Да не се лажеме, македонските граѓани само навидум се соочуваат со најважното прашање за кое треба да одлучат по 1991 година. Велам навидум, затоа што овој пат од нив ништо не зависи, освен легитимитетот на власта, која им поттура кукавичко јајце. Пред самите да ја донесат одлуката (која им ја ветиле на надворешните моќници), и без оглед на исходот на референдумот, тие сакаат соучесници во злосторството. Во нивната чудна „логика“, и сега и во историјата, тие нема да бидат виновни за националното самоукинување, туку граѓаните што ги поддржале на референдум. Референдумот е, се разбира, најважната алатка на непосредната демократија, ама само кога е во рамките на устав и закон.
Ова што сега им се нуди на граѓаните е прашање со какво што ниту една друга нација во светот не била и не може да биде соочена; бидејќи, таму каде што се почитува народниот суверенитет и таму каде што власта извира од граѓаните, ваква политичка замка би била непоимлива. Референдумот е правно, а сега веќе и политичко мртвороденче. Тој е распишан спротивно на одредбите на Уставот и законот, до Уставниот суд се поднесени три претставки – а тој молчи како риба! Веќе е здодевно да се повторува она што и врапчињата го знаат: прво, договорот склучен меѓу министрите за надворешни работи на Грција и „втората страна“ е правна фикција; тој не може да произведе правно дејство бидејќи постапката за ратификација не е завршена.
Второ, Уставот не познава консултативен референдум, па затоа одлуката е противуставна.
Трето, Македонија не стои пред портите на НАТО и ЕУ за да гласа за тоа дали е за влез во овие сојузи. Четврто, референдумското прашање е каприциозно – односно тргнува од лажни премиси дека земјата добила покана за членство и во НАТО и во ЕУ, обидувајќи се така да ги заведе граѓаните да ја проголтаат „жабата“ (договорот) и да добие посакуван исход.
Тоа е не само безобразна итроштина, туку и „тросмислена“ замка (со осум можни комбинации меѓу НАТО, ЕУ и договорот). Тоа е спротивно и на нашето право, но и на Кодексот на добри практики за референдуми на Венецијанската комисија. Интересно, или можеби предвидливо, ниту Уставниот суд, ниту некој од политичките фактори не се осмелува да се обрати до Венецијанската комисија за да побара пријателско мислење! Веќе започнатата кампањата е бескрупулозна и скандалозна, и по форма и по суштина.
ДИК е посебна приказна: институција, која од некадарност и поради соучесништво во потфатот придонесува за правната конфузија. Си зема овластувања што ги нема, а никој не реагира, па дури ни опозицијата (чиј предлог е актуелниот претседател, додуша еден од оние со „путер на главата“). Каков што е, ДИК отишол у „дик“! Собранието не смее да води кампања; тоа е орган што донесе (неуставна) одлука за распишување референдум, но не е предлагач на референдумот. Тоа е Владата, односно владејачкото мнозинство. Собранието може да ги информира граѓаните за референдумот, но не и да финансира и да се вклучува во кампањски активности. Во согласност со европските стандарди, јавни пари не смеат да се трошат за ваква кампања, бидејќи граѓаните се оние што одлучуваат без посредници, ама и без притисоци, самостојно и слободно. Овие „заборавиле“ дека нивната власт произлегува од граѓаните, а не обратно!
Тие сега не смеат да ја артикулираат или насочуваат нивната волја, бидејќи секој одлучува не како партиски симпатизер, туку како граѓанин/суверен. Непосредната демократија служи како коректив на претставничката демократија, а не како нејзина легитимација. Ова што го прави Талат Џафери го нема ни во најлудите сценарија на Монти Пајтон: тој бара пратениците јавно да гласаат, па уште сега им се нарушува правото на тајно и слободно изјаснување на 30 септември, со изговор дека по тој принцип ќе им се делеле средства за кампања. Засега само еден се пријави дека се определува за бојкот, мнозинството е ЗА, а опозицијата великодушно се откажува од средствата (кои не ѝ припаѓаат ни неа, ни на власта), па вели дека ќе и ги пренамени за добротворни цели. Колку ова и да звучи доблесно, сепак, е противзаконско и политикантско!
Кампањи водат партии и организирани групи, и тоа од свои средства, а не од буџетски. Така, ВМРО-ДПМНЕ може сака да собира политички поени, ама парите не смее да ги допре, ако сака да се држи до закон и принципи. Уште помалку тоа треба да го прави власта, која се колне во правото! Тепајќи се за парите, и пратениците и медиумите, делат од колачот и од медиумскиот простор според некоја „логика“ произлезена од малиот мозок, од Изборниот законик направија партал. Пропагандните пораки на министерствата се морбидни на свој начин (како да сме влегле во „Адамс фемили“ или „Зона на самракот“! Што да кажете кога Министерство за труд и социјала издвојува средства од скромниот буџет за пропаганда? Што да кажете за реклама на Министерство за здравство, кое ви вели дека треба да гласате ЗА затоа што со влезот во ЕУ сите наши деца ќе добивале квалитетни вакцини! Да не си им во кожа на младите родители!
Значи ли ова дека сега, но и до конечниот влез во ЕУ (за едно 10-15 години) ќе нема вакцини за сите деца, или дека тие се и ќе бидат неквалитетни? Признаваат ли дека ни ги трујат децата? Зошто да чекаат на ЕУ за да обезбедат најквалитетна примарна здравствена заштита? И кога сме веќе тука, знаете ли дека новата Тамара се вика Ева? Девојченцето почина бидејќи државата сакаше да си помине поевтино, но сега шарените се кротки и не протестираат. И инаку, тивко и секојдневно умираат родилки, новороденчиња, стари и млади. Но, затоа Владата ќе потроши фантастичен износ за хортикултура, за во буквална смисла да ѝ процветаат рози. (Грујо купи „мерцедес“ со кој се возат, овие ќе купуваат цвеќиња! Види им го умот!) Една активистка е гневна не затоа што фрлаат пари за цвеќиња (околу ружната им влада), туку затоа што револтот го доведувал во прашање референдумот. А со тоа и светлата иднина!Ќе пропаднел или заради комарци или заради цвеќиња!
Таа не сфаќа дека ваква неспособна влада/држава не може да влезе ни во меѓународниот циркуски сојуз, а не пак во ЕУ! Да сакаа и да можеа (наместо да крадат и лажат), досега ќе стореа нешто паметно и добро. Но, тие сакаат по покусиот пат (кој е секогаш подолг!), скандалозниот договор да го употребат како џокер, како т.н. вајлд-карта за приближување до НАТО и добивање датум за преговори со ЕУ (како кога по пат на случаен избор, со среќа, лош тенисер влезе на врвен турнир за кој инаку не можел да сонува, ама обично испаѓа уште во првото коло). Наместо да работат на внатрешните состојби, тие влегуваат во меѓународна распродажба за да некако фатат приклучок, но не и сигурно членство (а фактот дека дури и полноправното членство не носи мед и млеко веќе го елаборирав многупати). Најважно во моментов е што консултативниот референдум е најскапото испитување на јавното мислење, кое власта не ја ни обврзува.
Веќе вадат политички џокери од ракав, тврдејќи дека и неуспешниот референдум (поради неисполнување на цензусот) не е крај за договорот, бидејќи се решени да го променат името без оглед на пораката која е извесно дека ќе им ја испратат граѓаните. Масовниот бојкот ќе значи делегитимирање не само на Владата, туку и на сите што експлицитно или немушто повикуваат на гласање. Приказната не завршува тука, туку напротив почнува. Во наредниот период мора да се води сметка дека референдумот е апсолутно небитен, тој е увертира за она што велат дека неминовно следува во парламентот. Таму ќе нема место за маневри, и змијата ќе мора да си ги покаже нозете. Токму затоа, додека Мицковски медитира и се чува од „фекалии“, неговите пратеници се на распродажба. Заедно со уставниот суверенитет, сите ресурси (Водно, рудниците, водите), но и иднината…
Тоа што референдумот е фарса и фрлање прашина в очи на народот, не значи дека нема да остави погубни последици. Уште во јануари предупредив дека тој ќе доведе до длабока поларизација и ќе остави трајни лузни без оглед на резултатот. Раните веќе гнојат, веќе сме „начнати“, и тоа ќе трае. Ќе трае и битката, особено по 30 септември. Затоа секој треба да размисли дали треба да излезе на референдум само за да им даде алиби и одврзани раце на политичари кои не само што се соучесници во насилен инженеринг, туку се и дел на куклен театар. Ако се тие марионети, граѓаните имаат историска шанса да бидат вистински граѓани со отфрлање на референдум на кој тие се само статисти. Ако се толку храбри и убедени во својата исправност, нека сами извршат историско самоубиство – но, не во наше име!