Со години слушаме за македонското прашање, но многумина заборавија да нѐ потсетат дека тоа не е решено, ниту затворено. Ова прашање со создавањето на македонската држава во рамките на Југославија беше само „конзервирано“, а со прогласувањето македонска независна држава во 1991 година, Пандорината кутија повторно се отвори. Суштината на целиот проблем лежи во фактот што во грчката и во бугарската држава од памтивек живеат Македонци и нашите соседи не сакаат да ги признаат. Бугарите и Грците се плашат дека доколку еден ден го признаат нивното постоење, ќе се создадат услови за појава на македонски сепаратистички движења, кои би можеле да го нарушат територијалниот суверенитет на нивните држави
Според образложенијата што можевме да ги слушнеме или прочитаме, досегашниот модел на наставата ги учел ученици само на факти и не им овозможувал да ги поврзуваат знаењата од различните дисциплини во основното образование. Затоа се препорачува нов концепт за основното образование. Но не може да се тврди дека е нов затоа што со децении имаме интегриран пристап помеѓу историјата и географијата, барем јас имав такво искуство.
Во основното училиште мојот наставник по географија имаше сличен пристап и историските теми беа неизбежни. Овој начин на настава ми овозможи да научам неколку факти и да поврзам неколку работи. Во училницата се наоѓаше една стара географска карта и наставникот со раката покажуваше кон неа велејќи: „Ова се политичките граници на Македонија“ – посочувајќи ги границите на Република Македонија. Потоа настапуваше „Бекетова пауза“ (оваа пауза може да трае бесконечно и е асоцијација за страдање), по која можевме да ги слушнеме следните зборови: „Но политички и етнички граници не е исто!“ Следното негово движење со раката беше околу границите на историската Македонија, велејќи: „Ова се етничките граници на Македонија, ова се етничките граници на Македонците. Надвор од политичките граници на денешна Македонија живеат Македонци. Треба да правите разграничување помеѓу политичките и етничките граници.“
Некој може да го обвини дека е македонски екстремен националшовинист што има територијални претензии кон соседните држави, но почекајте со заклучокот. Споменатиот професор е Македонец и не е роден во современата македонската држава, туку во Грција. Тој е еден од децата бегалци што најдоа прибежиште во македонската држава. Но неговиот став е одраз и на реалноста, надвор од границите на нашата држава живеат Македонци и тоа е вистината.
И тука е суштината на проблемот за прашањето за новиот концепт во основното образование, барем јас така го разбирам. Некој сака да ги отстрани географските и историските фактите од наставата затоа што децата можат многу да научат. Некој одлучил дека македонските ученици треба да разграничуваат помеѓу географско-историската област Македонија и Република Македонија. Точно е дека треба да се прави разграничување, но тоа не значи дека ние немаме ништо со таа Македонија, дека таа етнички, културно и историски им припаѓа на Грците и на Бугарите. Значи не станува збор за подобрување на образованието во основното училиште, туку за задоволување на апсурдните барања на нашите соседи, кои се во правец за конечно решавање на македонското прашање. Да, решавање на македонското прашање!
Со години слушаме за македонското прашање, но многумина заборавија да нѐ потсетат дека не е решено, ниту затворено. Ова прашање со создавањето на македонската држава во рамките на Југославија беше само „конзервирано“, а со прогласувањето македонска независна држава во 1991 година, Пандорината кутија повторно се отвори. Суштината на целиот проблем лежи во фактот што во грчката и во бугарската држава од памтивек живеат Македонци и нашите соседи не сакаат да ги признаат. Бугарите и Грците се плашат дека доколку еден ден го признаат нивното постоење, ќе се создадат услови за појава на македонски сепаратистички движења, кои би можеле да го нарушат територијалниот суверенитет на нивните држави.
Затоа три децении имаме спор за името и сме сведоци на негирањата на македонскиот јазик, историја, култура итн. Не смее да се заборави дека Преспанскиот договор е во правец на конечно решавање на македонското прашање од грчка призма, а во тој дух е и Договорот за пријателство и добрососедство што треба да го реши од бугарска гледна точка. Затоа потпишувањето на овој договор, каков што е, се покажа како избрзан. Врз основа на овој договорот за „пријателство“ бугарската политичко-општествена елита бара да се откажеме од македонските национални особености и да прифатиме дека сме нација од 1944 година, што е далеку од вистината. Очигледно е дека нашите соседи настојуваат да го решат македонското прашање како што тие сакаат и како што ним им одговара. Затоа Коѕијас говори дека Македонија стана мултинационална држава што создаде нова „нација на етникуми“ (како шпанската), која ја сочинуваат славомакедонци, Албанци, Власи и други. Но оваа формулација не им одговара на бугарските екстремни националисти, тие би сакале оваа нова нација да биде составена од Бугари, а не од Македонци.
Сите ние сме сведоци на еден процес во текот на кој се создава една северномакедонска нација, што би рекол Русјаков – три црти, и „новото“ во образованието е токму во тој правец. Јас така гледам на тоа, а ако грешам можете слободно да ме поправите.
Колумната да ја завршиме со професорот по географија со кого и ја започнавме. Кога почина неговиот татко, професорот се соочи со еден апсурден проблем. Доколку сакате да пријавите починато лице, меѓу другото потребно е приложување извод од матичната книга на родените на починатиот. Но неговиот татко беше роден во рамките на политичките граници на Грција. Професорот замина во родното место и од грчката администрација побара да му биде издаден изводот од матичната книга на родените. Притоа многу јасно им образложи дека не станува збор за политика, дека нема намера со издавањето на изводот да отвора некое политичко прашање, туку дека едноставно му треба за да го пријави сопствениот татко како починато лице. Го добил следниот одговорот од надлежното лице: „Тука е книгата на родени и во неа е запишан вашиот татко. Го разбирам вашиот проблем и сочувствувам, но не смеам да ви го издадам документот затоа што ќе бидам избркан од работа.“ Е господа, ова е Европската Унија во која сакате да нѐ внесете!