Седумдесет и петгодишнината на весникот „Нова Македонија“ е убав повод да се потсетиме на некои од личностите што дале свој несомнен придонес во нејзината историја, но кои безмалку се заборавени, ретко се спомнуваат и не се вреднувани како што заслужуваат. Таква личност е Анте Поповски, еден од најзначајните творци во македонската литература, врвен поет, кој беше директор на НИП „Нова Македонија“ од 26 јуни 1970 до 9 ноември 1973 година. Периодот на Антевото директорување се години во кои најголемата новинско-издавачка куќа во Република Македонија отвори нови процеси во македонското новинарство, но и години кога македонското социјалистичко-комунистичко општество минуваше низ една од најголемите повоени внатрешни политички кризи.
Иако доктор, со завршен медицински факултет по образование, несомнено дека Анте беше поставен за директор од повеќе причини што одеа во негов биографски прилог: беше високопочитуван и ценет член на неколку републички политички и извршни органи, како и на културни организации. Имаше 39 години и беше вбројуван меѓу најталентираните нови, надоаѓачки политички кадри. Афирмиран поет, познато име во пошироката јавност, човек чии ставови предизвикуваа внимание, не само со суштината на говорот, туку и со поинаквиот стил на изразување. Со поставувањето на Анте, тогашното раководство на Комунистичката партија посакуваше видоизменување на информативниот простор во републиката и тоа преку нов замаец во развојот и содржините пред сѐ на весникот „Нова Македонија“, која беше движечка сила, далеку повлијателна и од телевизијата, која допрва се развиваше. Се разбира тука беа и обврските во средувањето на организациските и административните состојби во куќата, која растеше не само со своето влијание, туку и по внатрешната кадровска бројност.
Ангажманот на Поповски за брзо време резултираше со низа реализирани негови концепциски идеи, со внесување новитети во содржинското, графичкото и техничкото уредување на страниците на весникот „Нова Македонија“, со неколку технолошки обновувања на печатарскиот парк и со прием на нови млади новинарски кадри. Не треба да се заборави неговиот придонес во почнувањето со издавање нови забавни изданија, пионери во информативниот простор, издавани на македонски јазик.
Во уредувачката политика на „Нова Македонија“ од тоа време (весникот чинеше 1 денар) кај Анте може да се констатираат повеќе карактеристични одредници. Тој како директор инсистираше на постепено ослободување од присутните политички стеги, напуштање на административното информирање, модернизирање во пристапот и стилот на новинарските текстови, обезбедување поголема слобода на мислата и говорот, помалку апологетика, повеќе конструктивна, но и одговорна критика, елиминирање на таканаречената „ресавска школа“ поточно голото препишување на партиските документи. Неговото генерално гесло беше не бесмислено фалење на системот и комунизмот (социјализмот), туку критичко посматрање на секој детаљ од развојот и по ризична цена на критика од политичките фактори пречувствителни и на најмала критика.
Општо гледано, нему му беа блиски националните, македонски теми, како во тогашна Југославија така и во рамките на балканските држави, кои ги форсираше на своевиден начин. Покажуваше голема заинтересираност за историските настани и личности дури и во најдалечната историја, за македонизмот што провејува низ целата негова поезија, за самобитноста на македонскиот народ и јазик, за последиците од поделбата на Македонија по Балканските војни, за самостојноста на Македонската православна црква. Таквите теми беа обработувани преку редица текстови и коментари, а особено во специјално пишувани фељтони.
Неговиот став беше дека без широка дописничка мрежа во странство „Нова Македонија“ не може да ја оствари својата позиција на информативен и политички чинител во системот на информирање. Поповски, и како новинар и како политичар, сметаше дека државата, а со тоа и весникот, посебно внимание треба да им посветува на настаните во балканските земји, особено во контекст на македонското национално прашање, што беше негова омилена тема. Водејќи се од тие начела, тој одреди втората страница од весникот да биде со коментари од домашната, македонска и од југословенската политичка сцена, а третата, секојдневно да биде страница со носечко име Балканот денес.
За остварувањето на таа намера, „Нова Македонија“ разви силна дописничка мрежа во сите центри за кои се сметаше дека се релевантни и имаат рефлексија врз македонската политика. Во тој контекст по бројна застапеност, секако, спаѓаат објавуваните текстови за Бугарија и за Грција, земји во кои живее етничко македонско население. Поповски имаше особена наклоност кон темите за нивните права, поточно за нивната обесправеност, неговата поетска визија за Белото Море знаеше да се испреплете со дневните надворешнополитички коментари. Страницата Балканот денес, како и подоцнежните балкански теми од нашите дописници и коментатори, со интересирање биле следени во сите соседни земји, во сите амбасади во Југославија. Според американски искажувања, текстовите во „Нова Македонија“ биле редовно следени во Стејт департментот и врз основа на нив се формирал значен дел од американската политика на Балканот. Таа информација ми ја има соопштено мене лично долгогодишната директорка на библиотеката на Стејт департментот при нејзината посета на Република Македонија и на весникот „Нова Македонија“, по нејзино барање, за да ни оддаде признание за тоа достигнување.
Во времето на директорувањето на Поповски, весникот „Нова Македонија“ го имаше богатиот прилог „Културен живот“ што излегуваше во секој неделен број. (Весниците во тие години излегуваа и во недела). На четири страници се објавувани релевантни информации, литературни, музички, ликовни, театарски, филмски и друг вид рецензии, објавувани се раскази, поетски остварувања, третирани се образовни и научни теми. На тие страници се објавувани есеи, жестоки полемики, анкети, интервјуа со видни творци од Македонија и од Југославија, па и од светот. Кога би се правел регистар на имиња што се појавиле во тие броеви сигурно дека тој би имал многу страници, а меѓу нив ќе се сретнат имиња на академици, нобеловци, доктори на науки, оскаровци, имиња на носители на многубројни светски, југословенски и домашни награди. За одбележување е што и во политичкиот дел на весникот се појавуваат сѐ повеќе имиња и личности, но не само како нивни пренесени дискусии на некој форум, туку како автори на оригинални текстови со сопствени мислења и ставови, појава што не беше карактеристична за претходниот период.
Од денешен аспект гледано, ако се тргнат настрана другите зафати, како новинарска круна на Антевото работење во НИП „Нова Македонија“, како еден од поголемите придонеси за македонското новинарство воопшто и за весникот посебно, може да се оценат неговите десетици коментари. Со нивното објавување во секој неделен број, (што беше ударен ден за весникот), на две колони од првата страница, Поповски, како автор, може да се смета за еден од првите колумнисти во печатените медиуми во Македонија, колумнисти во денешна смисла на зборот. Неговите колумни (тогаш се викаа коментари) предизвикуваа неподелено политичко и читателско внимание, никого не оставаа рамнодушен, читателите ги чекаа со нетрпение. Со колумните на Анте весникот го креваше својот неделен тираж најмалку за третина. Мислам дека нема потреба, за еден творец каков што беше, да објаснувам дека се одликуваа со чиста и силна мисла, со сочен јазик, со понеобичен стил од дневните коментари на другите новинари. Беа навистина „директорски“ и докторски.
Како што кажавме на почетокот, Анте Поповски беше во првите редови на тогашната политичка номенклатура, кадар што допрва требаше да го даде својот придонес во развојот на Република Македонија, со планови да биде насочен и кон највисоки функции на југословенско ниво, пред сѐ во тогашната организација – Социјалистички сојуз на работниот народ на Југославија. Но дојде до сериозен пресврт во политичката сфера и атмосфера, во кадровските распореди и во професионалните и човечките судбини на многу луѓе. Тоа се настаните познати како „пресметка со либерализмот“. Во тој виор, во таа политичка бура се најде и Анте и како политичар и како поет и како слободоумен човек и како директор на најважната информативна куќа во државата. Поврзувајќи ги и ползувајќи ги тие настани во комбинација со некои други поранешни текстови (колумни), објавени од него во „Нова Македонија“, стана цел за отстрел, што се реализира во ноември 1973 година.
Анте Поповски останува една од легендарните личности што биле на чело на најголемата, најмоќна и највлијателна новинска куќа во Република Македонија. Иако во неа беше кратко, остави неизбришливи траги во содржините на весникот, кои сега бледнеат во едвај зачуваните библиотечни архиви. Анте Поповски, според мене, може да се смета и за зачетник на помодерното македонско новинарство ослободено од строгата партиска лексика, тој го посеа семето на современиот израз во текстовите, на нивната колоритност и поинаква стилистика. Таквото тврдење може да се соопшти со радост, но од друга страна, може да се изрази жалење што тој период од неговиот живот не е доволно истражен и проучен. Времињата врват и се менуваат, сведоци сѐ помалку остануваат. Во таа смисла, го молам читателот да го третира ова мое погоре напишано сведоштво само како еден мал, скромен прилог кон Антевата слава во и за весникот „Нова Македонија“.