Ништо не е за изненадување. Како што се сака да се заборават или да се избришат мошне значајни настани од подалечното минато, така не им се посветува внимание ниту на оние историски денови од поблиското минато. Традицијата на заборавање и игнорирање на сопственото политичко минато како да е вградена во темелите на македонскиот народ, чија држава и ден-денес е во состојба да се спореди со лесен предмет што плута врз разбранувани води на океан. И не се знае дали ќе стигне до брегот или ќе потоне во длабочините.
Можеби е сосема случајно, но секако е индикативно, одмолчувањето на 30-годишнината од датумите на првите повеќепартиски избори за првото плуралистичко собрание што ја прогласи независноста на Република Македонија. Триесет години не се златен јубилеј, но се јубилеј сам по себе за која било држава што се регенерирала, што станала своја на своето. Во околности на загриженост и надеж во два изборни круга, на 11 и 23 ноември 1990 година, преку мнозински модел, беа избрани првите 120 народни пратеници од различни партии. Сегашното собрание, од нему познати причини, не најде за сходно да ги одбележи тие историски денови, не рече ниту збор. Какви беа тие избори, во кои услови се одржуваа? Комунизмот стануваше историја, Југославија ги испушташе последните воздишки. Европа ја менуваше својата политичка мапа во корист на Западот, на виделина излегоа сите болести на Истокот. Германија ги одржа првите избори како обединета држава, Горбачов во Советскиот Сојуз правеше реформи што го урнаа и Сојузот и него самиот.
Македонија живееше под силна возбуда и неизвесност, распната меѓу можна воена крвава авантура, меѓу несигурен опстанок на федерацијата и желбите за државна независност и сувереност. Весникот „Нова Македонија“, кој чинеше седум денари, објавуваше наслови од типот „Збогум Собрание“, „Последниот круг на монизмот“, „Време на страв и на очекувања“ и слично. Во ноември излезе и Светото писмо (Библијата) првпат преведено на македонски јазик, голем потфат на Македонската православна црква.
На изборите учествуваа 16 партии со 1.156 кандидати, со главни фаворити ВМРО-ДПМНЕ, (Љупчо Георгиевски) СКМ-ПДП, (Петар Гошев), СРСМ (Сојуз на реформски сили – Стојан Андов), ПДП (Невзат Халили). Овие го формираа мнозинството на првиот собраниски состав, плус Социјалистичката партија, (Киро Поповски), која влезе и во владина коалиција.
Тој собраниски состав, формалноправно конституиран на 8 јануари 1991 е историскиот состав на Собранието на Македонија, не само како прв по број туку и по она што го реализира во исклучително сложени домашни, југословенски и меѓународни околности и услови. И покрај разногласијата, жестоките дискусии, контрадикторности во погледите, меѓусебните навредливи обвинувања, заканите од една и смешките од друга страна, со тој состав почна новата ера на македонската историја и на македонската државност. Триесетгодишнината од неговиот избор и од донесувањето на сите акти за самостојноста на една држава не се премолчува, освен во државите и диктатурите што си ја негираат, сакаат да ја заборават, да ја ревидираат или целосно да ја изменат сопствената историја, како далечната така и најблиската. Годините 1990 – 1991 се едни од најзначајните, ако не и најзначајни во кратката историја на независна Македонија.
Што одлуки донесе тоа собрание само во една година? Не само како посетување, туку и како истакнување на непобитен факт, вреди да се набројат неколку темелни. Само 13 дена по конституирањето, на 25 јануари Собранието ја усвои Декларацијата за независност. Два дена подоцна со повторено тајно изјаснување и мнозинство гласови го избра Киро Глигоров за прв претседател на Републиката. Во март е формирана првата влада на чело со Никола Кљусев. Во април беше усвоен уставен амандман за бришење на одредницата „социјалистичка“, со што, преку тој единствен збор, се смени општественото уредување на државата. Тој ден, таа одлука, навидум идеолошка, практично го означи крајот на социјализмот и почетокот на капитализмот. Заврши една ера, почна нова. Новиот назив, новото, име гласеше Република Македонија, без никакви политичко-општествени или географски додавки и одземки, без загради, цртички, ѕвездички или други интерпункциски знаци. Подоцна, однадвор се додаде ФИРОМ, а уште подоцна републиката доби студена додавка – Северна.
На 6 август Собранието со акламација донесе одлука за распишување рефрендум, кој се одржа на 8 септември. Прашањето гласеше: „Дали сте за суверена самостојна држава Македонија со право да стапи во иден сојуз на суверените држави на Југославија?“ Иако прашањето беше намерно направено двосмислено, неговата ударна игла целеше кон независноста, а не кон остатокот на Југославија. Референдумот заврши убедливо успешно, иако самото прашање го доби ореолот на добро смислена мамка, но не и прелага. На 17 ноември по долги и мачни дискусии го усвои првиот устав на новоконституираната република, а свечено го прогласи три дена подоцна. Меѓу тие три дена ја донесе и Декларацијата за меѓународно признавање на Македонија како суверена и независна држава, во граници на територијата што остана од поранешна Југославија, односно што по Балканските војни и Букурешкиот договор ѝ припадна на Србија.
Собранието, низ крајно спротивставени дебати, низ отворени навредливи кавги, често на раб на прекини или прекинувани седници, само во една година донесе неброени акти со кои се зацврстуваа легалитетот и легитимитетот на државата, низ разни законски решенија и прописи се настојуваше да јакне идентитетот на македонскиот народ. Во национален занес тогашните пратеници беа убедени дека тој идентитет се цементира, дека Македонија се потврдува и утврдува како домицилна држава на македонскиот народ и другите националности. Но тие решенија по многу години, низ разни други акти беа раздробувани, раситнувани на мало, го губеа своето значење, така што денеска Република Северна Македонија не само што има друго (сменето, проширено) име, туку не е истата држава конституирана од првиот собраниски состав. Силни трансформации. Првите пратеници не се првите мачиња тукутака да се фрлат и заборават. Не е во прашање на која партија припаѓале, кои биле, што биле, чии биле, какви биле, што доблести немале, а мани имале. Во тие дрвени клупи седеа арни или лоши, докажани првенци и политички новородени, способни или помалку способни, образовани или полуобразовани, чесни, помалку чесни или нечесни, послушници, превртливци, вртикапи, ветроказни, ситни кодоши заведени во ДБК (МВР) со псевдоним или коден број, бугарофили, србомани или гркофили, жестоки националисти, шовинисти и иредентисти, следени, прислушувани, затворани и ослободувани, косовци (од КОС) и Косовари, „обавештајци и контраобавештајци“.
Имаше од сѐ по нешто во тој прв, но сепак историски состав на македонското собрание, кое беше вистинска слика и на тогашното национално, политичко и социјално шаренило на Македонија.
На една третина од пратениците пратеничката функција не само што им беше прва функција, туку прва работа, прво вработување, прва плата во животот. Немаше милионери и милијардери, какви што има сега и во Владата и во Собранието, повеќето беа гола сиромаштија. Но тогаш пратениците беа подготвени да гинат, дури и физички, за Македонија, за идеја, за Љупчо и за Бранко, секој за својот.
Сега 30 години подоцна, други се мотивите, парата врти, парата ги отвора собраниските врати. Во тоа наше собрание, кое и денес од своите пратеници и од највисоките функционери погрешно и противуставно се нарекува со термин – парламент. Такво именување не постои во ниту еден правен, официјален документ на македонската држава. Но кому му е гајле за такво формално кршење на Уставот, кога тој, сите овие години, се крши на многу покрупно во практика.
Ако партиите, собраниските лидери, власта, не најдоа за сходно да ги одбележат, макар со два-три збора деновите на првите повеќепартиски избори пред триесет години, би било голем срам тоа да се случува со датумите што следуваат во наредната 2021 г.
И покрај политичките неизвесности, партиската драстична поделеност, вжештените односите со Бугарија, отпишувањето од Европа, сериозните последици од пандемијата, Собранието, Владата, се должни пред својот народ да си ги почитуваат историјата и актерите во неа, да им оддадат соодветно признание на своите претходници. Држава без континуитет, без почит кон луѓето што дале свој придонес во нејзиниот развој, тешко останува долго на нозе. Низ процеси на заборавање, негирање, компромитирање и омаловажување на сопственото минато и личностите во него исчезнуваат народите.