Додека сите (не само) на Балканот си измислуваат митови, ние сме шампиони во негирање на нашето минато. Пред Втората светска војна, сите наши дејци, кои во текот на околу еден век живееле во Бугарија, немале друг избор отколку да се пишуваат дека се – Бугари. Денес, под влијание на пропагандата на Софија и на други центри, наши умници заклучуваат дека тие не можат да бидат Македонци и сега дури преговараат со Софија околу нив и тоа на крајно понижувачки начин! Таа е резултат на нашиот поданички менталитет при што имаме свое мислење ама не се согласуваме со истото тоа. Зарем некому не му е јасно дека тие луѓе живееле во Бугарија што никогаш, освен за времето на Димитров, не признавала дека постојат Македонци како одвоен народ, со свој јазик, историја…? Зарем некој не разбира дека во тие времиња да се декларираш како Македонец и со тоа да се удираш во гради значело губење работа, прогон, робија ако не и нешто посурово? Впрочем, сите имале бугарско државјанство, документи, пасоши… во кои морало да пишува дека се Бугари. Биле плаќани од бугарскиот буџет… Исто било и во окупираната Вардарска бановина по Балканските војни, каде што Македонците морале да се пишуваат – Срби и да менуваат име и презиме. Паралелно, едните биле посрбувани, а другите бугаризирани. Сепак, не била коректна поранешната практика кога на местата каде што пишувало дека тие луѓе се Бугари, сме ставале – Македонци. Тоа не смеело да се прави туку требало да се објаснува зошто морале така да се декларираат и зошто немало никаква можност да биде поинаку. Вапцаров, на пример, на многу софистициран начин порачувал: „Оваа земја не е моја земја“.
Во историските анализи мора да бидат клучни времето и условите во кои живееле и работеле тие луѓе. Иако биле Македонци, тие и како учители не можеле да предаваат на македонски јазик ниту во училиштата во Македонија, која била окупирана и народниот јазик бил забранет. Поаѓајќи од горните факти, за нас не треба да има никакви дилеми: секој од нашите дејци, кои живееле и работеле во Бугарија, АКО САМО ЕДНАШ, ВО КАКВА БИЛО ПРИГОДА, РЕКОЛ И СЕ ИЗЈАСНИЛ ДЕКА Е МАКЕДОНЕЦ, ТОЈ МОРА ТАКА ДА СЕ ТРЕТИРА. Присилен, претходно и потоа тој можел 10 илјади пати да се „прогласи“ за Бугарин без тоа да има историско значење. Едноставно, немал друг избор без да си ги загрози работата, животот, семејството… Мора да ни биде кристално јасно дека само тогаш тој ја кажувал вистината, која во сите други пригоди морал да ја крие. Тоа мора да биде нашиот начин на дефинирање на Македонците што живееле во Бугарија. Доволно е само еднаш секој од таа плејада важни и историски личности да си ја откриел душата, да ни прател ишарет кој е и што е, за да немаме никакви дилеми. Немало никаква потреба постојано да се докажуваат. Според американскиот претседател Линколн, клучно правила во немирни времиња и војни е да го присилиш противникот да загине за неговата земја, а не ти за својата. Најважно за нашите дејци во Бугарија било да преживеат бидејќи само така ја продолжувале националната мисија. Сосема спротивно – АКО ТАКА НЕ СЕ ЧУВСТВУВАЛ, НИКОЈ, НИКАДЕ И НИТУ ЕДНАШ НЕ ЌЕ КАЖЕЛ ИЛИ СПОМНЕЛ ДЕКА Е МАКЕДОНЕЦ.
За Бугарите што го игнорираат нашето постоење како народ, нема посилен аргумент од фактот дека „македонското прашање“ е речиси веќе 200 години актуелно, вклучувајќи и денес. Не е можно да нема Македонци, а да има прашање за нив! Во Белград ја читав оригиналната белешка од разговорот на Крсте Црвенковски со Тодор Живков, воден во мај 1967 во Софија. Црвенковски го отворил прашањето, а Живков реагирал со: „А што да правам јас кога половина Политбиро ми се Македонци?“ Македонци, значи, имало ама немало услови да бидат признаени. Тие се етаблирале и во највисоките врвови ама само по целосното бугаризирање. Историската бескрупулозност веќе ѝ донесе одредени резултати на Бугарија, а сега, по многу нешта, работите повторно се одвиваат во нивна корист, а ние не го искористивме периодот кога можеше и мораше нешто да се стори. По распадот на Југославија, САД се подготвени да го затворат „македонското прашање“, со бришење на Македонците и Бугарија прави сѐ за максимално да профитира. Засега успеваат, ама од нас зависи до кога ќе трае тоа.
Многу од врвните македонски дејци живееле и твореле во Бугарија бидејќи македонска држава немало, а, по многу нешта, Бугарите се секако најблиски до Македонците. Таму се школувале, вработувале, создавале семејства… Бугарската држава им го овозможувала тоа, за што заслужува почит ама, истовремено, подмолно и со сите сили се обидувала да ги направи Бугари. Иако средства не се избирале, калкулациите на Софија не се поклопувале со стремежите на големиот број Македонци. Тие, пак, биле свесни дека нивниот македонизам не бил прифатлив за бугарската држава. Затоа, цело време се преправале и криеле и секаде каде што морале да се декларираат пишувале дека се Бугари, а сѐ во обид да ја надитрат државата. Тоа е суштината во која битисувале најголемиот број што живееле во Бугарија. Иако со поинакви димензии, слична е и судбината на Македонците од пиринскиот дел. Историски факт е дека бугарските аспирации кон Македонија и Македонците се вековни, а големото присуство на врвни македонски дејци кај нив било нивна голема појдовна предност за реализација на националистичките замисли. Главен мотив за ваквиот нивен однос биле геополитичките интереси, а не само блискоста на двата народа. Од исти причини, на многу сличен агресивен начин кон Македонците се однесувале и Србите и Грците.
Краток период по Втората свеска војна, во времето на Ѓеорѓи Димитров, Бугарија ја сфати неиздржаноста на своите историски синдроми. Македонците во пиринскиот дел тогаш добија право да се декларираат тоа што се, следено со образовни, културни и други права, а се зборуваше дури и за присоединување на овој регион кон Македонија. Состојбите сосема се променија откако СССР ги прекина односите со Југославија, во 1948 година. Цената на Информбирото ја плати – Македонија. Софија целосно ја промени својата политика и продолжи со неодржливо игнорирање на Македонците и нивно посвојување. Прашање е како ќе завршеше и Граѓанската војна во Грција ако не дојдеше до прекинот со Москва. Голем дел од логистиката за Демократската армија на Грција – ДАГ, која се бореше против владините сили, одеше преку Југославија. Помагаа и Софија и Тирана ама Белград беше клучен. Во тоа имаше и логика и симболика бидејќи сериозен процент од борците во ДАГ беа Македонци од егејскиот дел. Ним им беше ветено дека ќе ги добијат правата што универзално им припаѓаат и тоа беше мотив за нивно активно учество во војната. Во периодот што следуваше, народите на Југославија имаа корист од раскинот со СССР ама тоа беше погубно за интересите на Македонија. Од 1948 година до денес, со политика на негирање на сѐ што е македонско, огромен дел од Македонците во Бугарија е веќе асимилиран. Слично е и во Грција и во Албанија. Сега, на ред за асимилацијата сме ние од поранешната Вардарска бановина. Ако на време не се освестиме, и не се одбраниме, истата судбина нѐ чека и нас.
Очигледно под директива на власта ама и на странскиот фактор, кој ни ја крои судбината, по потпишувањето на капитулантскиот договор со Бугарија (2017), во нашата јавност има анализи, колумни… кои водата ја тераат кон бугарската воденица. Средства не се избираат. Меѓу лидерите е Денко Малески, кој скоро во секој текст, а ги има секојдневно, пишува за македонскиот национализам како причина за проблемите со соседите. На линија на неодржливата бугарска и грчка теза, и тој тврди дека македонската нација е создадена во текот на Втората светска војна. Макар имплицитно, тоа значи дека претходно немало Македонци. Тоа може да биде и некаква „научна“ еквилибристика на авторот дека, демек, некаков (див?) народ можеби имало и пред тоа, што тој не го спомнува како факт, ама во текот на војната истиот тој се „цивилизирал“ и станал нација! Со помош на Тито, се разбира. Поголема глупост, здравје. Впрочем, ако навистина Тито во текот на војната и веднаш по неа „создал“ или „измислил“ македонска нација кај нас, како Малески и нему сличните ќе го објаснат фактот што на попис во Бугарија, во 1956 година, над 180.000 лица се идентификувале како Македонци? И нив ли Тито ги „инфицирал“? Или, им „шепнал“ така да се изјаснат? Интересно би било да се објасни како тие национално се „освестиле“ за време на фашистичка Бугарија?
Да не беше трагично, ќе беше смешно.
За крај, да повториме уште еднаш: како што изгледа, според веројатното американско сценарио, војна на Балканот веќе нема да има, а тоа значи ниту насилно менување на границите. А нас Македонците, откако официјално нѐ разнебитија како народ и нѐ оставија без свои национални институции и симболи, постепено ќе нѐ „освестуваат“ што сме и сѐ повеќе ќе нѐ фрлаат во прегратките на Софија. Тој процес е започнат и ќе тече преку заеднички прослави на историски настани додека албанското обединување веќе никој не може да го спречи. Дали некој во земјава ќе го сфати сево ова и ќе преземе нешто за да се исправат историските грешки, е друго прашање.
авторот е поранешен дипломат