Министерот за образование и наука Јетон Шаќири најави дека за десет дена МОН ќе излезе со став дали ќе има поместување на почетокот на учебната година од стандардниот термин 1 септември. Најави дека наредната недела пред Комисијата за човечки ресурси ќе ги претстави трите предлози за почеток и завршување на учебната година.
-Ќе бидат вклучени униите на средношколците, но исто така и синдикатите за мислењата да ги слушнат членовите на Комисијата. Мислам дека во рок од десет дена ќе имаме конечен став кој од предлозите ќе биде прифатен – изјави Шаќири одговарајќи на новинарски прашања пред почетокот на Форумот за реорганизација на училишната мрежа.
Првиот предлог до МОН е учебната година да почне како и досега – на 1 септември, вториот е да почне на 11 септември, без пролетен распуст, и да трае до средината на јуни, третиот предлог е да почне на 1 септември, да има пролетен распуст од пет дена и учебната година да заврши во средината на јуни.
Во врска со реакции во јавноста и кај наставници дека во новата наставна програма по предметот Македонски јазик за шесто одделение е изоставена темата за историјата на македонскиот јазик односно дека таа ќе се изучува во погорните одделенија, Шаќири одговори дека до неговиот кабинет не е стигната реакција.
-Но, од овој момент штом има проблем, јас ќе ги повикам. Но на истиот состанок ќе треба да бидат присутни и претставници од Бирото за развој на образование, како институција која ја има предложено програмата за тој предмет – рече министерот Шаќири.