Договор за приближување или за соединување со Бугарија

Ако се повика искуството со јазикот на историјата, ако веќе од највисоко ниво се претерува со споредби, може да се каже дека Бугарија сака да изведе ресетиран, модерно обликуван „аншлус“, што во превод значи присилно приклучување, присоединување на туѓа територија, поим што ја означува анексијата на Австрија од страна на Хитлеровата нацистичка Германија, на 12 март 1938 година. Она што не им успеа да го постигнат со окупацијата во времето од 1941 до 1944, се обидуваат да го остварат во денешни меѓународни околности, многу поповолни за нив одошто за Република Северна Македонија како новоименувана држава. Тие ја користат својата силина знаејќи ја македонската слабост

ПРЕСУДНАТА БУГАРСКА ОФАНЗИВА – НИ ПРВА НИ ПОСЛЕДНА

Македонско-бугарските односи се ставени во мирување, но не се запрени, иако се сериозно погодени од бугарското вето и одлуката на Европската Унија да не прифати почеток на преговори за прием на Македонија во нејзиното членство. Речникот навидум се потсмирува, тврдите ставови подомекнаа, но суштински не се променети ни за милиметар. Односите сѐ уште ниту може лесно да се објаснат, ниту лесно да се толкуваат, особено што во еден дел се затскриени и што постојат сомневања дека освен јавниот Договор за пријателство и соработка, постои некој таен анекс, форма на договарање за која бугарската дипломатија има историско искуство.
Прашање на време е кој и кога ќе собере храброст да каже што е вистинскиот спор, на што се сопнаа преговорите, која била нултата точка да дојде до нов заплет наместо очекуван расплет. Сигурно не се во прашање договорените правни, економски, финансиски и трговски услови, заедничките инвестиции, културната и туристичката размена, транспортните врски и комуникациите, инфраструктурните проекти, царинските олеснувања и слободното движење на стоки, услуги и капитал. Зад ѕидот на тие неоспорни прашања од заеднички интерес на двете држави се тркала нешто мистично, недофатливо за обичните и недоволно информирани посматрачи.

Заплет наместо расплет

Од она што досега е јавно пласирано, може да се подготви еден скромен осврт, со укажување на нотираните недоразбирања и причините за новото загризување од познатото јаболко на раздорот. Како што е познато во основа, темелот на градење на новите македонско-бугарски односи е Договорот за пријателство, добрососедство и соработка, потпишан на 1 август 2017 година во Скопје, меѓу претседателите на владите Зоран Заев и Бојко Борисов. Токму тој договор претставен како надежен сериозен исчекор за перспективите на граѓаните на двете држави ја крена високата брана тие перспективи да бидат запрени и исправени пред неизвесна иднина. Во неговото свесно или несвесно погрешно читање или толкување може да лежи поводот за непријатните офанзивни напади од бугарската политика и невештата одбрана од македонската политичка елита, особено при самото избувнување на спорот. За тоа, секако, придонесува и речиси полуписмената правна форма во која е напишан.
Колку што може да се процени, македонската страна го набљудува и прифаќа (или би требало да го прифаќа) Договорот како проект за приближување на двата народа, додека бугарската него го сфаќа и турка како процес за соединување на истите тие. Барањето за исправање на наводните историски грешки на македонскиот народ во последните 120 години, ултиматумите за признавање негови бугарските корени, непризнавањето на самобитната генеза на Македонците, на нивниот јазик и писмо не може никако поинаку да се оквалификуваат освен како повик за ребугаризација и асимилација на македонскиот народ и негово елиминирање од мапата на народите. Во суштина, тие настојуваат да си докажат себеси и на Европа дека станува збор за еден народ во две држави, за еден јазик од Варна до Шар Планина, за потребата од враќање на заблудената овца во некогашното стадо.

Политичко-дипломатски „аншлус“

Ако се повика искуството со јазикот на историјата, ако веќе од највисоко ниво се претерува со споредби, може да се каже дека Бугарија сака да изведе ресетиран, модерно обликуван „аншлус“, што во превод значи присилно приклучување, присоединување на туѓа територија, поим што ја означува анексијата на Австрија од страна на Хитлеровата нацистичка Германија, на 12 март 1938 година. Она што не им успеа да го постигнат со окупацијата во времето од 1941 до 1944, се обидуваат да го остварат во денешни меѓународни околности, многу поповолни за нив одошто за Република Северна Македонија како новоименувана држава. Тие ја користат својата силина знаејќи ја македонската слабост. Дека горенаведените реченици не се претерана реторика или плод на неосновани заговори потврдуваат изјавите на Илијана Јотова, потпретседателка на Република Бугарија, која во неколку наврати отворено искажа претензии за припојување на територијата на Македонија како крајна цел. Сигурно дека нејзините изјави не се различни од ставовите на нејзиниот шеф, претседателот Румен Радев.
Може да се рече дека ова не беше ниту прва ниту последна бугарска офанзива за постигнување на тие цели, за оживување на границите од Санстефанска Бугарија и за реализација на голема Бугарија, со територијата на Македонија во неа. Како што се знае, на таа лизгавица Бугарија има изгубено две-три војни. Доколку не им успее и овој пресуден насилен обид во мир, доколку не ја добијат оваа политичко-дипломатска војна, станува јасно дека ќе биде завршен нивниот сон за голема држава, дека засекогаш ќе биде затворено македонското прашање на нивна наводна национална штета.

Во таквите амбиции не е исклучено да имаат поддршка и од други земји, нивни европски поранешни и сегашни сојузници, иако македонската страна се труди тие нивни поволности да ги минимизира, да не ги соопштува оние држави што не се против Македонија, но се на страната на Бугарија и кои поддржуваат конечно решавање на македонското прашање преку создавање големобугарска држава. Иако навидум спротивставено и невозможно, иако таков навестен епилог би бил повод за нови балкански војни, Европа заедно со Соединетите Американски Држави располага со инструменти тој проект да го протурка низ разни дипломатски и недипломатски постапки, со притисок врз Македонија да попушти. Може да се разработат сто и еден начин народот, признаен како посебен по 1944 година, да се убеди дека припојувањето кон Бугарија е најдоброто решение за неговата стабилна и сигурна иднина. Несомнено дека и во сама Македонија има сили што би поддржале и би афирмирале еден таков меѓународен проект, потпирајќи се и на бројката од 88 илјади Македонци бугарски државјани и на политички личности со компромитирана биографија, со сомнително национално потекло и со антимакедонски ставови.

Заедничката историја не е иста историја

Главните бугарски поенти се вртат околу историјата, идентитетот и јазикот. Иако македонската страна упорно истакнува дека за нив не се преговара, секој може да види дека во нив лежи клучот на спорот што трае најмалку 70-80 години, дека тие се трите главни потпори на кои се засноваат барањата на актуелната бугарска политика (и наука). Меѓутоа, она што е најчудно, ниту еден од наведените услови не е назначен, не е ни формално ни таксативно утврден во Договорот за добрососедство. Како крунски факт за нивните позиции околу историјата се зема параграфот 8 од преамбулата на Договорот, која гласи: „Имајќи ја предвид заедничката историја, која ги поврзува двете држави и нивните народи’’. Овој параграф, ако не постои некој друг таен договор, сам по себе не значи ништо, никого на ништо не обврзува. Имајќи ја предвид „заедничката историја“ во Договорот никаде не пишува, ниту пак може да се асоцира дека таа е во целост иста историја и дека како таква треба да биде толкувана, користена и злоупотребувана.
Прашањето за историјата во Договорот се третира само на уште едно место, во членот 8 (осум) од Договорот, член што е посветен на поттикнувањето на активната и непречена соработка во областа на културата, образованието, здравството, социјалната грижа и спортот, а не посебно на историјата. Во параграфот 2 (два) на овој член се наведува дека „во рок најдоцна до три месеци од влегувањето во сила на овој договор, за продлабочување на заемната доверба, двете договорни страни ќе формираат Заедничка мултидисциплинарна експертска комисија за историски и образовни прашања, на паритетна основа, за да придонесе за објективно и засновано на автентични и на докази засновани историски извори, научно толкување на историските настани. Комисијата ќе поднесува едногодишен извештај за својата работа пред владите на договорните страни“. Во третиот параграф се нагласува дека двете договорни страни ќе организираат со заемна согласност заеднички чествувања на заеднички историски настани и личности, насочени кон зајакнување на добрососедските односи во духот на европските вредности. И толку. Нема рокови, нема условувања до кога и на кој начин комисијата треба да ги заврши тие задачи.
Горенаведените реченици се буквално наведени цитати од Договорот од 2017 година. Ако се чита нормално, без емоции, без задни намери, без националистичка патетика, без леење солзи за минатото, јасно се гледа дека нема речиси ништо спорно, ништо неостварливо. Ниту еден елемент онака како што е напишан не би требало да предизвикува недоразбирања и кавги. Вака како што е напишано, Договорот би го потпишала која било влада на Македонија, кој било политичар. Сигурно дека истиот тој би се држел до него и не би барал никакви други анекси, нонпејпери, специјални емисари, странски медијатори, освен ако нема жилава упорност и волја работите да се исправат, да се изведат на вистинскиот пат, без штета на македонските национални и државни интереси.

Нема промена на позицијата или-или

Иако навидум се чини дека бугарската страна бара дупка во водата, иако тонот на размена на изјави и соопштенија е спуштен неколку октави надолу, ситуацијата во односите меѓу двете држави е мошне затегната и комплицирана. Обидите на македонските власти и на нивните медиумски поддржувачи неа да ја минимизираат, да ја релативизираат и да ја обојат со меки бои се со најдобри намери, но сосема е јасно дека тоа нијансирање нема да ја промени црно-белата позиција на Борисов, Захариева, Каракачанов, на бугарската политичка номенклатура. Ниту еден од нив нема да го промени изнесеното мислење дека Македонците се измислена нација по 1944, дека македонскиот јазик е бугарски дијалект. Во овој момент и во блиска иднина таквите очекувања може да бидат македонски илузии.
Сегашното бугарско раководство не води сметка само за некаков успех на наредните избори, не е тоа главната оска околу која се врти нивниот политички опстанок. Тие, заедно со нивната наука, сакаат да остават историска трага, да одиграат херојска улога и да останат запаметени како наследници на империјалистичките претходници што крвавеле за македонската земја, за враќање во свои прегратки на заблудените браќа на исток од нивните граници. По вселенската залетаност, нивниот неуспех околу Македонија ќе ги стави на столбот на срамот во бугарското општество.
Тие сами се доведоа во ситуација или-или, стратегија што ѝ ја наметнаа на Македонија – или Бугарија и Европа, или смрт. Во тие рамки, македонската политика можеби треба да го готви планот да го оствари она што засега изгледа невозможно. Македонските намери се добри, позициите на позицијата и на опозицијата, барем по ова прашање, се приближни, ќе видиме што ќе покажат делата. Дијалогот ќе продолжи, довербата тешко ќе се врати.

[email protected]