„Тоа се случи така што избувна пожар зад сцената во театарот. Кловнот излезе на сцената да ја информира јавноста. Тие помислија дека е шега и му аплаудираа. Тој го повтори предупредувањето. Тие почнаа да викаат уште погласно. Така, јас мислам дека ќе дојде и до крајот на светот, среде општ аплауз од сите што се духовити и кои веруваат дека тоа е само шега.“ Додека ја гледам широката сцена и обидувајќи се да го најдам местото на ова мало македонско делче од мозаикот, на почетокот на 2021 година, на ум ми паѓа оваа мисла на данскиот филозоф Сорен Киеркегард. Или можеби оваа мисла е посоодветна: „Постојат два начина на кои можеш да бидеш излажан. Првиот е да веруваш во она што не е вистина, а вториот е да одбиеш да веруваш во она што е вистина.“
Оној наводен фашистички обид за преврат и терористички напад на Капитол Хил, заедно со кловновите и нивните публики, повикува на претпазливост: во политиката ништо не е како што изгледа! Во англискиот јазик, изразот за адут во партија карти е „trump card“. Низ игра на зборови би можело да се тврди дека 6 јануари беше последната карта на ужасниот и омразен (Доналд) Трамп, кој ги повика своите следбеници во очајнички обид да ја спречат смената на власта. И видовме како заврши: со американски Муковски и полицајци што гледаат сеир, со лица што и не знаат што да прават кога се еднаш внатре во тој „храм на демократијата“, со водвиљ на бизарни ликови на полуидиоти со рогови или без нив. Сето тоа создаде општ впечаток дека ултрадесничарските и налудничави сили што го поддржуваа претседателот во заминување се конечно демаскирани и посрамотени. Но една малку поинаква и поцинична анализа би покажала нешто друго, доколку се следи едноставната логика: кој доби/ва од ваквиот политички шок-театар? Во деконструкцијата, парадоксално, помага македонското искуство од 27 април, без оглед колку Шекеринска се обидува да го негира тоа. Настаните од 27 април не беа обид за државен удар, бидејќи само будала би влегувал во парламент (или дури и Капитол Хил) со таква цел.
Во морето духовити коментари, се издвои еден на турски аналитичар, кој напиша: „Ова е најлошиот е**н пуч што сум го видел (а јас како Турчин би требало да го знам ова). Дури не е ни во ноќно време, без воспоставување контрола врз Си-ен-ен со премалку луѓе со мустаќи“. Без оглед која била иницијалната мотивација и идеја (ако воопшто и постоела), во двата случаја, крајните ефекти се исти: му дозволуваш на оној со запалена крв или глава да јурне, инспираторите/лидерите или не се тука или велат дека ќе се придружат на „случувањето на народот“, за потоа да склучат дил и да фатат магла, спасувајќи си ги кожата и богатството. Последната карта на Трамп е навистина последна во политичка смисла на зборот, без оглед што за него гласаа седумдесетина милиони гласачи. Бајден и демократите, ама и преобратените републиканци (од Пенс натаму) стануваат светци што ја одбраниле демократијата, САД докажуваат дека се шампиони и во тешки времиња на искушенија. Трампизмот конечно се демонизира и прохибира засекогаш како опасен, бидејќи ја покажа опасноста од армијата на лумпенпролетери и некакви патриоти што го презираат естаблишментот и им е доста од мејнстримот. Впрочем, Трамп така и дојде на власт. Сега на таа хидра требаше да ѝ се пресече главата и да ѝ се застане на опашката. Демократијата (која одамна ја нема ни во Капитол Хил ни во Белата куќа) е спасена. Хепиенд, по холивудски терк (не е чудо наскоро да гледаме и филм за дешавката). Заклучокот дека сцените од Капитол Хил се резултат на владеењето на еден човек е и површен и длабоко погрешен. Тие се логичен резултат на серија општествени, политички и социјални процеси долги години. Трамп не беше/е причината, туку последицата. И ова нема да заврши тука. За жал.
На хоризонтот нема знак за алтернатива и за промена во гнилите фундаменти на американската демократија. Но слично како по шокот од 11/9, сега следуваат серија мерки за јакнење на безбедноста, а ловот на вештерки ќе има сезона во четири годишни времиња. Хипокризијата на американските прогресивци и нивните следбеници (кафени сахиби) нема крај. Во ред беше кога Нуланд (сега вратена на врвот) делеше сендвичи во Украина, кога го организираа падот на Милошевиќ со упад и палење на скупштината итн. Еден исклучителен новинар (Ниарн) на свој начин го кажа тоа што претходно го изјави Владата на Венецуела: „Низ оваа несреќна епизода, САД го искусуваат она што го генерираат во другите земји со своите политики на агресија“. Според него, Трамп ја донесе американската надворешна политика дома, а сега Американците го искусуваат благо вкусот на нивните „лекови“ во нарушување на демократијата на други меридијани.
Најспоменуваниот збор за оваа епизода, од Кина до Венецуела (и Македонија), беше – карма. Но не е карма. Не е крај на приказната, туку почеток на крајот. Победата на добрите демократи и републиканци ќе биде Пирова, бидејќи создава лажен впечаток дека единствената закана е елиминирана, а сѐ друго е во ред. Тактиката на забошотување, спинување и експертски анализи со кои вистинската нечистотија се турка под чергиче се засилува. Трамп не е причина, тој е последица. Бајден вели: „Ова не сме ние“. Но само мал број храбри луѓе му одговараат: „Да, ние сме токму ова! Нација заснована на геноцид и ропство, која има фрлено атомска бомба, и тоа двапати, за што се нема ни извинето, која не знае колку државни преврати има изведено, колку воени интервенции со милиони невини жртви…“ Во 2016 година, Трамп беше како од бога пратен да ја разголи вистината за функционирањето на САД однатре.
Капитол Хил покажа дека заминува со остварена мисија. Холивудските верзии нема да помогнат да се скрие голата вистина. А со естаблишментот на Бајден, кој меѓу другите ги вклучува и Викторија „Fuck EU“ Нуланд и авторката на Преспанскиот договор Слоан, се враќа сјајот на милитантната империја – во слободен пад.
Вистинската вест деновиве не е Капитол Хил; тој секогаш бил фасада, потемкиново село што ја крие моќта на капиталoт, кој е надвор од секаква контрола. Тој не е храм на демократијата, поверојатно на златното теле. Вистинската вест што требаше да ја дигне на нозе целата јавност, а особено новинарите (ако воопшто останаа такви ретки ѕверки) е онаа за божемната победа на британското правосудство, кое не дозволи екстрадиција на Асанж, но кое чини сѐ не само да го замолчи туку и да му помогне да замине на оној свет што побргу. Овој Божиќ повеќе личеше на Велипеток, со Асанж фрлен во медиумска темнина, додека рефлекторите се свртени кон карикатуралните ликови на „Ридот“. Асанж е заборавен и трампан, како Исусовиот живот за оној на Варвара (Бараба). Блокирањето на профилите на актуелниот американски претседател на сите социјални мрежи предизвикува поголем интерес од тортурата врз Асанж, но и тоа е само другата страна на паричката на цензурата. Таа досега се применуваше на „свиркачите“ поради нивното објавување факти за воени злосторства и за военоиндустрискиот комплекс, прашања за кои новинарите молчат. Пред изборите, корпорациите ги цензурираа сториите за инволвираноста на Бајден во корупција, па настрада и врвен новинар како Гринвалд. Се исклучуваа камери од говори на актуелен претседател. Роберт Фиск замина засекогаш, слободните гласови се реткост.
На тоа предупредуваат и Гринвалд и Сноуден, сега веќе изложени на напади и од левата страна како реакционери. Но диктатурата секогаш почнува така: со замолчување на некој лош, за што добиваш овации, и потоа чекор по чекор добиваш одврзани раце да замолчиш секого. Да го направиш неличност (во орвеловска смисла). Привидната слобода на Твитер и Фејсбук постои за да се покаже кому му паднала паричката и кој каква трпеза/елка има. За посериозните нешта, просторот се стеснува секојдневно. Технолошки господари ги чуваат „безбедни“ луѓето, небаре патетични и разгалени кметови неспособни за слободна промисла. Технофеудализам е зборот што го понуди Варуфакис. Велат, приватен капитал е тоа, ќе си прави што сака. Проблемот е што и државата е одамна приватизирана: му служи на капиталот, а не на јавното добро. Вистинскиот преврат што е во тек се состои од концентрација на сите информатички канали во рацете на корпоративна елита, која не му одговара никому, а е во „брак“ со политичката. Впрочем, ние одамна сме изложени на тренировка од разни „вистинометри“ и „полиција на мислите“, која линчува и врши „атентат на карактери“, суди и дави, како што тоа го прават нивните учители на Западот. На пример, Дерала побара од Талат да му даде отказ на Апасиев за говор на омраза, како да е овој вработен службеник, а не народен пратеник. Тие оценуваат кој е подобен за академик, за професор, за експерт итн. Навратете се уште еднаш на оној извонреден филм (што ни го пушти Телма во миг на демократска еуфорија) „Добра ноќ и со среќа“ за судирот меѓу новинарот Мароу и озлогласениот сенатор Меккарти, зошто наскоро ќе биде less good luck and much more goodbye! Помалку среќа и сѐ повеќе збогување со сето она што сѐ уште го препознаваме како освоена слобода – на мисла, говор, протест. Симболички, одлуката на британскиот суд за Асанж се потпира на таква аргументација со која фактички секој вид говорење на вистината и храброст за спротивставување на моќта се смета за ментална болест и се граничи со обид за самоубиство.