Време е да им се вратиме на вистинските вредности, на афирмација на квалитетни луѓе, кои поради напливот на кич и невкус се повлекоа во илегала. Последен момент е на екраните да се вратат „малиот“ човек и неговото секојдневие. Да им овозможиме на
младите да се угледаат на позитивни херои, а не идоли да им бидат сомнителни типови од реaлни шоу-програми
Телевизорот, колку и да се сменети неговата форма и функционалност, со години е неизоставен дел од новогодишната декорација во нашите домови. Непишано правило е доколку новогодишната ноќ ја поминувате дома, во кругот на најблиските, колку и да е убава атмосферата, телевизорот да биде вклучен и да се ѕирка со едното око што има на програмата. А на 1 јануари напладне, барем кај оние повозрасните, со руска салата и кифлички да се гледа евровизискиoт пренос од традиционалниот новогодишен концерт на Виенската филхармонија и да се ужива во изведбата на вечните валцери на познатото семејство Штраус.
А каква беше годинава новогодишната телевизиска програма, го имаше ли неодоливиот вкус на познатите чоколадни топчиња „моцарт“ или повеќе имаше вкус на малку загорена, два-три пати подгревана сарма.
Всушност, новогодишната програма беше онаква каква што со години ни е телевизиската понуда: сиромашна, неинвентивна, направена колку да се рече, на некои телевизии воопшто ја немаше, но не беа заборавени турските серии и на 31 декември и на 1 јануари, а за другите денови не станува ни збор. Ги имаше во изобилство и увезените турбофолк-содржини и емисии, со толку низок квалитет, што е вистинско чудо како упорно им се нудат на гледачите. Најдоброто што го видовме беше новогодишното издание на „Преспав“ на МРТ1, додека некои новогодишни програми наликуваа на пренос од третокласна кафеана со лоша музика, лошо облечени пејачки и несоодветен избор на песни…
„Преспав мјузик хол“, со јунаците на познатиот ситком, единствена современа хумористична серија кај нас, со своите веќе општоприфатени и омилени ликови кај гледачите, кои патем се надарени и за пеење и танцување, понуди допадлив хумор и избор на музички точки што можат да поминат кај телевизискиот аудиториум и со изборот и со формата и со содржината. Но едно збунува, зошто националната телевизија, која е копартнер во проектот, веќе неколку години, „штеди“ на подготовка на сопствена новогодишна програма, користејќи го снимањето на серијата за оваа цел? Патем, МРТ со децении нема шоу-програми, сопствени серии, ТВ-филмови, како и нови патописни емисии, документарци, детски емисии од сопствените редови, а не од оние што се селат од телевизија до телевизија зависно од условите што се нудат. Сепак, на Македонската телевизија сѐ уште може да се видат образовна или емисија за културата, музички емисии за домашната сцена, спортска програма…
Но што е со другите телевизии? Во последно време почна да се одделува повеќе простор за македонска музика, што е за пофалба, но квалитетот на емисиите треба да биде многу подобар и во духот на светските стандарди, во што очигледно заостануваме.
Сепак, факт е дека македонските музичари и пејачи немаат многу простор на нашите телевизии каде што би можеле да ги претставуваат своите песни, а и коефициентот на присуство на домашната музика на ТВ-програмите е многу низок, па затоа тешко и се создаваат нови хитови. На сметка на тоа со години гледаме лоши програми од типот „Ѕвездите на Гранд“, каде што „ѕвезди“ не се младите таленти, туку пејачи во обид, од кои повеќето само служат за засмејување на публиката.
А ако на сето тоа се додаде фактот дека ударните термини со години им се отстапени на политичарите и аналитичарите, односно на „стручњаците за сѐ“, кои уште малку ќе почнат да ни излегуваат и од фрижидер, тогаш повеќе од јасно е кој им го украде шоуто на домашните ѕвезди.
Кој би рекол дека на прагот на 2022 година ќе жалиме по телевизиската понуда од минатиот век. Но никако не смееме да заборавиме дека тогаш бевме дел од поранешна Југославија, а со тоа и од ЈРТ и стандардите беа доста високи. Секако тогаш твореа големи креативци, творци што освојуваа први места на престижни европски и светски телевизиски фестивали, со свои програми, документарци, детски емисии, серии, ТВ-филмови… Постојано се снимаа серии, се правеа интересни репортажи од целиот свет, па и самиот ТВ-дневник, за разлика од денешниот, беше школа за професионализам, правоговор, дикција, изглед пред камерите…
Единственото нешто што денес нѐ поврзува со тоа време се македонските народни приказни, играна серија што и денес се снима, во разни верзии, од страна на разни режисери и глумци, со различен квалитет, поточно неквалитет. Всушност, македонските народни приказни се единствениот игран проект на кој со години се работи во нашите телевизии.
Инаку, во континуитет на повеќе телевизиски канали секојдневно сме преплавени со турски серии, кои, според психолозите, многу лошо влијаат на воспитувањето и психолошкиот развој на децата, а претходно на нивно место беа шпанските и американските сапуници. Домашни серии, освен веќе споменатата „Преспав“, која се емитува веќе шеста сезона, и неколку снимени во претходните две-три години, веќе нема.
А најлошо од сѐ што нудат неколку телевизии кај нас се таканаречените емисии за народот (односно за едни те исти гледачи), кои им се јавуваат на водителите и дебатираат на разни теми, додека на екранот цел час може да се види само водителот како „внимателно“ ги слуша исфрустрираните јавувачи, најчесто пензионери, за чиј вокабулар, во некоја друга пригода.
За разлика од состојбата кај нас, во земјите од регионот е сосема поинаку. Впрочем, со далечинскиот управувач доста лесно можеме да се увериме во емитувањето квалитетна ТВ-понуда, во која често и самите уживаме. Не само што се снимаат голем број серии и емисии на најразлични теми туку тие се многу квалитетни, а политиката, за разлика од кај нас, се пласира онака како што треба, дозирано и со мера. Секако, таму се внимава и на јазикот, на изгледот и харизмата на водителите, на гостите… Па затоа, ако не знаеме како самите да бидеме подобри, принципот е лесен, можеме да видиме од оние што знаат како се прави квалитетна ТВ-програма.
Зошто ни се случува ова и телевизиите ги презедоа нестручни лица, партиски обоени, на кои не им е грижа за нејзината едукативна улога, кои на оваа важна работа ѝ пристапуваат површно, без авторска одговорност? Крајно време е за промени, бидејќи телевизиската програма во една земја секогаш е од национален интерес и во нејзината подготовка на прво место треба да биде – гледачот. Таа мора да има лице и глас на кои луѓето ќе им веруваат. Време е да им се вратиме на вистинските вредности, на афирмација на квалитетни луѓе, кои поради напливот на кич и невкус се повлекоа во илегала. Последен момент е на екраните да се вратат „малиот“ човек и неговото секојдневие. Да им овозможиме на младите да се угледаат на позитивни херои, а не идоли да им бидат сомнителни типови од реални шоу-програми.
Но за да биде така, како и во сите пори на нашето општество и во телевизиската понуда, потребни се свежа крв и модернизирање на програмата, од изгледот на студијата, до она што се случува во нив.
А дотогаш ќе гледаме серии од соседството или од разни платформи, а за темата на филмовите ќе одлучуваме самите. Па ако веќе не добиваме ништо од порано малиот, а сега сѐ поголем телевизиски екран, тогаш само се наметнува прашањето: дали телевизиска програма, каква што во моментот се нуди, воопшто ни е потребна?