Од независноста до денес, партиско-политичките судири се најголемото проклетство на нашето општество, а од ова проклетство не беше поштедена ниту интелектуалната фела. Политичките партии не разбраа и сѐ уште не разбираат дека се чинители на политичко-општествениот живот, а не политикантско-маалски суетни противничиња. Нивните партиски апаратчиња попрво би спореле за „маалски теми“, отколку да бараат и пронајдат во заемните полемики длабок стратегиски и заеднички интерес за иднината на граѓаните, да ги дефинираат националните интереси. Но кои се националните интереси на Македонија?
Велат дека карактерот на човекот можеме да го осознаеме од неговото однесување кога се соочува со одредена неизвесност или тешкотија. Само при егзистенцијалниот момент „да се биде или не“ на виделина излегуваат сите човекови особини, како што се одмаздата, суровоста, паразитизмот, ароганцијата, себичноста, храброста, издржливоста, честа, дарежливоста, мудроста, скромноста, лидерството, лојалноста и сѐ така до бесконечност. Мораме да имаме предвид дека моралните и интелектуалните особини на поединецот целосно се одразуваат врз заедницата, со што однесувањето на поединецот станува суштинско својство и обележје на заедницата. Со други зборови, ние ги одредуваме сегашноста и иднината на општеството, нацијата или државата, а не некој друг.
Постојат илјадници примери низ историјата кога одредени личности и цели нации се соочиле со прашањето „да се биде или не“. Ние би го одвоиле јапонскиот период, познат како сенгоку џидај (епоха на војната). Тоа беше состојба на постојани воени судири, војна на сите против сите, период што се карактеризира со заговори, интриги, клевети и целосна анархија. Тоа е епоха на големи подеми и падови, кои беа обусловени од постапките на поединците и секоја одлука имаше значење на живот или смрт.
Во почетокот на оваа крвава ера, југозападните делови на островот Кјушу беа под контрола на самурајскиот клан Шимазу. Низ вековите, кланот стануваше сѐ посилен и го ширеше својот авторитет. Непосредно пред сенгоку џидај, Шимазу владееја со три провинции, беа најсилниот клан во Кјушу и можеа да го освојат целиот остров. Меѓутоа, тоа беше условено од внатрешната стабилност. Во 1474 година се случи егзистенцијален настан, почина Татсушиза Шимазу – водачот на кланот. Неговата смрт предизвика тензија помеѓу различните фракции што се обидуваа да ја преземат власта. За нов водач беше избран Шимазу Тадамаса, но тој не успеа да ги прекине внатрешните недоразбирања, кои се преобразија во отворена војна. Воениот судир ескалира и вазалите почнаа отворено да се бунтуваат. Во 1506 година, по неколку децении внатрешни борби, Шимазу ја загуби контролата над југозападниот дел на Кјушу. Водачот Тадамаса Шимазу, кој беше сведок на распаѓањето и чувствуваше одговорност, изврши сепуку (ритуално самоубиство).
Неговиот син Кацухиза успеа да го стабилизира кланот, но набргу почна нов внатрешен судир. Кацухиза Шимазу немаше синови и се постави прашањето за идниот наследник. Санехиза, еден водачите на многубројните фракции, незадоволен од управувањето на Кацухиза, одлучи да се осамостои како владетел. Кацухиза беше соборен и се засолни кај кланот Отомо, со што Шимазу се најде во положба да биде уништен од околните самурајски кланови. Но „боговите“ им одредија поинаква „судбина“.
Овој егзистенцијален момент беше повик за будење на членовите на Шимазу. Поразен и осрамотен, Кацухиза се советуваше со Тадајоши Шимазу, водач на една друга фракција. Од ова советување произлезе одлуката дека Кацухиза ќе го посвои помладиот син на Тадајоши – Такахиза, со што се создадоа услови за сплотување и избор на нов водач. Кацухиза почна преговори со одметнатиот Санехиза, кој го прифати предлогот за трансфер на власта, како решение за проблемот што можеше да го уништи кланот. На овој начин се создадоа внатрешна стабилизација и кохезија.
Во следните децении, Шимазу се соочи со многу закани, но внатрешното единство се покажа како суштинско за неговиот опстанок. Шимазу го преживеа периодот сенгоку џидај. По обединувањето на Јапонија од страна на Ијејасу Токугава и создавањето на новиот шогунат, Шимазу стана еден од најбогатите и највлијателни кланови во целата земја. Денес Шимазу е еден од ретките кланови што сѐ уште постојат, а тоа ќе беше невозможно без чувството за заеднички интерес.
Каде е Македонија во оваа приказна? Во изминатите три децении се соочивме со голем број закани, но никогаш власта и опозицијата не изградија заедничко сфаќање за државните интереси. Нашата политичко-општествена елита како секогаш да ги става личниот и партискиот над националниот интерес. Поминаа голем број повици за будење, но ние како да сме лишени од слухот! Никогаш во историјата на независна Македонија, власта и опозицијата не изградија заеднички став за одредено прашање што е во интерес на нацијата! ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ како најсилни политички партии никогаш не собраа сили да седнат на заедничка маса, во вистинска смила на зборот, и да најдат заеднички решенија. Тоа никогаш не се случи, а доколку некој мисли дека грешам, може слободно да ме поправи!
Од независноста до денес, партиско-политичките судири се најголемото проклетство на нашето општество, а од ова проклетство не беше поштедена ниту интелектуалната фела. Политичките партии не разбраа и сѐ уште не разбираат дека се чинители на политичко-општествениот живот, а не политикантско-маалски суетни противничиња. Нивните партиски апаратчиња попрво би спореле за „маалски теми“, отколку да бараат и пронајдат во заемните полемики длабок стратегиски и заеднички интерес за иднината на граѓаните, да ги дефинираат националните интереси. Но кои се националните интереси на Македонија? Можеме бесконечно да дебатираме и можеме да заклучиме дека најголемиот национален интерес е влезот на Македонија во Европската Унија, но опозицијата и власта никогаш не најдоа заеднички содржател. Затоа сме сведоци на закани дека Македонија ќе стане членка на ЕУ како дел на Бугарија или како провинција на Албанија!
Но заканите што ги слушаме не се нашиот егзистенцијален повик за будење. Патот кон Европа не водни низ Софија, туку станува збор за нешто што е многу посуштествено. Одговорот го дадоа дипломатските претставници, треба само внимателно да слушаме! Не случајно холандскиот амбасадор ни рече: „Не драматизирајте со Бугарија, решете ја корупцијата!“ За ова прашање свој став даде и американската амбасадорка Кејт Мари Брнз, која истакна: „Корупцијата ги загрозува нашите општества – меѓусебната доверба едни во други и во Владата, вербата во правичноста и правична правда, довербата да се гради, поттикнува растот и да се унапредува економијата.“
Ова е вистинскиот повик за будење, време е да го ставиме прстот на глава и да се подзамислиме. Во иднина, дипломатскиот кор постојано ќе нѐ потсетува на неколку нешта – справување со корупцијата, владеење на правото и професионална администрација. Зошто токму ова? Затоа што тие се основата на секоја модерна држава! Следствено, секоја власт и секоја опозиција што ќе настојува да стане власт треба да очекуваат одредени укажувања од страна на дипломатите, Европската Унија и сојузниците во НАТО, а речиси и притисоци за решавање на овие проблеми!
Треба да разбереме дека овие прашања се клучни за видоизменување на нашето општество и од нивното решавање ќе зависи дали ќе нѐ биде или нема да нѐ биде, трето нема! Но нивното обмислување никогаш нема да зависи од владата, бидејќи ниедна влада не може самостојно да ги реши, туку од кохезијата и заедничкото деjствување на сите чинители во општеството, особено од учеството на опозицијата, без разлика дали таа ќе доаѓа од левицата или десницата. Доколку не се случи тоа, вратите на Европската Унија ќе ни останат затворени и навистина еден ден ќе станеме составен дел од Бугарија или ќе бидеме провинција на Албанија. Затоа треба да имаме слух дека истекува времето за спас на Македонија!