Историјата ќе го памети 6 јануари 2021 година како ден без преседан во 243-годишниот експеримент на Америка со демократијата. Неколку минати резултати од претседателските избори беа оспорени; во 1860 година, спорот доведе до Граѓанска војна. Kапитол бил окупиран и претходно: бил нападнат и запален од британските сили во 1814 година. Но никогаш порано демократијата не била толку засрамена и загрозена како на овој 6 јануари 2021 година, и тоа во колепката на демократијата и земјата на слободата. Дали американскиот претседател во заминување, Доналд Трамп, претседаваше со зајдисонцето на демократијата, што се шири како епидемија низ целиот свет, испумпувајќи го духот на глобализмот што некогаш беше светилник на слободата, слободната трговија и демократските вредности? Дали демократијата е влезена во спиралата на самоуништување по настаните на 6 јануари? Дали ќе бидеме сведоци како народот ќе одбие да ги прифати изборните резултати, а секои четири години наместо демократски избрана власт, би гледале кавга за моќ по секоја цена? Дали по сѐ ова САД ќе се повлечат од својата традиционална улога како шампион и модел на демократијата во светот?
Зашто по сѐ што се случуваше во Конгресот на САД, демократијата е донесена на работ. Авторитарниот импулс и желбата да се соборат некои од правилата што ја раководат либералната демократија сега се нешто што можете да го видите како се игра на многу места во многу делови на светот. Постоеја моменти во историјата кога демократија беше во опасност, историски настани заклучени во времето и местото, бидејќи тие го дефинираа токму тоа време и место. Овие спомени, дополнети со сцените од упадот во Конгресот на САД, нѐ опоменуваат дека демократијата не е толку безбедна како што посакуваме да беше. Настаните од Вашингтон ме освестија колку немилосрдна може да биде (зло)употребата на извршната власт, злоупотребата на изборниот и регулаторниот процес и изборот на слепи и беспоговорни поддржувачи на една власт и колку тоа може да биде погубно за демократијата на една држава. Мислам дека е време да се разбудиме и да видиме дека демократијата е кревка и ранлива.
По сѐ што се случуваше во Вашингтон, вината ќе се бара во Доналд Трамп. „Натрапник“ во политиката на САД. Но дали само тој е виновен за залезот на демократија во светот? Трамп беше подготвен одредени аспекти на глобализмот да ги тргне настрана, заменувајќи го глобализмот за национализам. Тој имаше малку апетит за улогата на Америка како глобален полицаец, иако другите членки на НАТО не сакаа да го видат заминувањето на САД од оваа организација. Еднакво, како претседател на САД имаше малку трпеливост кон меѓународниот трговски систем што ја одржува глобалната, разумно демократска економија најмалку 23 години како што постои Светската трговска организација.
Можеби затоа станавме сведоци како државите во светот сѐ повеќе се ориентираат на патот на национализмот, исклучувајќи се од глобалистичкиот модел, за потоа на крајот сериозно да се оддалечат од демократските вредности целосно. Oчекувано беше дека кога со години луѓето и нациите во светот се изоставени од глобалните процеси и страдаат сѐ повеќе од глобализацијата, почнуваат да размислуваат за бунт. Веќе десетина години набљудувачите на „Фридом хаус“ опоменуваат на регресија во демократските процеси во светот. Најновиот извештај на „Фридом хаус“ забележа дека во изминатата година, 71 земја претрпеле нето-опаѓање на политичките права и граѓанските слободи, со само 35 регистрирани добивки во оваа сфера.
Она што ги доведе владетелите на многу нации во светот под истиот чадор, како и оној што го носеше Доналд Трамп, е многу поинаква реалност од посакуваната: демократска.
Затоа за поголемиот дел од остатокот на светот, демократијата продолжува со забрзаната спирала надолу. Улогата на Америка, по сѐ што се случи, не гледам дека може да го запре овој процес. Демократијата е далеку од безбедна во Америка. Опасни авторитарни тенденции се вгнездени внатре во државата што во иднина ќе се појават следени од други нелиберални популисти, кои без сомнение ќе бидат попаметни и со тоа поопасни од Трамп. Непосредната закана за демократијата не е минато, за да може светот слободно да дише. Да се надеваме дека не го живееме залезот на демократијата.