ЈП „Водовод и канализација“ – Скопје, како општествено одговорно претпријатие, веќе две години континуирано ја поддржува мисијата на СОС Детско село преку реализација на различни активности за поттикнување на индивидуалната филантропија. Овојпат, повторно, со сметките за ноември 2021 година, до сите корисници на услугите на претпријатието се доставува информативен додаток со повик за донирање.
– Корисниците на услугите на ЈП „Водовод и канализација“ – Скопје во информативниот додаток кој е во прилог на сметките за ноември, годинава, имаат можност да ги видат сите новитети и реализирани активности во текот на годината која изминува, но и можност да станат наши пријатели и пријатели на СОС Детско село преку донации за децата и младите без родителска грижа поддржани од СОС Детско село. Имаме можност да ја осветлиме иднината на децата без родителска грижа, вреди да ја искористиме – вели Душко Весковски, генерален директор на претпријатието.
Освен преку информативниот додаток, донациите може да се извршат и преку веб страната на ЈП „Водовод и канализација“ – Скопје, каде што е поставен директен линк до веб страната. Може да се донира и директно на следниот ЛИНК.
– Нашите СОС Пријатели ЈП Водовод и канализација – Скопје и овој пат се дел од новогодишната кампања на СОС Детско село за што, неизмерно сме им благодарни. Во месец декември корисниците преку информативниот додаток во сметката, на лесен и едноставен начин може да донираат и да станат наши СОС Пријатели бидејќи празниците се секогаш поубави во друштво на пријателите.Донирајте и осветлете ја иднината на децата без родителска грижа – порача Јулијана Накова Гапо, национален директор на СОС Детско село.