Хаосот во политиката денес покажува дека демократијата е во неволја и ја влоши реалноста дека нашата демократија може да биде многу помалку безбедна отколку што би сакале да мислиме. И многу од причините за тоа нема да исчезнат кога оваа власт ќе си замине. Зашто поставен е систем што сериозно го еродира фундаментот на демократијата во Македонија и наивно ќе биде да веруваме дека системот може да се врати во нормала во некое догледно време
Колку треба да бидеме загрижени за состојбата на демократијата во Македонија? Изгледа поприлично. Како што треба да бидеме загрижени што власта концентрира преголема моќ поигрувајќи си со Уставот и политичкиот систем на државата. Потценувачкиот однос кон владеењето на правото, правната држава, прегратката со корупцијата и криминалот направи гниењето на државата да оди сѐ подлабоко, дозволувајќи антидемократскиот екстремизам да метастазира. Нашата демократија денес е влезена во спиралата на смртта. Се покажа дека плитките и ограничени умови се фатални за демократијата. Македонската демократија со години се соочува со две маргинално суптилни авторитарни закани. Првата е намерното игнорирање на вистината за демократскиот исход на изборите од страна на губитникот. Па, така, големата лага на политиката денес е дека власта е добиена на легален начин. Ова е „големата лага“ што креира политички амбиент во кој мнозинството граѓани во моментов не веруваат дека живееме под легитимна влада. Страшната иронија на „големата лага“ е дека таа го оправдува уривањето на демократијата заради нејзина одбрана. Втората авторитарна закана е перверзија на правилата на демократијата. Ние сакаме да веруваме дека гласачите треба да ги изберат политичарите, а не обратно. Затоа оваа власт повторно како некогаш ги пишува политичките правила со цел да го зајакне своето практикување на политичката моќ. Сега со европско знаменце.
Инаку, два настана во Македонија го забрзаа падот на демократијата. Едниот е доделувањето на мандатот за состав на нова влада на лидер на партија што ги загуби изборите. И вториот е насилното влегување во македонскиот парламент и она што следуваше потоа. Секој обид да се посегне по власта, како по дефиниција, станува „државен удар“. Нормално, по такви „државни удари“ следуваат одмазда, партиска правда и суспендирање на Уставот на државата.
Зар некој воопшто може да зборува за волјата на македонскиот народ по сѐ што се случи последниве години. Ако ги анализирате двата настана, тоа беа форми на пропаганда на дело. И двата настана беа табу ударни шокови, одиграни на „американски“ начин: едниот да сквернави, другиот да уништи. Денес, по сѐ, веќе е доцна за државата. Се покажа дека поединци со авторитарни пориви се способни на сѐ за да ја задржат власта, без желба да генерираат единство околу суштинските прашања за иднината на оваа држава. Веќе е излишно да докажуваме дека сме биле во право кога сме укажувале на опасноста дека македонската држава не е опремена со заштитни механизми да ги спречи авторитарните тенденции на политичките коруптивни елити. Затоа секои наредни избори ги дочекувавме и ги чекаме во историски темно расположение, со мала надеж, духовно празни, убедени дека погрешниот исход ќе донесе катастрофа. Да, политиката ја изгуби контролата врз демократските институции што требаа да гарантираат дека власта нема да забега. Ако и некогаш политиката ја држеше власта на врвот на економската, политичката и интелектуалната пирамида и ја имаше контролата над јавниот дискурс и демократските институции, помагајќи му на населението да ја разбере важноста на демократските вредности, денес веќе го нема тоа.
Во текот на изминатите четири години стана извесно клише наративот за корупцијата, неспособноста, злобата и автократските нагони на оваа власт. Нејзиниот демократски дефицит и растечкиот авторитаризам ни проектира визија за држава каде што не постои реална политичка сила што е подготвена да му се спротивстави на неуставниот и антидемократски грабеж на моќ. Maкeдонија стана држава со дефектна демократија. Држава на персонализирана политичка моќ, која ги замени формалните и фер процеси со дискрециони одлуки и услуги. Го еродира демократскиот принцип дека сите граѓани – вклучувајќи го и шефот на државата – подлежат на владеење на правото, и дека политичарите вршат делегирана моќ, а не лична желба. Во таков авторитарен екосистем, продолжуваме да живееме, да гласаме, парламентот продолжува да се состанува и додека се прашувате дали навистина постои закана за демократијата и слободните и фер избори во Македонија, имате сѐ поголема акумулирана и неконтролирана политичка моќ, која го дегенерира слободниот демократски избор. Зарем по сѐ што ни се случуваше во изминативе години има уште некој што верува дека во Македонија може да се спроведе слободен и фер изборен процес што одредува кој ќе биде на власт. Јас одамна престанав да верувам во тоа.
Стана болно транспарентно дека платформата на политичката понуда во Македонија е антидемократска и антинационална и дека амбицијата на политиката е да наметне малцинско владеење врз мнозинството, преку изнудени политички концесии што ја дезинтегрираат државата. Затоа беспоговорно и некритички се следи и поддржува саканиот автократ и се прави буквално сѐ за да се дестабилизираат демократските заштитни механизми. Хаосот во политиката денес покажува дека демократијата е во неволја и ја влоши реалноста дека нашата демократија може да биде многу помалку безбедна отколку што би сакале да мислиме. И многу од причините за тоа нема да исчезнат кога оваа власт ќе си замине. Зашто поставен е систем што сериозно го еродира фундаментот на демократијата во Македонија и наивно ќе биде да веруваме дека системот може да се врати во нормала во некое догледно време. За оние што сметаат дека изминатите години со оваа власт беа жив кошмар, нејзиниот пораз можеби ќе донесе чувство на моментално олабавување, несвесни дека оваа власт е повеќе симптом отколку причина за демократската дисфункционалност на државата. Распаѓањето на системот ќе го надживее падот на власта. А поправката ќе биде многу потежок предизвик отколку што може да замисли оној што ќе дојде после.