Глобалното затоплување значи дека носителите на болести можат да најдат дом во повеќе региони каде што луѓето не се имунолошки отпорни, а системите за јавно здравје веројатно не се подготвени за, на пример, маларија и т.н. денга-треска. Според здравствените експерти, „суровата реалност е дека подолгите жешки сезони ќе го зголемат опсегот за ширење болести што ги пренесуваат комарците“…
Здравствената фела од регионов предупредува на ширење сериозни вирусни зарази поради климатските промени
Болестите што ги пренесуваат комарците, како маларијата и таканаречената денга-треска, сѐ повеќе се шират низ светот, особено во Европа, главно поради климатските промени и глобалното затоплување, кои им овозможија на инсектите да живеат во потопли и влажни услови. Ова е констатација што е заеднички именител на неколку виролози од регионот, кои преку средствата за јавно информирање сакаат да ја алармираат јавноста за здравствените системи превентивно да реагираат, а граѓаните да се информираат и да бидат поподготвени за борба против вирусните инфекции.
Инвазивниот азиски тигрест комарец носител на денга-треска се одомаќинил во дури 13 европски земји
Шпанската професорка и научничка Рејчел Лоу вели дека болестите што ги пренесуваат комарците ќе се шират во следните неколку децении во моментално незасегнатите делови од Европа, Азија, Северна Америка и од Австралија.
– Глобалното затоплување значи дека носителите на болести можат да најдат дом во повеќе региони каде што луѓето не се имунолошки отпорни, а системите за јавно здравје веројатно не се подготвени за, на пример, маларија и денга-треска. Суровата реалност е дека подолгите жешки сезони ќе го зголемат опсегот за ширење болести што ги пренесуваат комарците – предупредува Лоу.
Денга-треската првенствено ги погодува тропските и суптропските региони бидејќи ниските температури во текот на ноќта ги убиваат ларвите и јајцата на инсектите. Но подолгите топли сезони може да ја направат најбрзо распространета вирусна болест во светот, особено во Европа.
Инвазивниот азиски тигрест комарец (Aedes albopictus), носител на денга-треска, се одомаќинил во дури 13 европски земји од 2023 година – Италија, Франција, Шпанија, Монако, Сан Марино, Гибралтар, Лихтенштајн, Швајцарија, Германија, Австрија, Грција, Португалија и Малта, пишува „Гардијан“.
Бројот на случаи на денга-треска пријавени во СЗО се зголемил за осум пати во последните две децении
Бројот на случаи на денга пријавени во Светската здравствена организација (СЗО) се зголемил за осум пати во последните две децении, од 500.000 во 2000 година на повеќе од пет милиони во 2019 година.
– Сушите и поплавите поврзани со климатските промени може да доведат до зголемен пренос на вирусот, при што складираната вода обезбедува дополнителна почва за размножување на комарците. Лекциите од претходните епидемии треба да нѐ потсетат на важноста од процената на идните ризици од болестите што се пренесуваат преку вектор. Важно е да се биде подготвен за непредвидени ситуации. Ако емисиите на јаглерод и населението продолжат да растат, бројот на луѓе што живеат во области со болести пренесени од комарци ќе се удвои на 4,7 милијарди до крајот на векот. Со оглед на сериозноста на климатските промени и неможноста да се спречат, сè повеќе случаи на инфекција и смрт од болести како што се денга-треска и маларија може да се очекуваат низ континентална Европа – предупреди научничката Рејчел Лоу.
Сабиха Есак, нејзина колешка и раководителка на единицата за антимикробна отпорност на Универзитетот во КваЗулу-Натал во Јужна Африка, додаде дека климатските промени исто така ја зголемуваат заканата од антимикробна отпорност.
– Климатските промени го загрозуваат еколошкиот интегритет на живите системи и овозможуваат патогените почесто да предизвикуваат болести. Покрај климатските промени, човечките активности поврзани со растот на населението и транспортот ја зголемуваат отпорноста на антибиотици и ширењето на болестите што се пренесуваат преку вода и векторите на луѓето, животните и растенијата – рече таа.