Најавената посета на нашата земја на германската канцеларка Ангела Меркел, која меѓу другото се совпаѓа со одбележувањето на Денот на независноста, несомнено во дадениов момент е настан од исклучително важно меѓународно политичко значење за Република Македонија, но и пошироко за регионот на таканаречениот Западен Балкан. Со право се очекува оваа посета од највисок државничко-политички и дипломатско-протоколарен ранг, какви што во нашата држава во изминатите 25 години се случувале многу ретко, да предизвика големо внимание и да има запазен одглас во пошироката меѓународна јавност, бидејќи оваа посета е различна и со поинакво значење од зачестените и речиси редовни службени посетите во последно време на највисоките „европски чиновници“ на кои веќе навикнавме. А каков ќе биде одгласот и, уште поважно, каков ќе биде ефектот од посетата на Меркел во земјава меѓу политички хетерогена македонска јавност, ќе се дознае во доцните часови на 30 септември годинава.
Колку неочекувана и ретка, оваа посета исто толку е и потребна и во функција на заокружувањето на завршниот чин од решавањето на едно во суштина ирационално, но практично тешко решливо меѓународно политичко прашање на две соседни држави од вечно немирниот Балкан и, како и секогаш во историјата на овие простори, конфликт со длабоко чувствителни импликации врз геостратегискиот безбедносен контекст на општата меѓународна ситуација и моменталниот распоред на силите на воената карта на овој дел од Европа и светот.
Оваа државничка посета „пар екселанс“ доаѓа во еден мошне сензитивен политички момент за нашата земја, кога се решава нејзината историска судбина и се трасира нејзината иднина, но несомнено има и пошироко регионално значење за натамошната судбина на повеќе големи и мали држави во регионот, заради чии великонационалистички и други интереси во минатото, но и сега во почетокот на 21 век, се воделе или сѐ уште се водат војни и се прекројуваат постојните граници, што претставува грубо и флагрантно кршење на кодексот за непроменливоста на границите во Европа, усвоен кон крајот на Втората светска војна, на самитот на земјите победнички над фашизмот во Јалта на Крим во 1945 година.
Германија сега, по цели 70 години од војната, како земја лидер на обединета Европа, а не како поразена, воено и политички, страна во минатото, виновна за многу сторени зла на една погрешна идеологија и политика, против кои македонскиот народ како дел на европската антифашистичка коалиција се бореше полни 4 години и положи 30 илјади човечки жртви, предводена токму од Ангела Меркел како германски канцелар, прави сериозни напори да го зачува единството меѓу земјите-членки во Унијата и да ја одбрани европската политичка кохезија. Тоа не случајно Меркел го прави токму сега и наспроти упорното американско настојување да го наметне своето разнишано геостратегиско политичко и воено влијание врз Стариот Континент и во светот. Не е никаква тајна дека ваквите пораки во прв ред се упатени и треба да претставуваат закана за другите загрозени интереси во регионот, во чие средиште е и Македонија. Но овој пат Меркел не доаѓа во Македонија за да му се извини на македонскиот народ за нанесената германска историска неправда во една дамнешна војна, туку, веруваме, со искрена намера да му помогне да го најде својот пат од минатото кон иднината и да му овозможи нови современи и демократски европски перспективи. Заради зачувување на нашата човечка доблест и национално достоинство, тоа не треба да го забораваме и во пресрет на Денот на нашата независност и со почит да ја пречекаме и испратиме високата гостинка од Германија.