Фото: ВМРО-ДПМНЕ

Лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски денеска оцени дека Договорот со „Бехтел и Енка“ за изградбата на коридорите е скандалозен по стотина основи. Наведувајќи делови од Договорот рече дека во случај на спор за него ќе биде важечко англо-саксонското законодавство. Тоа, како што изјави Мицкоски, е англосаксонски модел, ние имаме континетален и едниот со другиот се некомпатибилни.

Мицкоски рече дека Договорот го добиле од свиркачи и оти не знае дали е истиот Договор што бараат да биде објавен, но најави дека ќе објавуваат делови, а Владата да демантира ако не е така.

-Во Договорот има елемент кој што вели вака: Законодавстото пред којешто одговара овој Договор е законодавството на Англија и Велс. Го анализиравме Договорот и на „Актор“ и на „Синохидро“. И едниот и другиот се поврзани со законодавството на Македонија. Зошто е тоа важно? Затоа што при спор и арбитража ќе биде важно законодавството на државата во којашто се случил овој проект. За разлика од тие два проекта, за овој проект важечко законодавство при евентуален спор ќе биде законодавството на Англија и Велс. Тоа е англосаксонски модел на правен систем, а ние имаме континетален. Едниот со другиот се некомпатибилни и доколку утре имаме спор, а ќе имаме бидејќи во самиот договор нема цени од тоа што можевме да го видиме за најмалку 30 ставки, тогаш ќе треба да се појавиме пред Меѓународната стопанска организација во Париз и да го водиме тој спор, а тогаш адвокатите од Македонија се неприменливи затоа што законодавството на Македонија не е важечко, туку тоа е на Англија и Веле – изјави Мицкоски, по отворањето на штаб на Градскиот комитет на ВМРО-ДПМНЕ во центарот на Скопје.

За него е спорно и тоа дека, како што тврди, освен во клучните зборови на почетокот на Договорот никаде го нема зборот ФИДИК, меѓународниот стандард по којшто се реализираат меѓународни договори.

Го повика претседателот на Стопанската комора Бранко Азески за кој рече дека организира презентација на Договорот од страна на вицепремиерот Артан Груби, да дозволи и пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ да биде присутна и да го презентира ставот пред стопанствениците. Немаме таква покана и се надеваме дека во текот на утрешниот ден ќе добиеме – рече Мицкоски.

Претходно денеска, деветмина пратеници на ВМРО-ДПМНЕ кои поседуваат безбедносни сертификати упатија писмено барање до премиерот Димитар Ковачевски до нив да го достави Договорот за изградба на Коридорот 8 и Коридорот 10д. Ставот на премиерот е дека Договорот е со одреден степен на доверливост, а увид во него ќе има Јавното обвинителство