Институтот за јавно здравје во извештај за следење на квалитетот и безбедноста на површинските води за капење во Охридското Езеро објави дека приватните куќи долж целото крајбрежје, како и селските населби користат септички јами за комунални отпадни води, кои се празнат на јавните комунални локации, но тоа не влијае на квалитетот на водата во езерото.
Како што се наведува, во село Радожде септичките јами од куќите или директно се влеваат во езерото, или бидејќи се наоѓаат на самиот брег на плажата, тонат во езерото и затоа се негови директни загадувачи.
Во извештајот се додава дека хотелот „Десарет“, автокамповите „Градиште“, „Љубаниште“ и „Ливадиште“, ресторанот „Острово“ и други угостителски објекти во населбата „Свети Наум“, како и туристички населени места од Струга до Радожде, приклучени на фекална канализација која е изградена во 2013 година, но не работи.
Се додава дека има само дробилка за фекална материја, но нема филтер и не се врши хлорирање на отпадните води пред испуштање во езерото, што е директен загадувач на езерото.
Единствениот хотел на овој потег поврзан со колекторскиот систем се хотелите „Макпетрол“ и „Бисер“, се вели во извештајот.
Како потенцијални загадувачи се споменуваат и шанковите поставени на самиот брег на Охридското Езеро односно на самите плажи.