Граѓанската асоцијација МОСТ, која ги надгледува изборните процеси во земјата, вели дека не може да коментира дали гласањето ќе биде безбедно од здравствен аспект, бидејќи сепак тоа е работа на здравствените институции, кои треба да ги дадат соодветните протоколи за оваа активност.
– Сепак, ако се анализира нашето однесување во секојдневниот живот откако се појави епидемијата, ќе може да се види дека ние секојдневно се соочуваме со слични ситуации, на пример кога одиме да пазаруваме во продавница. Она што е јасно дека ќе мора да се приспособиме да функционираме со вирусот, и доколку при гласањето се почитуваат сите протоколи, кои ќе бидат дадени од здравствените институции, не гледаме зошто гласањето не би било безбедно – велат од МОСТ.
Од организацијата подвлекуваат дека пандемијата имаше влијание врз спроведувањето на изборите во светот.
– Постојат држави што ги одложија изборите, но има и држави што спроведоа или ќе спроведат избори, како што е на пример Србија, која ќе спроведе избори на 21 јуни. Од сите компаративни искуства може да се заклучи дека е можно изборите да се спроведат доколку се почитуваат безбедносните мерки, а тие се слични на препораките што и досега сме ги добивале и ги добиваме од здравствените институции, а тие се носење заштитна опрема (маски, ракавици); држење соодветно растојание; дезинфекција на гласачите и на просториите каде што се врши гласањето; редовно проветрување на просториите; и препорака за гласачите да носат сопствено пенкало – велат од МОСТ.