Министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски, денеска го посети Центарот за обука во Идризово, каде што почна процесот на фазна селекција на пријавените кандидати за полициски службеници по последниот објавен конкурс од крајот на декември минатата година.
– На овој последен јавен оглас се пријавија вкупно 2.964 кандидати, од кои 2.365 се мажи, а 599 жени. Оваа бројка што е далеку поголема од бројката од претходниот јавен оглас, кога имавме вкупно 2.391 пријавен – доволно говори како за евидентниот интерес кај младата популација за полициската професија, така и своевидниот позитивен имиџ што нашето министерство го има меѓу оваа категорија граѓани – кажа Спасовски.
Тој истакна дека ова е добра можност заедно со колегите одговорни за спроведување на целокупната селективна постапка, покрај непосредниот увид во истата, јавноста, транспарентно и одговорно да се информира за сите важни детали и поединости поврзани со изборот на идните, нови полициски приправници.
– Во тој контекст, сакам накусо да ве информирам дека сите овие млади луѓе во рамки на сеопфатниот концепт на проверки ќе минат најпрво физички, а потоа и психолошки проверки, па проверките на знаењата и безбедносните и здравствени контроли, притоа почитувајќи ги и нужните епидемиолошки, односно здравствени протоколи, така што до крајот на месец март, односно почетокот на април веќе ќе биде заокружен цел тој селективен процес со прецизно бодовно рангирање на сите кандидати – објасни министерот.
По ова ќе следи процесот на избор на 660 кандидати кои ќе бидат упатени на основна обука за полицаец, со потпишување на договори за отпочнување на едногодишната обука за полицаец.
– Потоа, преку теоретска и практична едукација во три образовни модули во траење од по четири месеци, како што налага стандардизираната процедура, преку рангирање ќе бидат избрани идните 600 полициски службеници на Министерството за внатрешни работи со кои што ќе склучиме договори за вработување на работна позиција приправник-полицаец, со обврска најмалку пет години да работат во Министерството за внатрешни работи – истакна Спасовски.