Сѐ додека кај нас власта размислува за меѓународната политика низ вредности и емоции, а не интереси, ние немаме што да бараме во новиот свет што се раѓа од пандемијата. Романтичната идеја за меѓународните односи ни се удира од глава, но ние продолжуваме со отворено и широко срце да јуришаме на тој нов свет. Светот се менува, а ние остануваме таму каде што сме биле отсекогаш. Изгубени во просторот и времето
Проф. Звонимир Јанкулоски
Од педесеттите години на минатиот век, геополитичката моќ последователно се дефинира како способност да ги натера другите да го направат она што инаку не би го направиле, способност да се наметне одредена меѓународна агенда и да се обезбедат соодветни решенија и, конечно, способност да се влијае врз туѓите желби со моделирање на нивните параметри и аспирации. Историчарот Фернанд Бродел ќе укаже дека големите кризи даваат можности за промени во цивилизацискиот центар на гравитација во светот. Токму пандемијата на коронавирусот го забрза овој процес, менувајќи го и селејќи го центарот на моќта на новиот светски поредок во Азија. Да бидам појасен: 21 век се врзува за Азија и не се однесува само за растечката моќ на Кина туку се однесува на азискиот континент во целина. Се разбира, овој голем пресврт е поврзан со економскиот раст на Кина, спротивно на опаѓачката геополитичка моќ на Америка, а забрзан е од зголеменото разочарување од глобализацијата, либералниот капитализам и демократијата воопшто. Новиот свет што се промовира со пандемијата е сѐ помалку западен, сѐ повеќе дигитален и многу повеќе нееднаков внатре во државите и помеѓу нив.
Тешко е да се сумираат изгледите за нашиот постпандемски свет, но пет тренда се јасни: ниту еден не е целосно нов, но сите се забрзани од кризата. Првиот се однесува на невидена конкуренција меѓу државите, обликувајќи свет на компетитивен национализам, политика на моќ и игри со нулта сума. Второ, нашиот свет станува повеќе мултиполарен отколку мултилатерален, со тоа што стратегиската компетитивност меѓу САД и Кина ги парализира наднационалните институции, како што се Советот за безбедност на Обединетите нации, Светската трговска организација и Светската здравствена организација. Трето, иако престанавме да патуваме како поединци, глобализацијата продолжува. Меѓузависноста станува сѐ повеќе конфликтна и меката моќ се вооружува: вакцините, базите на податоци и стандардите на технологијата стануваат инструменти за политичка конкуренција. Сѐ повеќе државите ја следат „логиката на империи“, расправајќи за историските права и зони на влијание, наместо да се придржуваат кон договорените правила и локалната согласност.
И конечно, светот станува помалку слободен, а демократијата е под континуирана атака. Во таквиот нов свет се соочуваме со вистинска битка за наративи.
Во време кога светот влегува во период на геополитичка конкуренција и нестабилност, Македонија е далеку од геополитичко будење. Ние сме заспани во стариот свет, кој е во заминување. Во новиот постпандемски свет на жестока и бесрамна конкуренција меѓу државите, ние никако да ги отвориме очите за заканите со кои се соочуваме. Ниту сме пообединети и поподготвени да се залагаме за нашите интереси и да ја браниме нашата територија, ниту сме подготвени да го следиме патот на стратегиската автономија и суверенитет на државата во меѓународните односи. Ниту, пак, сме подготвени да ги прифатиме односите за моќ кога е потребно за да го заштитиме нашиот суверенитет, ниту знаеме кога да играме со картата за меѓународна соработка.
Интелигентно, се разбира. Наместо тоа, свесно продолжуваме нашата судбина да биде контролирана од геополитиката на другите, неспособни да прифатиме нова свест за себе во простор сѐ повеќе дефиниран со граници. Како да ги зачуваме нашите интереси како држава (ако некој има поим кои се тие) и да се заштитиме од сите закани со кои се соочуваме, кога имаме власт и надворешна политика што страда од „геополитичка кратковидост“? Која не може да разбере дека за да изградиме навистина суверена држава (што не сме), мора да бидеме подготвени да гледаме подалеку, каде и да е нашата иднина, која најверојатно ќе дојде во прашање наскоро. Тоа значи да се гледа подалеку од нашите граници, па, ако сакате, и од границите на Европа. Наместо тоа, ние самите влетуваме во стапицата на вредносниот релативизам, не чувствувајќи потреба да се искористи овој импулс за да се најде нов геополитички пристап што гледа кон светот на утрешнината.
Ова се предизвикувачки времиња, но ние како држава никако да се придвижиме кон променливиот меѓународен пејзаж. Очигледно нашата надворешна политика е стихијна, без дефиниран метод за решавање на ваквите предизвици, но со електрични тротинети за движење на нашата дипломатија. Барем се движи еколошки. За жал, стратегиското размислување е нешто што не им доаѓа природно на креаторите на политиките во Македонија. Всушност, тоа им е потполно туѓо. Со ваква власт, ние сме интелектуално разоружена држава. Политиката на моќ е во спротивност со нашето разбирање за тоа како функционира светот. Три децении сме далеку од таквиот суров свет, а сега, кога брутално се враќа политиката за геополитичка моќ, изгубени сме.
Чекаме од другите да ги дефинираат нашите интереси, приоритети, да ги проценат нашата способност и ресурси доволни за постигнување на целите. Како што правеле секогаш. Сѐ додека кај нас власта размислува за меѓународната политика низ вредности и емоции, а не интереси, ние немаме што да бараме во новиот свет што се раѓа од пандемијата. Романтичната идеја за меѓународните односи ни се удира од глава, но ние продолжуваме со отворено и широко срце да јуришаме на тој нов свет. Светот се менува, а ние остануваме таму каде што сме биле отсекогаш. Изгубени во просторот и времето.