Некој, можеби, во тие нови 365 дена гледа и нови 365 шанси да се поврати довербата во силно компромитираните институции, политиката и политичарите. Но со оглед на нивото на кое тие се паднати и на општопознатото правило дека многу тешко се враќа еднаш загубената доверба, едно од решенијата што логично се наметнуваат е актуелните политички елити едноставно да се подмладат, да се заменат со нови личности. А токму тоа и се случуваше речиси во сите активни политички партии во изминативе петнаесетина години. Беа подмладувани, или реформирани, како што некои сакаат да ги нарекуваат тие повеќе или помалку турбулентни и за пошироката јавност видливи процеси. Резултатот е поразителен
Без оглед на тоа како се презентираат и како се читаат резултатите од последните истражувања за довербата на граѓаните во институциите, државните функционери и во политичките партии и нивни лидери, не мора да се биде преголем песимист за да се констатира оти општиот амбиент во земјава, најблаго речено, не охрабрува. И дека сеопштата криза предизвикана од пандемијата на коронавирусот не е единствената причина за тоа. На последниот ден од оваа тешка година, можеби, не би бил преголем луксуз и некаков осврт на поубави теми или предвидување на подобра иднина, но кога се има предвид дека веќе од утре ќе почне одбројувањето на наредните 365 дена и на барем уште толку потенцијално пропуштени шанси, тогаш навистина нема простор за лесни зборови.
Некој, можеби, во тие нови 365 дена гледа и нови 365 шанси да се поврати довербата во силно компромитираните институции, политиката и политичарите. Но со оглед на нивото на кое тие се паднати и на општопознатото правило дека многу тешко се враќа еднаш загубената доверба, едно од решенијата што логично се наметнуваат е актуелните политички елити едноставно да се подмладат, да се заменат со нови личности. А токму тоа и се случуваше речиси во сите активни политички партии во изминативе петнаесетина години. Беа подмладувани, или реформирани, како што некои сакаат да ги нарекуваат тие повеќе или помалку турбулентни и за пошироката јавност видливи процеси. Резултатот е поразителен.
Токму тие „младинци“ успеаја државниот апарат, стопанството и општеството воопшто да ги заплеткаат во партиските, роднинските, клиентелистички и какви сѐ не врски до таа мера што веќе подолго време е оневозможено фокусирање на суштината на клучните проблеми што го парализираат и ќе го парализираат системот уште многу години.
Непотизмот, на пример, во неговата најбанална форма, јавноста можеше да го види на дело деновиве, кога на наградната игра организирана по повод денот на една од општините, наградата, електричен шпорет, ја доби ќерката на градоначалникот. И ниту градоначалникот ниту кој и да е од одговорните во општината како да не гледаше проблем во самото учество на ќерката на градоначалникот во наградната игра, туку уште надмено најавија оти наградата ќе биде донирана. Но зошто да не го направат тоа кога и на највисокото ниво може да се случи милионски владин тендер да го добие близок роднина на ресорен министер, па дури и некој од функционерите, за дебел хонорар, самиот со себе да се советува.
На последниот ден од оваа тешка година, можеби не би бил преголем луксуз и некаков осврт на поубави теми или предвидување на подобра иднина, но кога се има предвид дека веќе од утре ќе почне одбројувањето на наредните 365 дена и на барем уште толку потенцијално пропуштени шанси, тогаш навистина нема простор за лесни зборови
Тука е и сеприсутната корупција, исто како и Државната комисија за нејзино спречување, на која, и покрај тоа што Уставот и законите ѝ налагаат константно да ја следи имотната состојба на сите избрани и именувани функционери, ѝ се потребни посебни планови, програми и работни групи за да тргне да си ја врши работата. Откога на Илинденската ќе се вклучи „зеленото светло“. Исто какво што чекаат и во советите на судиите и на јавните обвинители за да почнат да го прочистуваат ли, проветруваат ли, филтрираат ли… правосудството.
И како за крај на годината, стигнавме и до уште едно владино ветување дека во наредната година ќе има попис и до ултиматумот на лидерот на опозицијата Христијан Мицкоски претходно да се купат 10.000 терминали за земање отпечатоци од прсти. Само уште да каже преку која фирма треба да се изврши набавката, и пописот може да го сметаме за завршена работа. Тоа веројатно ќе биде договорено на некоја од претстојните лидерски средби или на затворена собраниска седница, ако во меѓувреме некому не му текне дека во државава веќе има такви уреди, само треба да се побараат низ институциите. За другите детали, како на пример, за капацитетот на Заводот за статистика, кој и вообичаените, периодични, податоци ги преџвакува со години, во некоја општоприфатена временска рамка да го попише населението и да ги обработи и сумира резултатите, отпосле ќе се зборува. Кога податоците ќе почнат да се толкуваат според желбите и потребите, исто како и гореспоменатите резултати од истражувањата на рејтинзите.
Затоа не треба да се негуваат илузии оти е потребно и можно враќањето на довербата во институциите, политиката и во политичарите. Треба да се инсистира конечно да профункционираат механизмите за нивна контрола, а услов за тоа е општеството да се ослободи од апатијата. Вакцината против коронавирусот е направена и, еве, само што не пристигнала. Вечерва, можеби како новогодишна желба, би можеле да посакаме некој наскоро да направи и вакцина против апатијата.