Кога имате стерилен одговор на политиката кон промените во македонското општество денес, апатична и дезориентирана јавност, очекувајте дека „подземниот“ политички отпор ќе расте и ќе се зголемува. Како поинаку да се изборите со новиот бран
авторитаризам што ни се случува без да ги цените симболите што ја анимираа антифашистичката имагинација од минатото
Откако на спомениците на Александар Велики и на Филип Втори им беа поставени табли на кои пишуваше дека личностите се дел од античката хеленска историја, такви исти табли добија и уште седум други споменици во Скопје и во Битола, кои веднаш беа уништени и исчкртани со црн спреј, со намера да не се гледа ништо од напишаното. На социјалната мрежа Твитер се појави видео од самото уништување на таблите, на кои сега стои само симболот „МК“. Очигледно угнетувачкиот мрак ја зачувува надежта за посветла иднина.
На почетокот на 1942 година, во Лондон се појави книга под наслов „Подземниот европски повик“, од авторот, австрискиот бегалец Оскар Полак. Неговата визија за антифашистичкиот отпор низ цела Европа за време на Втората светска војна комбинираше физички области под земјата – подруми и бункери со тајни социјални простори што отпорот ги окупира над земјата. Поимот за бунт на Полак ја помеша светлината на еманципацијата со темнината на измамата, давајќи галванизирачки мит за „подземјето“.
„Подземјето“ како метафора било моќно средство за политички отпор. Антифашистичкиот отпор претпоставувал невидливост, притајување и напади од сенка. Како што забележува Оскар Полак во 1942 година: „Во најмрачните времиња, само стрмите тунели на подземјето можат да ја зачуваат надежта за посветла иднина“.
Дали прогресивната политика во Македонија почнува да работи во „подземен“ режим? Дали на Македонија ѝ се случува „подземно“ организирање како знак на политички отпор. Дали „подземјето“ станува заштитено засолниште за угнетените во Македонија? Очигледно дека симболот на „подземјето“ споен со политичкиот отпор полека навлегува во меинстримот на младите во Македонија, ширејќи етос на индивидуализам и субјективно самоизразување. Симболот на „подземјето“ (скриеното) се претвора во заканувачка зона на субверзија и ослободувачки простор на политички отпор. Оваа промена на локацијата на отпорот и неговата морална валентност е реакција на авторитарниот режим што брутално ги потиснува јавните прикази на пркос, како што се протестите, критичката мисла и граѓанската непослушност. Во време на изгубени вредности и продадени национални интереси идејата за ваков вид отпор има обновена итност и привлечност.
Младите во Македонија предадени од политиката полека откриваат нов начин на борба за демократија и отпор кон наметнатите промени во општеството. Низ него тие се обидуваат да ги нарушат воспоставените односи на моќ во нашето општество и да ѝ испратат порака на власта дека не прифаќаат решенија за својата иднина под диктат. Во политички процес каде што граѓаните се сведени на консументи, а не партиципиенти, ваквиот тип отпор е нужен за реконструкција на општеството. „Подземниот“ политички отпор е оружје на оние што не можат да си дозволат јавно да се конфронтираат, бидејќи не се доволно обединети да ја издржат репресијата, или немаат доволно ресурси за да се одбранат од моќниот непријател каков што во моментов е власта. Велат дека не мора да бидете слаби за да го користите ова „оружје на слабите“. Вообичаено „подземниот“ отпор може да биде совршено оружје: мрежи на микрорезистенција против мрежи на микромоќ. Затоа не тврдам и не можам да го етикетирам овој вид отпор како „деструктивен“ и „недемократски“, туку како израз на политичка борба што додава нова димензија на матрицата на координатите што го дефинираат политичкиот простор кај нас.
Политичкиот отпор од ваков вид секогаш е во судир со јавноста и прифатената форма на борба за моќ на одредено општество во одреден историски период. Особено е во судир со власта за која конвенционално и опортуно е да го смета овој отпор за деструктивно, недемократско и криминално однесување: кошмар на „цивилизираното“ разбирање на политиката. И сѐ би било во ред доколку во Македонија би имале цивилизирано разбирање и практикување на политиката. Затоа отпорот онака како што го замислиле младите кај нас ја ревитализира идејата на Полак за замисленото „подземје“. „Подземјето“ се раѓа низ метафората што овозможува да се разбие митот за хомогеност во општеството што секој тоталитарен режим се обидува да го спроведе. Да се разбие современиот мит на оваа власт за едно општество за сите што патетично се обидува да го промовира како антипод на концептот за еднаквост на сите во правото.
Кога имате стерилен одговор на политиката кон промените во македонското општество денес, апатична и дезориентирана јавност, очекувајте дека „подземниот“ политички отпор ќе расте и ќе се зголемува. Како поинаку да се изборите со новиот бран авторитаризам што ни се случува без да ги цените симболите што ја анимираа антифашистичката имагинација од минатото.
Не верувам дека луѓе што тренираат магариња и се излежуваат ќе разберат нешто од напишаново, а особено да разберат што му се случува на македонското општество. Од нивните магариња нема да видат како идејата за андерграунд од фантазија прераснува во симбол на слободата и политички отпор кон авторитаризмот, што треба да помогне да ги врати и одржи здравјето на демократијата и виталноста на општеството во Македонија.