фото: Кабинет на претседателката

Време е да научиме да ги почитуваме разликите, наместо да ги негираме. Време е за нашето очовечување преку градење инклузивно македонско општество, како пристојно место за живот, порача вечерва претседателката на државата Гордана Силјановска-Давкова на свеченоста на доделувањето на признанијата „Абилити Авордс 2025“ (Ability Awards 2025), на која беа наградени поединци и компании што го поттикнуваат и унапредуваат квалитетот на животот на лицата со попреченост.

Во пресрет на 3 декември, Меѓународниот ден на лицата со попреченост, претседателката истакна дека овој ден е потсетник за колективната и индивидуалната одговорност.

– Чест е да се дружиме со оние на кои им се оддава заслужена почит за дострелите, но и морална обврска да си ветиме дека ќе се вклучиме во неопходните промени – истакна Силјановска Давкова.

Таа потсети на обврските од Конвенцијата на Обединетите нации за правата на лицата со попреченост, која го замени застарениот медицински пристап со модел заснован на права, автономија и партиципација.

-Но едно се принципите, а друго реалноста, во која се соочуваме со бројни бариери, несоодветни јавни политики, неадаптирани институции и неадекватна инфраструктура – нагласи претседателката.

 

Вечерва беа доделени награди во повеќе категории.