Доверба

419

Велат дека довербата, покрај автентичноста, храброста, карактерот, одлучноста…, е една од најбитните карактеристики на човечкото суштество. За да се стекне, потребни се многу време и многу ситуации да поминат на начин што е претходно договорен. Секое отстапување од договореното значи и губење на довербата, некогаш одеднаш, некогаш малку по малку

Околу стандардите и нивната примена постои некоја непознаница што изгледа како мистерија, и тоа најмногу поради тоа што е мошне непозната област за јавноста. Во оваа колумна ќе се обидам да ја демистифицирам оваа област.
Што е стандард?
Стандард е збирка од правила, усвоени од признаено тело, донесени со кoнсензус низ отворен, транспарентен, балансиран процес и нивната примена е доброволна. Тие во себе имаат вметнато разни одбранбени механизми за заштита на здравјето, околината, сигурноста и безбедноста, ефективноста и ефикасноста, а во исто време ги поттикнуваат индустрискиот напредок, глобалната трговија и се клучна алатка во елиминирање на трговските бариери. При создавање стандард се користат знаењата, искуствата, испитувањата на најдобрите од одредената област.
На меѓународно ниво постојат три организации за стандардизација што се меѓународно признаени, и тоа:
ИСО (ISO) – Меѓународна организации за стандардизација, создадена во Лондон во 1946 г. Вкупно 24.217 стандарди, 167 земји-членки и околу 40.000 експерти;
ИЕЦ (IEC) – Меѓународна комисија за стандардизација, создадена во Лондон во 1906 г. Вкупно 10.000 стандарди, 173 земји-членки, 20.000 експерти;
ИТУ (ITU) – Меѓународна телекомуникациска унија, создадена во 1865 г. Вкупно 20.000 експерти, 193 земји-членки и околу 900 универзитети, меѓународни и регионални организации.
На европско ниво исто така постојат три организации за стандардизација што се меѓународно признаени (тие се пандан на меѓународните), и тоа:
ЦЕН (CEN) – Европска организации за стандардизација, создадена во 1961 г.;
ЦЕНЕЛЕЦ (CENELEC) – Европска организации за стандардизација во областа на електротехниката, создадена во 1961 г.

Овие две организации, ЦЕН и ЦЕНЕЛЕЦ заедно имаат околу 200.000 експерти. Нивното седиште е во Брисел и имаат заеднички менаџмент-центар.
ЕТСИ (ETSI) – Европски телекомуникациски институт, создаден во 1998 со седиште во Софија Антиполис, Франција. Вкупно 65 земји-членки, околу 900 универзитети, меѓународни и регионални организации.
Е сега, зошто ги спомнувам овие организации. Тие се тие што го управуваат целиот процес околу создавањето на стандардите и ги опфаќаат сите области. Експертите по барање на заинтересирани страна ги пишуваат стандардите врз основа на одредени испитувања, управуваат со ризиците, ги поминуваат сите фази додека не се усвои како стандард, што е долг, сложен и скап процес (како пример, за создавањето на ИСО 9001:2015 се потрошени околу два милиона долари и на него учествуваа околу 15.000 експерти. Тоа дури и не е стандард за кој се потребни лаборатории, испитувања, работа на терен – за такви стандарди цената оди и неколкукратно повисоко). Самото усвојување е по пат на консензус на сите заинтересирани страни. Експертите и опремата се клучот на сѐ. Експертите се професионалци во својата област, кои имаат големо искуство, знаење и визија. Само во европските тела за стандардизација има околу 200.000 експерти поделени во разни области (машинство, градежништво, екологија, горива, управување со енергија, управување со квалитет, кабли, опрема под притисок…). Покрај тие експерти и горенаведените институции има и домашни експерти и организации за стандардизација, кои исто така можат да дадат свое мислење, со тоа ја штитат позицијата на својата индустрија и на својата држава. (Секоја држава во Европа има само по едно национално тело за стандардизација).
Насловот на оваа колумна е „Доверба“. Велат дека довербата, покрај автентичноста, храброста, карактерот, одлучноста…, е една од најбитните карактеристики на човечкото суштество. За да се стекне, потребни се многу време и многу ситуации да поминат на начин што е претходно договорен. Секое отстапување од договореното значи и губење на довербата, некогаш одеднаш, некогаш малку по малку и е двонасочна.

Зошто да имаме доверба во стандардот?
Затоа што е направен од најдобрите експерти во својата област од целиот свет, кои ги слушаат барањата на заинтересираните страни, кои веднаш откако ќе се појави системски дефект во самиот стандард работат на негово решавање, каде што се користат најновите технолошки достигнувања, менаџирани од институции постари од стотина години (ИСО, ИЕЦ, ЦЕН, ЦЕНЕЛЕЦ, ЕТСИ, ИТУ). Нели е тоа таа двонасочна доверба, каде што слушаш и каде што те слушаат и работат на нивно подобрување. Стандардите ја градат довербата, црпат од искуството во минатото и ја создаваат иднината.
Во наредната колумна ќе се задржиме на европскиот пазар, стандардите, директивите и регулативите.

(Авторот е магистер по технички науки од областа на енергетско машинство)