На сите кои биле и се „Нова Македонија“
„Ако народот беше развит, то би ми воздигнал (не се срама тоа да го река) монумент“. Така пишува европскиот романтичарски гениј, Македонецот Григор Прличев, во едно писмо до охридскиот митрополит Натанаил. Прличев е овенчан со лавров венец на големиот поетски конкурс во Атина, лично од критичарот Рангавис, страв и трепет за тогашните грчки поети. За Рангавис, Прличев е „втор Хомер“ („девтерос Омирос“) во поемата „О арматолос“ („Сердарот“), напишана на брилијантен грчки јазик, иако мајчиниот јазик на авторот е целосно различен од грчкиот и, уште, непризнаен јазик: тоа е само охридско „наречје“. На Прличев му е понудена грчка стипендија за студии во Англија, доколку „се пише“ Грк. Одбива, зашто како и секој Хомеров лик, не може да признае дека е нешто што не е. Следува враќање дома, учителствување, просвета на народот, сиромаштија, жестока борба против елинофилството и бугарофилството и зандани како лавров венец, наместо Кембриџ и Оксфорд. Прличев го пишува писмото до Натанаил на 26 октомври 1875 година. Не можел тогаш да знае дека ако го задоцнел писмото само три дена, за точно 69 години (на 29 октомври 1944 година), ќе му бил подигнат тој „монумент“ за кој сонувал.
Тој ден излегува првиот број на првиот наш дневен весник „Нова Македонија“, а пред некој ден прославивме 76 години старост на тој монумент, што значи и 145 години од желбата на Прличев народот да се просвети и да стане „развит“. За мене токму „Нова Македонија“ е споменикот за кој Прличев сонува, и тоа не од суета, туку од скрб на патриот разочаран од непросветеноста на својот народ. Сите што мислат дека барал „монумент“ од суета нека замислат дека Прличев можел да биде првиот Македонец – не само студент, туку сигурно, имајќи го предвид талентот, и професор на Кембриџ или Оксфорд. Но, тоа го одбил, зашто би морал да се вика Григориос Ставридис. Како и да е, монументот на Прличев е подигнат во 1944-та: „Нова Македонија“.
Но педесет и четири години подоцна, во 1998 година, на власт доаѓаат чизмашите на една чудна партиска камарила (со секоја втора-трета чизма пенчетирана во Софија). Дојдоа на власт со закана дека ќе стават катанец на монументот „Нова Македонија“. И ставија. Тогаш, бироата на повеќемина доајени на македонското новинарство, меѓу кои и она на татко ми Верољуб, беа исфрлени од канцелариите во ходникот. Тоа беше јасна порака дека треба да си одат без борба (татко ми веќе водеше друга борба, со терминална болест). Многумина од избрканите отворија нови медиуми, откако „Нова Македонија“, со сите скапоцености („Детска радост“, неделници, печатница, најбогата документација…), отиде „на барабан“, а нејзината сјајна зграда („паробродот“) беше раскрчмена од фирми блиски до камарилата.
„Бев меѓу вас и не ме познавте“ е најпознатата реченица на Спасителот во православното христијанство. Мала Македонија (иако во Библијата се споменува дури неверојатни 28 пати), кон сите свои големи синови отсекогаш се однесува(ла) како оние што не го препознаа Спасителот. И не само кон големите луѓе, Македонија така се однесува(ла) и кон цели институции. Меѓу нив е и „Нова Македонија“. Голем срам за државата е што овој Прличев монумент, пред налетот на варварите (варварите секогаш уништувале и најмала трага од претходната цивилизација), мораше да го спасува ЕДЕН, благороден човек: за среќа бизнисмен, па уште и продуховен, со очигледни хуманистички и патриотски чувства. Нека се каже јасно (иако тој не сака): господинот Минчо Јорданов е тој што ја спаси „Нова Македонија“. Го зеде монументот „дома“, за да ја зачува историската меморија. Секогаш кога доаѓале варвари, имало такви свесни луѓе што дома засолнувале вредни историски артефакти (статуи, слики, записи), за да се одржи континуитетот на идентитетот. Филозофите велат: она што прво го дефинира идентитетот е неговиот континуитет. Она што е лав, е лав во континуитет, а не претпладне лав, попладне персиска мачка.
Така што, сѐ е добро штом добро заврши со славниот новински бренд. Се зачува дури и континуитетот на легендарните букви на „главата“ на весникот. За континуитетот на квалитетот на весникот, пак, денес се грижат директорот Ратко Лазарески и екипата одлични новинари на весникот, далечни потомци на Прличев. Внимаваат монументот на Прличев и натаму да просветува, а не да западне во сензационализам заради поголем тираж или „потпикување под кожа“ на некој политички силник. И тоа е одлично, но остана прашањето: што ќе се случеше ако во народот немаше еден таков „развит“ човек како Јорданов, кој на своја сметка го зачува монументот на Прличев и на АСНОМ?
Постојат народи во кои тие „развити“ не се исклучоци, како кај нас, туку ПРАВИЛО. За Хрватите, на пример, е незамисливо да се укине некоја културна институција од минатото, без разлика која политичка ориентација доминирала при нејзиното создавање. На пример, денешното ХНК (Хрватско народно казалиште) е создадено уште во 1840 година, под името „Илирски народни театар“, од тогашните просветители-илирци, кои биле југословенски ориентирани, поради тогаш доминантната поширока идеја на панславизмот. Па, сепак, иако ХНК е оформено од „протојугословени“, дури ни на Фрањо Туѓман не му падна на ум да му стави катанец, како што беше ставен на „Нова Македонија“. Или: никој, па ни ХДЗ не ја оспори јазичната кодификација на хрватскиот јазик на Људевит Гај од 1830 година.
Иако можеше, зашто ја имаше како аргумент и критиката на една величина како Крлежа, кој сметаше дека Гај згрешил кога ја избрал штокавштината за основа на хрватскиот јазик, наместо (според Крлежа) побогатите кајкавско и чакавско наречје. Крлежа го обвини Гај дека тоа го сторил како попуштање, само за да можат Србите да ги разберат Хрватите. Или: светињата „Матица хрватска“, основана во истиот период на јужнословенизам, која и денес е под заштита на државата како најстар и ексклузивен хрватски издавач. Таму објавуваат само најугледни автори, и Хрвати и странци. Таа е „монумент“ на хрватската култура.
А наша „Нова Македонија“? Ја есапи ли државата како ПРВ ВЕСНИК и монумент на македонската култура? Зар е таа само рамноправен ПРИВАТЕН медиумски субјект фрлен на пазар со другите?! Тоа е она: „Па ако се способни, нека се изборат за тираж!“ Тоа е доказ дека немаме основна свест за државотворност. Уште се слуша тажното прличевско ноктурно: „Да беше народот развит“, со мала корекција: „Да беа и политичарите развити“.
Ние Македонците мора да сфатиме дека сме се бореле, се бориме и ќе се бориме за Македонија и под ВМРО, и под комунистите, и под фашистите, и под глобалистите, и под капиталистите… И дека сѐ што останало како македонски монумент од таа борба, без разлика која идеологија владеела и која идеја за Македонија била во мода, мора да го чуваме како она едно око на секој стоти војник на големиот македонски цар Самуил. Инаку ќе си останеме слепи. И мали. Ние како да не сакаме да раснеме, па затоа си ги смалуваме нашите големи луѓе и вредности. Но и да смалиш некого, не значи дека ти си станал голем. Зашто, обичен смалувач си, а во тоа нема ама баш ништо големо.