакции дека Македонија ќе биде прва земја каде што вонредните избори ги заменуваат редовните, иако тоа е претерано бидејќи не можеме да ѝ го одземеме приматот на Италија, но сепак, тоа го отсликува мислењето на јавноста, која е заморена од избори. Во анкетата на ТВ Телма и на МЦМС, спроведена од „М проспект“, во ноември 2018 година мнозинството граѓани (58,9 проценти) се против вонредни избори, а за тоа се 33,5 проценти. Но на следното прашање, со три можни рока, 47 проценти од граѓаните се за избори во редовен термин, 25 проценти што побргу, а 16,1 отсто се за избори заедно со претседателските, со што таборите стануваат поизедначени.
И покрај заморот од избори, треба да се согледаат аргументите за и против вонредни парламентарни избори. Клучниот аргумент за вонредни парламентарни избори е прашањето за легитимноста на Преспанскиот договор. Ниту политичките партии, ниту поединечно пратениците, во нивната изборна програма, немаа наведено дека основа за решавање на спорот за името ќе биде промена на името за севкупна употреба во Северна Македонија. Дополнителниот обид за легитимирање на договорот со референдумот, е неуспешен, како што е и референдумот. Донесени се исклучително важни одлуки, кои не биле легитимизирани преку изборна програма и избори, ниту преку референдум, и оттука вонредните парламентарни избори се клучна алатка за проверка на легитимноста на одлуката за промена на името. И во Грција опозицијата тврдеше дека Владата нема легитимност за Преспанскиот договор, и тоа е проверено низ гласање за доверба на Владата. Во Македонија проверка на легитимитет низ гласање за доверба на Владата нема смисла, и затоа е рационално барањето за вонредни парламентарни избори. Дополнителен аргумент е дека дел од спроведувањето на Преспанскиот договор е и амнестијата за 27 април, што е спротивно од „Нема правда, нема мир“ – централното изборно ветување на СДСМ врз основа на кое СДСМ освои гласови.
Аргумент за вонредни парламентарни избори заедно со претседателските избори е и обезбедување легитимност за претседателските избори. Пред претходните претседателски избори, беше сменет прагот потребен за избор од 50 на 40 проценти. Оваа измена е направена врз основа на претпоставениот број колку граѓани од избирачкиот список се со живеалиште во земјата, и претставува 50 проценти од граѓаните гласачи што се во земјата. И покрај ваквата измена, претседателските избори мотивираат најмалку граѓани да гласаат, и последните неколку избори тие се спроведени заедно со други избори. Како што покажува искуството со референдумите, може да се случи при незадоволство на гласачите од кандидатите или, пак, поради апстиненција на еден блок поради убедливо водство на друг блок, да се доведеме во состојба во вториот круг од претседателските избори да не се постигне одзив од 40 проценти. Со тоа не би се избрал претседател и тоа би нѐ турнало во нова политичка криза.
Клучниот аргумент, а веројатно и единствен, е дека вонредни парламентарни избори би можеле да нѐ оддалечат од неопходните реформи за да се обезбеди датум за преговори со ЕУ, особено во контекст на ЕУ-изборите во мај 2019 година и периодот што ќе следува за формирање на новите тела на ЕУ. Неопходните реформи се во планот 18 и се однесуваат на владеењето на правото, правосудството и антикорупцијата, реформите на безбедносните агенции, како и реформите на јавната администрација. Највидливиот напредок во овој план е носењето на новиот закон за антикорупција и формирањето на новата Оперативно-техничка агенција (ОТА).
Законот за антикорупција се одложуваше долго време, за прекуноќ, под претпоставениот притисок на ЕУ-роковите, а и на изборите, да се донесе. Законот како закон е едно, клучно е неговото спроведување, а политичката волја ќе се види од новиот состав на антикорупциската комисија. Деновиве беа избрани четири од седум члена на Граѓанскиот совет за ОТА. Изборот го оспори ВМРО-ДПМНЕ и поради тоа се избраа само некои од членовите, бидејќи некои од членовите се поврзани со Шарената револуција. Патем, изборот го оспорија албанските партии, бидејќи ниту еден од кандидатите што се јавиле на огласот не бил од заедниците. Од друга страна, се избрани членови што ѝ се познати на јавноста, и покрај тоа што некои од нив беа поддржувачи на Шарената револуција, тие се професионални, и со висок интегритет. Тоа е добар почеток на Граѓанскиот совет за ОТА, и добар знак ако истото тоа се случува во антикорупциската комисија.
Ценејќи ги аргументите за, легитимноста на Преспанскиот договор и амнестијата, како и успешноста на претседателските избори, и против, можен застој во реформите, се чини дека претежнуваат аргументите за вонредни парламентарни избори. На пример, неуспешни претседателски избори ќе доведат до политичка криза и, веројатно, поголем реформски застој, отколку тој што би бил предизвикан од вонредните парламентарни избори.
Надвор од аргументите се прашањата за партиска опортуност. СДСМ се надева на водството пред ВМРО-ДПМНЕ во анкетите, ВМРО-ДПМНЕ се надева на водството меѓу етничките Македонци. Од овој агол, навидум ВМРО-ДПМНЕ ризикува повеќе, и СДСМ би требало да го прифати барањето за избори. Но анкетите се анкети, а изборите се избори и можни се изненадувања, како тоа во 2017 година кога Тереза Меј распиша вонредни избори во Велика Британија, при убедливо водство во анкетите, но на крајот го изгуби мнозинството во парламентот.
Авторот е аналитичар
Блог www.megjutoa.mк @sklek