Пред околу три децении, еден мој пријател од Полска ми ја прераскажа приказната што му ја кажал син на советски генерал, заменик на министерот за одбрана на Советскиот Сојуз: Секој ден наутро ќе дојдеше службено возило со прехранбени производи, средства за хигиена и сѐ друго што беше потребно за семејството. Потоа доаѓаше лимузина „чајка“, која го носеше татко ми на работа, а по завршетокот на работата го враќаше дома. Мене и мојот брат на училиште нѐ носеше и од училиште не враќаше службено возило. Доколку мајка ми требаше да оди на фризер, педикир или маникир, и неа ја носеше и ја враќаше службено возило. Еден ден татко ми ненадејно почина. Утрото не дојде возилото што носеше прехранбени производи, не дојде ни „чајката“, ниту возилото што мене и брат ми нѐ носеше на училиште и нѐ враќаше дома. Никој од семејството не знаеше каде се купува леб, млеко, месо и други прехранбени производи. Како да се најдовме на друга планета!
Не е никаква тајна дека високите партиски и државни функционери во времето на социјализмот уживаа големи привилегии. Иако во социјализмот парите не беа оска околу која се вртеше сѐ во државата и општеството и комунистите, сепак, водеа сметка за трошењето на буџетските пари за отворање фабрики, изградба на инфраструктурни објекти, зголемување на платите на администрацијата, пензиите на пензионерите и сл. За нерационалното трошење на буџетските пари се расправаше на партиските состаноци, на кои мошне често, и за бизарни случаи, се изрекуваа строги казни на оние што ги кршеа правилата и моралните норми!
Во времето на социјализмот во социјалистичките земји, вклучувајќи и во СФРЈ, мошне актуелно беше прашањето за службените возила и нивното користење. Повремено се носеа одлуки за намалување на функционерите што имаа право да користат службено возило, но, набргу потоа, бројот на службени возила се враќаше на претходното ниво, па дури и се зголемуваше. Во тој поглед преседан беше направен во Романија. Романскиот лидер Н. Чаушеску реши како службено возило да користи џип АРО произведен во Романија, така што сите партиски и државни функционери беа принудени да се откажат од „мерцедесите“, кои беа распродадени на лицитација, а како службени возила користеа „дачии“, произведени во Романија. Понекогаш и демагогијата може да биде корисна!
Парите во капитализмот се своевиден фетиш. Нималку не е чудно што во демократските земји се води строга контрола над трошењето на буџетските пари! За користење на службените картички за приватни цели, макар и за минимални износи, министри поднесуваат неотповикливи оставки! Во тој поглед како најилустративен пример може да се наведе шведската министерка Мона Салин, која поради користењето на службената картичка за лични потреби во износ од дваесетина евра беше принудена да поднесе оставка, парите ги врати, но, покрај министерската функција, ја загуби и шансата да стане премиер на Шведска! Граѓаните на Израел, покрај другото, знаат колку пари троши нивниот премиер Бенџамин Нетанјаху за сладолед и сметаат дека 200 долари месечно за таа цел се премногу!?
Поради отсуството на демократски традиции и политичка култура во Македонија, нашите политичари, особено оние што се на власт, се однесуваат крајно неодговорно и неморално кон буџетските пари! Покрај релативно големите плати и привилегии, актуелните судски постапки покажуваат дека некои врвни македонски политичари украле огромни износи пари од сиромашните македонски граѓани и ги изнеле во познатите светски перилници на пари. Покрај релативно големите плати, политичарите уживаат и многу привилегии, службени возила, службени картички, репрезентација, тендери, имунитет итн. Кога доаѓа до смена на власта, политичарите што биле на власт, ги губат привилегиите и нималку не е случајно што настојуваат да ја задржат власта по секоја цена и поради спречување на можноста за откривање на криминалот и корупцијата по смената на власта! Колку е фрагилна демократијата во нашиот регион, најдобро е опишано со следната забелешка: „На Балканот власта не се освојува на избори, туку таа се отима!“ Повикот за „ноќта на долгите ножеви“ пред ДИК кулминира со настаните што се случија во Собранието на РМ на 27 април 2017 година!
Познато е дека секоја власт заговара потреба за обединување на нацијата. Актуелниот американски претседател Трамп често потсетува на потребата за обединување на американската нација. Соочен со актуелните немири во Франција, и францускиот претседател Макрон, исто така, апелира за обединување на нацијата. Меѓутоа, треба да се има предвид дека помирувањето и обединувањето, во услови на парламентарна демократија, постоењето на огромни социјални разлики и голема невработеност, се тешко остварливи! Власта е заинтересирана за обединување на општеството зад нејзините политики, додека опозицијата упорно се бори да дојде на власт. Позната е изјавата на поранешниот британски премиер Винстон Черчил дека демократијата е многу лош систем, но дека подобар од него не е пронајден!
Воспоставувањето демократија во земји во кои не постојат демократски традиции и во кои политичката култура на граѓаните е на ниско ниво е мошне комплицирана и тешка работа! Додека борбата за власт во демократските развиени земји се води околу условите за живот и работа на граѓаните, во Македонија, за жал, борбата за власт се води на мошне широк фронт, во кој се вклучени историјата, идентитетските прашања (јазик, нација), геополитиката и слични аспекти, кои дополнително ги продлабочуваат и инаку длабоките поделби во македонското општество. Големо негативно влијание на поделбите во македонското општество имаат медиумите, особено телевизиите. Практично, сите македонски ТВ, секојдневно, освен во викендите, имаат контактни емисии за разни прашања, кои се во функција на континуелна предизборна кампања.
Во овие емисии се јавуваат исти луѓе, платени апологети на водечките македонски политички партии, но и платеници од дијаспората! Очигледно сите овие луѓе имаат можност, за разлика од другите гледачи, да се јавуваат на посебни телефонски броеви, кои им стојат на располагање, и мантраат за политиките на партијата што ги плаќа, постојано дежураат покрај ТВ-апаратите и читаат познати ставови и политики што се подготвуваат во партиските центри за информации, дезинформации, манипулации и лаги! Со ваквите емисии максимално и систематски се продлабочуваат поделбите во македонското општество! Ја користам оваа пригода да апелирам до актуелната власт во Македонија да се зафати со сериозно преиспитување на сите аспекти (особено финансиските) во врска со ваквите ТВ-емисии и да преземе мерки за законско спречување на ваквите контаминирачки емисии! Сум бил на служба во повеќе странски земји, редовно гледам голем број странски ТВ, но досега не сум забележал ништо што би личело на она што го практикуваат македонските ТВ!
На некои странски ТВ се одржуваат повремени дебатни емисии за конкретни теми на кои учествуваат компетентни стручњаци, кои најчесто не припаѓаат на ниедна партија!
Често се прашувам која е причината за исклучително сиромашната понуда на македонските ТВ!? Редовно се фалиме дека сме мошне талентирани за музика (песни и ора), но нашите ТВ-станици редовно пренесуваат ТВ-емисии од соседните земји, особено од Србија. Знам дека многу мои познати редовно гледаат некакви „шареници“, „ѕвезди“, неоткриени и нереализирани таленти „никогаш не е доцна“ итн. Има ли режисер или менаџер во Македонија што би знаел да организира слична музичка или културна манифестација на која би учествувале претставници од земјите од регионот (државите што настанаа по распаѓањето на СФРЈ, Албанија, Бугарија, а зошто да не и од Грција?)
Авторот е поранешен дипломат