Нормално, македонскиот народ е исцрпен и од сопствените и од туѓинските авантури, па секако дека нема да влегува во непромислени потези што може да доведат до нова и уште поголема национална катастрофа
Ивица Боцевски
Извориштето на сите проблеми со кои сега се соочува Македонија, на внатрешен, на регионален и на меѓународен план, е Преспанскиот договор. Тој беше замислен како конечен мировен договор, но единствена конечност на оваа спогодба е тоа што со нејзиниот потпис ѝ беше одземен сиот мир на Македонија и Македонците си го изгубија својот единствен дом.
Оваа седмица македонската јавност е вознемирена поради новото бугарско вето за почеток на македонските преговори со Европската Унија. Нормално, како и при секој шок или при секоја контроверзија во јавноста излегуваат најразлични толкувања за мотивите на Бугарија и за позициите на клучните меѓународни играчи, но суштината на бугарското вето лежи исклучиво во Преспанскиот договор и во последиците од непромислениот влез на актуелното македонско раководство во таа авантура, која го загрозува самото постоење на Македонија, ја поништува македонската независност и цели целосно да го избрише посебниот македонски идентитет, онака како што го замислуваат Македонците.
Но да појдеме од почеток. И покрај сите историски катастрофи, буквално кај секој тукашен народ, отровниот национализам не само што не е мртов туку тој е во темелот на секоја балканска надворешна политика.
Потпишувањето на Преспанскиот договор, со газење на сите црвени линии што беа грижливо и консензуално исцртани од сите македонски влади, им ги потврди тезите на сите злонамерници дека македонскиот идентитет е лажен, вештачки и измислен, дека Македонците се „аморфна маса“ и немаат изградено своја национална свест, па само дополнително се повампирија сите соседни најгнасни шовинизми, кои се стратегискиот столб на секоја балканска надворешна политика. Па, така, „конечната спогодба“ доби бесконечни анекси, со кои грижливо и трпеливо се бришат сите атрибути на македонската државност, еден по еден, но и се рушат сите потпорни столбови на посебниот македонски идентитет. Таа низа вчера продолжи со бугарското вето и со злокобните намери на Али Ахмети за промена на сите државни симболи. Но има ли подобар пример колку е нарушен македонскиот суверенитет од грчките протести поради името Фудбалска федерација на Македонија, употребата на името Македонија од спортските коментатори на Македонската телевизија, па сè до објавата на Заев на социјалната мрежа Твитер каде што беше спомнат „македонскиот фудбал“. Треба ли уште појасен доказ дека Македонија е доведена во потчинета положба?
Толкувањето на Преспанскиот договор не укажува на тоа дека било решено само едно лингвистичко недоразбирање помеѓу Македонците и Грците. Реализацијата на оваа спогодба оди во чудовишната насока дека на Балканот е формирана нова држава – „Северна…“, со нов национален идентитет што допрва треба да биде испишан и определен. За жал, такво е и толкувањето на Преспанскиот договор од актуелното раководство предводено од Зоран Заев.
Тој ја смисли синтагмата „мојот мултиетнички народ“, тој нагласено ја употребува „Северна…“ секаде каде што ќе стигне, интелектуалните перјаници на „Северна…“ им порачуваат на соседите да го прифатат „новиот идентитет“ на нашата држава, а Али Ахмети завчера зборуваше дека веќе била договорена нова химна, како и ново знаме и грб на државата. Сето тоа се само имплементации на анексите што произлегуваат од Преспанскиот договор, експлицитни или имплицитни, премолчено или сериозно разработени во некоја тајна спогодба.
Намерата на Али Ахмети е и повеќе од јасна. Актуелните државни симболи се последниот државен атрибут на илинденска и асномска Македонија, онаква каква што ја замислуваат Македонците и каква што има целосен легитимитет од македонскиот народ. Инсистирањето на некакви нови симболи, прифатени од сите заедници, етнонеутрални и консензуални, наместо да создаде интеграција околу новите државни белези, само ќе потврди дека некогашната Македонија конечно целосно се преобразила во провизориумот наречен „Северна…“ (синот на првиот претседател на независна Македонија, Владимир Глигоров, инаку дел од либералните кругови на великосрпскиот национализам прв ја нарече Македонија „провизориум“). Како и сите безлични химни, знамиња и грбови, наметнати од „меѓународната заедница“ низ Балканот, тие нови симболи наместо сечии, ќе бидат ничии, а посебно ќе бидат омразени и отфрлени од Македонците, кои се мнозинско население во земјата, па дополнително ќе се усложнат проблемите и уште подлабоко ќе се поткопа легитимитетот на македонската држава. А колку Македонија е порелативна како творба, толку е поблиску реализацијата на сништата за некои балкански големи држави (суштина на политиката на Али Ахмети и на ДУИ сиве овие години).
Од истите позиции поаѓа и Бугарија во својата нова офанзива кон Македонија. Покојниот бугарски историчар Божидар Димитров, инаку идеен творец на оваа старо-нова бугарска стратегија кон Македонија и Македонците, во една пригода дури и кажа дека „Бугарија ја добива третата балканска војна“. Едногласната Декларација на бугарското Собрание, најновиот став на БАН за македонскиот јазик и јасно искажаната платформа на бугарскиот дел од меѓувладината историска комисија имаат цел Македонија официјално да признае дека корените на македонскиот народ се бугарски и дека македонскиот јазик е само една од двете службени норми на стандардниот бугарски јазик. Нема ништо ново во бугарската политика кон Македонија.
„Заграбувањето на цела Македонија од Бугарија или барем нејзината поделба помеѓу Бугарија и Србија со присоединување на поголемиот дел од Македонија кон Бугарија – ете го идеалот на бугарските националисти“, коментира Крсте Петков Мисирков во 1914 година. Токму тука лежат стравовите на Македонците дека Заев ќе влезе во нова непромислена авантура што ќе го трасира патот за поделба на Македонија по етничка линија, помеѓу идната санстефанска Бугарија и идната голема Албанија.
Затоа не треба да изненадува отпорот на македонскиот народ кон Преспанскиот договор. Македонците си ја сакаат својата Македонија, илинденска и асномска Македонија, отворена, мултиетничка, мултирелигиозна и мултијазична, но наедно и национална држава на македонскиот народ, последно парче земја на Земјината топка каде што се негува македонската култура, каде што македонскиот јазик е службен јазик и каде што Македонците од сите меридијани се секогаш дома и се секогаш добредојдени. „Северна…“ е целосна негација на Македонија, онаква каква што отсекогаш била сонувана, замислувана и градена од Македонците.
Затоа и современиот судир во Македонија не е политички и идеолошки, туку е суштински и национален. Од една страна е визијата на Заев за изградба на „Северна…“ нација, а од друга страна е вековниот стремеж на македонскиот народ за изградба на македонската нација. Отпорот кон „Северна…“ и кон Преспанскиот договор ги дефинира Македонците како нација и е брана кон реализација на чудовишните намери за разградување на македонската држава, нејзина поделба и бришење од географската карта. Нормално, македонскиот народ е исцрпен и од сопствените и од туѓинските авантури, па секако дека нема да влегува во непромислени потези што може да доведат до нова и уште поголема национална катастрофа. Отпорот кон Преспанскиот договор се води во сферата на културата, со употреба на пишаниот, изговорениот и дигиталниот збор, исклучиво ненасилно и мирољубиво, преку отворена и демократска дебата, со употреба на сите механизми на домашното и на меѓународното право и без загрозување на мирот и стабилноста на земјата и на регионот. Оваа одисеја на македонскиот народ низ меѓународните институции ќе биде мачна и исцрпувачка, но едноставно нема друга алтернатива за Македонците да се вратат дома во својата Македонија.