Додека нема влијание во промената на убедувањата, можни се промени на убедувањата кога тоа е поттикнато од политичар кој веќе го поддржуваат или кампањите можат да влијаат на одѕивот на гласањето на определените гласачи
На десетина дена пред претседателските избори, на полoвина од кампањата, може да се направи осврт на кампањата на трите кандидати за претседател: Блерим Река, Гордана Силјановска-Давкова и Стево Пендаровски и нејзиното влијание на определбата на граѓаните.
Секако прво е прашањето дали кампањите воопшто влијаат? Научни истражувања за ова прашање се правени претежно во САД и во поголемите европски држави како Германија, Франција и В. Британија, додека дома кај нас нема такви истражувања. И политичката наука е поделена околу ова прашање. Според многу научни истражувања, фундаментални прашања како состојба на економијата, постоење на надворешна криза, должината на претходното владеење или идеолошката умереност на кандидатите го одредуваат исходот на изборите. Се чини дека брегзит и последните американски претседателски избори се исклучок од предвидливоста. Различни истражувања тврдат дека кампањите имаат ефект во информирање и потсетување на неинформираните гласачи за таквите фундаментални прашања, со што изборот станува сѐ попредвидлив со напредокот на кампањата. Клучниот можен ефект на кампањата е влијание на одѕивот многу повеќе отколку на убедувањата на гласачите.
Се смета дека теренска кампања и од врата на врата се најефикасни пристапи, и дека може да го зголемат одѕивот до 2,5 проценти. Во случаи на многу таргетирана кампања, можно е зголемување на одѕивот за 6-7 проценти, што може да влијае на резултатите на изборите. Се смета дека дебатите немаат голем ефект во промена на убедувањето, туку повеќе во прифаќање на гледиштата што ги презентира нивниот избран кандидат. Негативните реклами имаат спорен ефект како зголемување на рејтингот на кандидатот или на намалување на рејтингот на противкандидатот, а ако го имаат е поверојатен отколку тој на позитивните реклами. Негативните реклами имаат повеќе ефект кај десничарите, мажите и може да влијаат на намалување на општиот одѕив. Истражувања во Германија нашле дека онлајн-кампања влијаела за 0,7 проценти на рејтингот, и дека подобро влијаеле фактички реклами отколку емотивни реклами. Во Франција е утврдено дека во изборите во 2012 година, кампањата не влијаела на одѕивот и придонела во победата со една четвртина од постигнатата разлика на изборите.
Во голема теренска студија во САД од 2017 година се тврди дека кампањите немаат ефекти во промена на убедувањата на неопределените гласачи како и на гласачи на спротивната страна. Според ова истражување, во кампањи во два месеци пред гласањето ефектот на изборот на гласачите е еднаков на нула, и е клучно прашањето на партиската определба. Додека нема влијание во промената на убедувањата, можни се промени на убедувањата кога тоа е поттикнато од политичар кој веќе го поддржуваат или кампањите можат да влијаат на одѕивот на гласањето на определените гласачи.
Како ваквите позиции на политичката наука и кампањите на трите кандидати може да се интепретираат? Доколку е точно дека кампањите на два месеци од изборите не влијаат на резултатот, нема да биде можна соодветна анализа, бидејќи не постојат анкети за рејтинзите на трите кандидати правени во јануари или февруари. Во анкетата од крајот на месец март, на Македонскиот центар за меѓународна соработка (МЦМС) и Институтот за демократија, спроведена од М-проспект, Стево Пендаровски и Гордана Силјановска-Давкова се изедначени, 25 проценти наспроти 22,4 проценти, а третиот, Блерим Река, има поддршка од 10,9 проценти. Поддршката за двајцата водечки кандидати е генерирана во различни групи, каде што Гордана Силјановска-Давкова има поголема поддршка меѓу гласачите етничките Македонци, додека Стево Пендаровски има одредена поддршка меѓу гласачите етнички Албанци. И покрај одредена перцепција дека кандидатите се независни од партиите, анкетата потврдува дека колку и да се гради таа перцепција за натпартиски кандидати, дури и за „консензуален“ кандидат, во основа, кај претседателските избори станува збор за партиски натпревар. Видлива и јасна е поларизацијата на партиските симпатизери, при што четири од пет симпатизери ги поддржуваат своите кандидати, односно СДСМ-симпатизери за Стево Пендаровски, ВМРО-ДПМНЕ за Гордана Силјановска-Давкова и АзА/Беса за Блерим Река.
Оттука може да се заклучи дека почетниот рејтинг на кандидатите е резултат на партиските убедувања на гласачите и е рефлексија на фундаменталните прашања.
(продолжува)
Авторот е аналитичар
Блог www.megjutoa.mк @sklek #Избори2019