Додека иднината кречи школки

Некако станува јасно кој е сценаристот. Тоа што ЕУ кажа дека Катица не е СЈО, Жбогар ни објасни дека аферата е реално шоу, а Вилма ни посочи дека во рекетот не се вмешани политичари од власта, не е затоа што некој ги синхронизирал, туку затоа што Путин очигледно стои зад сето ова

Седат Зоки, Кики, Фрики, Боки, Кати, Мујо, Хасо и мали Џокица во реално шоу и си играат „Кој сака да биде милионер“. Влегува Вики, вообичаено сериозна, па строго кажува: Големиот брат одлучи. Зоки, Кики и Фрики го напуштате шоуто. Ќе ви се јави банкарот да си ги подигнете наградите. Боки и Кати, вие сте најслабата алка. Мујо и Хасо, мрш во Босна да си играте пирамида над она гратчето Високо.
А јас? Тоа прашува мали Џокица.
Ти си новиот специјален јавен обвинител. Големиот брат ќе ти објасни кого треба да спроведеш во новото шоу „Џандар збира“.

Фала му на бога, можеме да здивнеме од рекетов. Потоа треба веднаш да се вратиме на она што го правиме најдобро – да блескаме. Инаку, рекетов за малку ќе ни ја помрачеше светлата иднина. Злото исплашено од нашиот неверојатен потенцијал сфати дека ние сме најсилната алка во блескавиот светски поредок, па удри по нас со сето свое оружје. Мрачни сили се надвиснаа над Северџанистан. За среќа тоа сега е минато. Спасот дојде како гром од ведро небо. Се јави Жбогар, навистина се јави. И тој пресече. Сиот овој рекет било обично реално шоу. Тоа нам никој не ни го соопшти кога започна циркусот. Затоа бевме испаничени. Мислевме, отиде блескавата држава по ѓаволите. Сега е многу поедноставно. Откако се јави Жбогар. Тој ни објасни. Факинг реално шоу! Па, што не кажавте, бре луѓе? Всушност, проектот „Рекет“ бил дел од програмата „ЕУ за тебе“. Негови идејни творци се Федерика Могерини и Питер ван Хојте.

Редно време е Северџанистан да почне преговори со Унијата, рекла Могерини. Да, ама прво мора да провериме дали конечно имаат европски менталитет, рекол Ван Хојте. Неколку дена размислувале како да го проверат тоа. Треба да се открие дали кај дел од северџанистанците уште има зависност од вмровските криминали и остатоци дрога во крвта од Путиновата пропаганда. И конечно се сетиле како. Ќе направиме реално шоу, викнала Могерини. Ќе им подготвиме вистинско „Труман-шоу“, крикнал Ван Хојте. И ете, го смислиле. За наше добро. И сега сè е јасно. Ниту некој рекетирал, ниту се вртеле милиони евра, ниту СЈО било вмешано, ниту Катица е во притвор. Кики, Фрики, Зоки и другите споменувани политичари од власта, кои демек биле вмешани во рекетот, биле само дел од сценариото. Сè било обично реално шоу за да се тестираат свесноста и менталитетот на просечниот северџанистанец. Резултатите излегоа одлични. На шоуто паднаа само небањатите сељачишта. Ама тие секогаш имаат нешто конспиративно во главите. За разлика од сверџанистанците.

РУСЈАКОВ!!!
Што е? Што се дереш?
Престани да инсинуираш! Да спинуваш. Да шириш лажни вести. Мудрата изјава на Жбогар, ти ја правиш гротеска.
Самиот Жбогар е гротеска. Како и неговата Унија. Ама ај, океј, признавам, малку забегав. Сакам да ги забавувам читателите. Еве, ќе станам сериозен. Штом Жбогар рекол дека е реално шоу, тогаш е реално шоу. Оти, нели, реалното шоу е за широки народни маси и столови. Исто како пранкерите. А таму кај што имаме пранкери, шоу и Северџанистан, тогаш тука се Вован и Лексус. Што автоматски асоцира на Владимир Путин. Тој, пак, Путин е од Русија. А Русија се буди и заспива со идејата како да го спречи Северџанистан да заблеска во ЕУ и во НАТО. Па, така, полека се наѕираат контурите на заговорот околу сценариово за рекетов. Некако станува јасно кој е сценаристот. Тоа што ЕУ кажа дека Катица не е СЈО, Жбогар ни објасни дека аферата е реално шоу, а Вилма ни посочи дека во рекетот не се вмешани политичари од власта, не е затоа што некој ги синхронизирал, туку затоа што Путин очигледно стои зад сето ова.
Срамота, Русјаков, ти дале шанса во сериозен весник, а ти продолжуваш да се заебаваш!

Па, реално шоу, некако е нормално човек да се заебава, нели?
Не, не е нормално. Ова веќе не е режим. Излези од вмровската матрица. Сега сме сериозни и блескави. Растат плати. Се асфалтираат патишта. Судството е брзо, ефикасно и правдољубиво. Бројчаникот работи како споулавен. Се враќаат парите кај граѓаните. СЈО ги чешла криминалите на режимот. Тоа што мрачни сили се обидуваат да му наштетат на ова блескаво обвинителство, еден ден ќе си пропее Мицковски. Инвеститори се тепаат да влезат кај нас. И тоа не инвеститори како Субрата на Грујо, туку сериозни бизнисмени со моќни биографии. Русјаков, ме слушаш ти мене? Што правиш, човече?

Се опуштам. Надвор иднината кречи школки. Па ги прекречува. Безбедноста е на највисоко можно ниво. Проектот „Полицаец покрај секоја шахта“ ме натера конечно да го почувствувам европскиот менталитет на оваа држава. Сега некако природно ми доаѓа да го завртам погледот кон светот. Кон Европа. Каде што европскиот менталитет е во опасност да биде суспендиран. Ене, Кралицата на Империјата, по барање на Борис Џонсон, инаку премиер, дозволи да се укине британскиот парламент. И тоа цел месец. Си мислиш случајно се поклопуваат термините. Монархија не е далеку од режим. Тие се нарекуваат Империја, ние тука, за време на режимот, си имавме „Империја“. А и Борис Џонсон. Не можеш да ми кажеш дека Борис е нормално англиско име. Па, од Месечината се гледа дека Борис Џонсон е потомок на Борис Годунов. Очигледна руска подметачина. Среќа што во ЕУ има човек како Јоханес Хан. Сега ќе им отиде на Британците и ќе им спроведе малку балкански методи. Во меѓувреме активистите на Сорос ќе ѝ ја сечат главата на Кралицата. Убеден сум дека Брисел размислува да им спакува едно СЈО. Сум чул дека подготвуваат некоја опасна обвинителка. Се вика Кејти Џејн. Бесмислено и диктаторски е да суспендираш парламентот кога можеш преку Кејти Џејн да им вршиш рекет на оние пратеници што сакаат брегзит. И оп, под притисок, рекет и уцена гласаат против брегзит. Мислам стварно е глупо да суспендираш парламент кога можеш да суспендираш волја на граѓани изразена на референдум.
Инсинуираш, Русјаков, инсинуираш.

Воопшто. Ме заболе за Британија. Искрено. Може истовремено, ем Сорос да ѝ сече глава на Кралицата, ем Борис Џонсон да суспендира парламент, ем Британија да остане во ЕУ. Смислата за хумор нека им преживее, Империјата слободно нека оди по ѓаволите.

Ајде, ајде, пак си ја тераш водата на своја воденица. Еј, што ти е тоа?
Ништо бе. Ја видов воденицава што ми ја внесе во колумна, па ѝ акнав знаме со сонцето од Кутлеш. Види сега како ја личи.