Толку
Најпрвин: за мене, она што се случи со Европа и датумот за преговори за Македонија е нешто најочекувано. За другите, кои се евроатлантски романтичари, е шок. И извор на гнев. За мене, кој бев скептик, а и денес сметам дека Македонија плати превисока цена за прием во НАТО и во ЕУ, овој епилог само потврдува дека жанрот на она што ѝ се случуваше на Македонија, од моментот кога се постави услов да го смени името и да ги испегла односите со Грција, беше – трагедија. Без разлика што сега разочарани челници на ЕУ и на САД даваат изјави дека многу жалат што на Македонија и на Албанија им е направена историска неправда, сепак, сите тие покајнички изјави се само обид во трагедијата да се внесе малку надеж. Но теоретичарите на жанровите знаат дека оптимистичката реплика во трагедијата ја претвора неа во единственото нешто погорчливо од трагедијата – трагикомедија. Нема трагедија со хепиенд.
По неуспешниот обид да се каже „не“ за промената на името на Република Македонија бев разочаран од нашиот главно незаинтересиран народ. Странски јавни личности беа повеќе заинтересирани, па ја потпишаа петицијата на европски интелектуалци. Се слушна слабо народно „не“: требаше да се излезе во 99 отсто на гласање за јасно „не“ со кое нема манипулација. Ѝ понудив на Владата три проекти од областа на културата, а бев нападнат дека сум политички „двосед“. Некои мои драги колеги, писатели и колумнисти ме нападнаа за материјализам, не знаејќи дека не примам плата од факултетот додека го примам хонорарот од проектите. Мојата логика беше: ако веќе сум нападнат дека јас сум тој што со своите ставови ѝ пречи на европска Македонија (и посебно на младите), ќе помогнам таму кај што можам: во културата. Тоа сум го правел и ПОД претходните влади: сум работел секогаш и ќе работам и натаму за културата на моја Македонија, без разлика чија е, како ја викаат и како со неа постапуваат. И затоа, сега не капитализирам, туку велам: главата горе, Македонијо. Треба да бидеш горда, а не скршена. Ќе објаснам зошто.
Умните луѓе знаеја, уште кога беше поставен условот за името, дека Европа нема намера да нè „приопшти“. Кога сакаш да откачиш некого, ти му даваш ветување, ама му поставуваш услов за кој си сигурен дека не може и нема да го исполни. Промената на името беше тоа: не веруваа дека сме толку „храбри“ (како што нè нарекуваа), дека сме толку отворени за пријателство меѓу балканските волци (Грците и Бугарите нас со камен, ние нив со леб) и дека имаме толкава доверба на слепо во нив (и покрај историските факти), што ќе се отвориме како најголеми алтруисти и христијани во надворешната политика (која по дефиниција е егоизам). Ние го сторивме тоа. А тие сѐ уште збунети.
Џон Остин и Џон Серл, татковците на прагматската лингвистика, нè научија дека ВЕТУВАЊЕТО како говорен чин, за разлика од другите говорни чинови (одговорите на прашањата, на пример) воопшто не може да подлежи на тест на вистинитост во моментот кога се дава. Неговата вистинитост се потврдува во иднина. Ветувањето се темели на три нешта: ЧЕСНОСТА на оној што го дава ветувањето, ВЕРБАТА на оној што го прима ветувањето во оној што му го дава, и – рационалната процена дали ветувачот има реална моќ да го оствари ветеното. Третото е неоспорно: Европа има моќ да нè приопшти, кога сака. Второто, нашата ВЕРБА, е неоспорна: ние сторивме сè, дури и наспроти нашите национални интереси да ја убедиме Европа дека не сме националисти ниту шовинисти. ЧЕСНОСТА на Европа падна на испит, како многупати досега. Џон Серл (а не јас), ги нарекува „измамници“ оние што можат, а не го исполнуваат ветувањето. Најчесто поради тоа што немаат интерес. Измамник без интерес е како светец без ореол.
По осамостојувањето на Македонија, Киро Глигоров, кој имаше искуство неспоредливо со искуството на сите тогашни, а и денешни политичари, лансираше еден термин во надворешната политика – ЕКВИДИСТАНЦА (кон соседите). Мислам дека да е жив, би ни рекол: „Еквидистанца, деца!“ Нам, по оваа шлаканица, ни е потребна еквидистанца и кон соседите, но и кон Запад и кон Исток. Тоа не значи самоизолација на земјата. Тоа значи: малку повеќе самопочит и постудени односи со сите. Рацио наместо емоции. Во таа смисла, неделната изјава од кабинетот на претседателот Пендаровски дека и покрај сè остануваме цврсто на патот на евроатлантските интеграции не е еквидистанца. Таа е нешто што НЕ ТРЕБАШЕ да се изговори пред целиот свет, туку само најинтимно да се помисли. Еквидистанцата подразбира малку достоинство: не можеш на оној што само што те претепал (а го сакаш) да му кажеш дека и натаму го сакаш, без разлика што те тепал. Нема да те засака, зашто се сака само она што се почитува самото себеси. Ако го сакаш она што самото се понижува, влегуваш во садомазохистички, а не во здрав пријателски однос.
Затоа, еквидистанца. Тоа не значи „чао Запад, добредојде Исток“. Како што не требаше да биде ни „чао Исток, добредојде Запад“, кога почна целава трагедија со европските тартифи. Тоа значи: полека малку бре, не сме село без кучиња. Па ние сме биле европски шампиони и во спорт и во книжевност и во уметност и во наука кога не сме ни почнале да ја пополнуваме политичката „апликација“ за „прием на Запад“. Или, за да ме разберат политичарите: до едно „да“ од страна на Македонија светот треба да дојде по неколку „не“, или по неколку „да, ама ако веднаш го дадете тоа и тоа“. Пазар. На тоа се темели денешнава светска политика. Пазарот е само интерес, ништо повеќе. Тоа е нивниот јазик, само тој јазик го разбираат.
И да не се лажеме дека предвремените избори се решение по однос на она што се случи со Европа: тие нема да ја сменат Европа, туку (евентуално) Македонија. А по тие избори, повторно да не се лажеме, има само две можности: или да се продолжи лево, или да се продолжи десно. И повторно ќе нема еквидистанца. Изборите нема да ги решат „внатрешните проблеми во ЕУ“, која го користи тој израз како алиби за шлаканицата на Македонија. Европа сè повеќе заличува на сценографија за вестерн-филм: кога минувате по улицата, гледате берберница, шерифска канцеларија со затвор, салун и хотел. А кога ќе погледнете зад кулисите, нема ништо: празно поле. Евентуално салунот има утроба (ентериер), бидејќи таму се одвиваат клучните сцени во кои се решаваат судбините на актерите, меѓу кои и Македонија. Кулиса без содржина. Којзнае колку време ќе им треба да се консолидираат и од кулисите да направат град.
Затоа, кога веќе не можеме да ги смениме неповолните европски ветрови што го нишаат овој наш мал македонски сплав, сè што ни останува е да ги врземе поцврсто јажињата на сплавот, за да не се преврти. Ни останува да направиме ВНАТРЕШНА, а не надворешна држава. Да испечеме наш леб. Да направиме наша економија, каква-таква. Ништо да нè фрлиме, сè да искористиме. Да се откажеме од идејата дека однадвор ќе нè хранат: прво да го ископаме сопствениот двор и да засадиме тоа што може да успева во него. Наместо сега, во братоубиствена војна да се обвинуваме кој е виновен за ова, да ги собереме сите умни глави од економијата, сите наши бизнисмени, кои, ако знаат како се прави личен профит сигурно знаат како да ја наполнат и државната каса, да ги собереме сите наши млади луѓе што сакаат да дадат, а не да земат, да ги суспендираме привремено партиите и да направиме стручно тело за спас на економијата. Политиката привремено нека ѝ остане на Европа, која најавува дека на следната нивна расправа ќе им проработи совеста и дека својата совест задолжително ќе ја стават како точка на дневен ред. Мотиката во рака и секој на своето поле, народе, додека чекаш консензус за европската совест. Толку.