Менталните проблеми претставуваат водечки причини кои го оптоваруваат глобалниот здравствен систем на глобално ниво. Она што е многу битно е дека детската популација не е поштедена од овие болести. Така, само во САД, 21-23 проценти од децата и адолесцентите се дијагностицирани дека имаат ментална болест или дека се зависници. Во одделите за итна интервенција дури 70 проценти се позитивни за барем едно ментално нарушување, додека 23 отсто ги задоволуваат критериумите за две или повеќе ментални растројства; 45 отсто имаат ментален проблем како резултат на лошите психосоцијални услови на живот, додека 10 отсто од адолесцентите појавиле впечатлив дистрес за време на евалуацијата во итната медицинска помош. Во примарната педијатриска служба постојат известувања дека 12-22 отсто од пациентите имаат ментални проблеми или проблеми поврзани со нивното однесување. Сето наведено покажува дека овој ентитет кај младата популација навистина е присутен и налага солидна размисла и активности. Иако статистиката во нашата земја не е така прецизна, сигурна сум дека и ние не сме многу поразлични од овие показатели.
Поновите епидемиолошки студии укажуваат на пораст на менталните проблеми кои се воочуваат и при основните педијатриски визити кај лежечки пациенти, а тоа особено се однесува на одделите за итни интервенции. Во таа насока, голем број од примените пациенти имаат депресија, анксиозност, посттрауматско стресно растројство или злоупотреба на дроги. Слично е со пациентите кои имале обид за самоубиство. Сите овие наведени состојби, за жал, не биле навреме препознаени ниту од страна на родителите, а ниту од лекарите во примарното здравство. Така на пример, младите кои завршиле со самоубиство, генерално многу пати барале помош во некоја установа жалејќи се главно на соматски проблеми како главоболки, болки во стомакот, болки во грбот, грижи околу сексуално преносливи заболувања и сл. Најчесто толкувањето завршувало дека „сѐ е на нервна база“ и младиот го испраќале без детални иследувања или интервенции.
Битен е фактот дека лекарите кои работат во одделите за интензивно лекување и итни интервенции не се тренирани ниту обучени како да ги препознаат овие психијатриски растројства. Работејќи долги години во терциерна здравствена установа сведок сум на „слепилото“ кај персоналот за какви било ментални проблеми кај овие „ургентни пациенти“. Секогаш било најбитно пациентот да се спаси, да се доведе во стабилна здравствена состојба, а скоро никогаш не се навлегувало во наоѓање на причините кои довеле до таа состојба.
Во одделенијата за итни интервенции најчесто се примаат пациенти со уремија, дијабетична кетоацидоза, хепатична енцефалопатија, тешка пневмонија, уринарна инфекција или сепса, но се регистрирани околу 4 проценти на пациенти кои имале потреба од психијатриска помош. Сепак, во овие одделенија најмногу се работи за обезбедување медицинска стабилност, а не „медицински клиренс“, или расчистена состојба. Заради тоа, во упатствата дадени за работата во ваквите одделенија, најбитно е да се процени дали кај овие итни пациенти постои некаков ментален проблем што го предизвикале одреденото поведение или менталната состојба. Затоа, многу внимателна процена на состојбата на пациентот е првата задача: да се евалуира невролошката состојба, срцевата и респираторна функција со подробно земање на анамнеза и детален преглед и со вклучени најбитни скрининзи. Тука спаѓаат токсиколошки скрининг на урина, серумско ниво на алкохол, комплетна крвна слика, електролити, ниво на крвна уреа, креатинин, серумски скрининг за токсични супстанции и, се разбира, електрокардиограм. Не треба да се заборават тестовите за евентуална бременост или за сексуално преносливи болести, кои во современиот живот кај младите воопшто не се реткост.
Многу абнормалности на централниот нервен систем можат да се презентираат токму со психијатриски симптоми, па затоа некои радиолошки испитувања и компјутерска томографија на мозокот треба да исклучат постоење на олигодендроглиоми, глиобластоми, менингеоми, интрецеребрални цисти или хидроцефалус.
Токму поради тоа, во понапредни медицински центри, компјутерската томографија на мозокот спаѓа во рутински метод кај пациентите на ургентно одделение, што, за жал, кај нас не е случај.
Медицинската статистика потврдила дека околу 16 отсто од тинејџерите во САД имале суицидални намери, 12,8 проценти планирале вакви дејства, додека 7,8 проценти навистина реализирале самоубиство. Притоа, женските адолесценти многу почесто се закануваат со самоубиство, додека машките, за жал, и го реализираат, и тоа петпати почесто отколку девојчињата. Токму поради тоа, каква било идеја, навестување или покажана намера за самоубиство кај младите треба да се земе сериозно во предвид и да не се пропушти детална обработка со помош на професионалци во областа на менталното здравје. Најсигурен план во ваквите ситуации вклучува неколку чекори како што се: идентификување на знаци за аларм и потенцијални тригери за суицидални идеи; разгледување на стратегиите за справување кои се присутни кога ваквите идеи се повторуваат; обезбедување здрави активности кои можат да обезбедат одвлекување или смалување на суицидалните идеи; одговорна социјална поткрепа; контакт со професионалци оспособени за работа со вакви пациенти и некои рестрикции за да се избегне реализирање на самоубиството. Рестрикциите значат внимателна забрана за контакт со какви било оружја, лекови, токсични супстанции и сл. било дома, кај другарите или во поширокото семејство, за оневозможување на самоубиството, кое се прави импулсивно, навидум непредвидливо, во одреден момент.
Во оваа рестрикција спаѓа и забрана/контрола за употреба на алкохол кој, за жал, и кај нас се користи прекумерно кај младите во специјални ситуации (матурски, роденденски забави, прослави на празници и сл.), па младите завршуваат со алкохолна интоксикација или кома, кои може да бидат неповратни. Да споменам дека во одредени ситуации не треба да се биде настрана од можна присилна хоспитализација. Таа е особено неопходна кога пациентот е силно агитиран, било вербално или во однесувањето. Хоспитализацијата дозволува одредено време за набљудување, што не е можно ако само се даде медикамент за смирување и пациентот се пушти дома!
Живееме во свет каде што информациите течат несопирливо брзо и дури во најдалечните предели на земјината топка. Младите гледаат и се информираат преку филмовите кои им се сервираат, разните видеоигри, блогови, социјални комуникации за разни „интересни, адреналински“ можности. Од друга страна, воспитниот процес и контролата од страна на родителите и наставните институции несомнено доживуваат огромни кризи. Недозреани, со недораснати суперего структури младите сѐ уште не се способни за сопствена самоконтрола.
Затоа, не е само во апелите дека „треба“, туку е неопходна вистинска акција за надгледување на сѐ што се случува со нашите млади генерации, за да им се овозможи безбедност, ненаметлива заштита и да им се даде патоказ за иднината.
А, кога веќе нешто ќе се случи, и кога тие ќе дојдат во одредена здравствена установа, секоја ситуација сериозно да се разгледа, да се исклучат можните ризици и особено да се проценат менталните проблеми поврзани со одредената состојба.