Тројца од четворица граѓани имаат категоричен став за или против спогодбата со Грција, а само еден од пет граѓани е доволно информиран за со точност да го одреди решението за националноста
Крајот на јули, почетокот на август и деновиве се објавија најмалку четири анкети за спогодбата со Грција и тоа на МКД.мк спроведена од „Маркет висион“ (јули 2018), на МЦМС спроведена од „М-проспект“ (јули/август 2018), на ИПИС (август 2018), како и на ИРИ (јули 2018). Иако спроведени со разлика од неколку недели, како и со различно формулирани прашања, четирите анкети создаваат основа за почетна анализа.
Спогодбата со Грција ја подели нацијата. Според МКД.мк против договорот се 54,1 проценти, а за договорот се 45,9 проценти, додека според МЦМС против се 46,8 проценти, а за се 49,1 проценти (4,1 проценти не знаат). Според МЦМС, воочлива е категоричноста или крајноста на ставовите: воопшто не се согласуваат 41,8 процент, а целосно се согласуваат 34,3 проценти, додека донекаде не се согласува и донекаде се согласува изнесуваа 5 проценти, односно 14,8 проценти. Впечатливо е дека тројца од четворица граѓани (76,1 проценти) имаат категоричен став за или против, а само еден граѓанин има донекаде став за или против, или не знае.
Ставовите се разликуваат по етничка припадност и партиска ориентираност. Не се согласуваат мнозинството етнички Македонци (60,5 проценти), додека се согласуваат мнозинството етнички Албанци (88,9 проценти). Мнозинството симпатизери на ВМРО-ДПМНЕ не се согласуваат (82,5 проценти), а мнозинството на тие на СДСМ се согласуваат (82 проценти), со тоа што нивото на категоричност е повисоко кај тие на ВМРО-ДПМНЕ.
Претстојната кампања може да предизвика помали промени во јавното мислење, земајќи предвид дека тројца од четворица граѓани имаат категоричен став. Таборот против има повеќе простор за убедување, бидејќи тие што донекаде се согласуваат (14,8) се повеќе од тие што донекаде не се согласуваат (5), под претпоставка дека тоа се граѓаните што може да го променат ставот.
Во истражувањето на МЦМС, впечатлива беше неинформираноста на граѓаните за спогодбата со Грција. Твитер-заедницата се фокусира на информацијата дека 3 проценти, или еден од триесет и три граѓани, се информирале за спогодбата од самата спогодба, со нејзино читање, а другите се информирале од медиумите (73 проценти) и од социјалните мрежи (13,9 проценти). Само еден од пет граѓани (17,3 проценти) точно знае како е дефинирана националноста во спогодбата (македонска/граѓани на Северна Македонија), еден од четири граѓани не знае, а вториот од четирите мисли дека е граѓани на Северна Македонија. Тројца од четворица граѓани имаат категоричен став за или против спогодбата со Грција, а само еден од пет граѓани е доволно информиран за со точност да го одреди решението за националноста.
Сите четири анкети различно го поставуваат прашањето за референдумот, бидејќи некои од нив се правени и пред да се дефинира референдумското прашање. Според МКД.мк, во референдумот ќе учествуваат 47,8 проценти, не знаат 24,7 проценти, а ќе бојкотираат 27,5 проценти. А според ИРИ, определени се 71 процент, не знаат 13 проценти, а 16 проценти ќе бојкотираат, а од тие што ќе учествуваат 49 проценти ќе бидат за, а 22 проценти ќе бидат против. Во анкетата на МЦМС ќе учествуваат 66,4 проценти, не знаат 13,8 проценти, а ќе бојкотираат 19,8 проценти, а од тие што ќе учествуваат 39,8 проценти ќе бидат за, а 35,7 проценти ќе бидат против. Кај ИПИС определени се 65,2 проценти, не знаат 12 проценти, а 22 проценти ќе бојкотираат, а од тие што ќе учествуваат 43,2 проценти ќе бидат за, а 22 проценти ќе бидат против.
Според четирите анкети, определеноста или одзивот изнесуваат од 47,5 проценти (МКД.мк) до 71 процент (ИРИ), а МЦМС и ИПИС имаат слични податоци (66,4 и 65,2 проценти). За #Бојкотирам се изјасниле од 16 (ИРИ) до 27,5 проценти (МКД.мк), а МЦМС и ИПИС имаат слични податоци (19,8 и 22 проценти). Според четирите анкети, таборите за и против се изедначени, доколку во против се вбројат тие што се против и тие што ќе бојкотираат, или за е во благо водство.
Така, според овие анкети референдумот ќе биде успешен, односно ќе го има потребниот одзив и мнозинството граѓани ќе гласаат за. Но… во реалноста ќе влијаат повеќе фактори: бројот на гласачи што живеат во Македонија, мотивираноста на гласачите, како и кохезијата на таборот против. Познато е дека одреден број македонски граѓани (државјани) со право на глас не живеат во Македонија. Таа бројка варира од службените над 80.000 граѓани со право на глас во дијаспората, до 170.000 или 300.000 граѓани што не се во земјата. Како анкетите ги опфаќаат само граѓаните што живеат во земјата, процентите за одзивот мора да се коригираат со процентот на тие што не живеат во земјава.
И покрај високата определеност граѓаните не се еднакво мотивирани да излезат на гласачко место. Највисока мотивираност има за парламентарни избори, обично над 60 проценти, пониска за локални, обично меѓу 50 и 60 проценти, и најниска за претседателски избори, на последните околу 48 проценти. Под претпоставка дека ниту СДСМ ниту ВМРО-ДПМНЕ нема да се мобилизираат ни приближно како за избори, поверојатно е дека нема да се постигне потребниот одзив од 50 проценти.
Главна грижа на таборот за е одзивот, кој покрај партиската неактивност се соочува со уште два проблема. Првиот, дека врз одзивот и за гласовите имаат влијание етничките Албанци, кои традиционално имаат понизок одзив, а и мотивираноста не е силна, за што показател е многу нискиот интерес за гласање на албанската дијаспора во Швајцарија и општо во Европа. Вториот, дека решителноста на симпатизерите на СДСМ е помала, плус демотивираноста расте со консултативниот карактер на референдумот. Таборот против е порешителен, но е поделен на тие што се против и тие што ќе бојкотираат. Тука ќе влијае ставот на ВМРО-ДПМНЕ, но и без нив, ако за референдумот веќе не одлучи послабата мотивираност на таборот за, тогаш може да одлучи таборот #Бојкотирам.
Блог www.megjutoa.mк
@sklek #СпоротЗаИмето #Референдум #Бојкотирам #ЕУ #НАТО